Сторијата за паралелниот увоз на лекови на Менче Атанасова Точи првонаградена на конкурсот „Никола Младенов“ 2017

Менче Атаносова Точи го освои првото место на годинешниот конкурс на МИМ за новинарската награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија со серијалот текстови за сомнителниот паралелен увоз на лекови, објавени на интернет-порталот Нова ТВ. Истражувањето покажува сериозни злоупотреби од страна на институциите, манипулирање на граѓаните, богатење на одредени фармацевтски моќници, носење закони по терк на претходната власт, со образложение дека паралелниот увоз овозможува намалување на цената на лековите.

Втората награда ја доби тимот новинари на БИРН Македонија за истражувањето „Странските инвестиции под лупа“, објавено на интернет-порталот Призма. Новинарите на БИРН и овозможија на јавноста сеопфатен увид во реалната вредност на инвестициите наспроти ветувањата и информациите од претходната влада, како и во неоправданото трошење на огромни суми од државниот буџет за поддршка на влезот на странски инвестиции.

Годинава третата награда ја делат Петар Клинчарски, за сторијата „Изгубени во 1000 преводи“ објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М и Лиридона Вејсели за сторијата „Каде е штабот на џихадистите во Македонија?“ објавена на интернет-порталот  Журнал.

Истражувањето на Клинчарски открива сериозни контроверзи и сомнежи за корупција во постапките за превод на стручни книги од странство, при што открива дека државни средства наменети за преводи на стручна литература се концентрирале во исти фирми блиски до претходната власт. Сторијата на Вејсели, пак, на јавноста и открива ексклузивни информации поврзани со начинот на врбување и регрутација на борци од земјава и она со што тие се соочиле на боиштата на блискиот исток и по враќањето дома.

Комисијата одлучи да и додели пофалница на Славица Филиповска за демонстрираниот исклучителен новинарски израз и квалитетна обработка на сторијата „Колку време ни треба да го уништиме најстарото езеро во Европа?“ објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М.

Оваа година, МИМ по 17-ти пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава.

Деталниот извештај на комисијата која ги разгледуваше пријавените стории е достапен во прилог.

Линковите од наградените стории се прикачени тука.

Фото-галеријата од настанот е достапна тука.