Недоволно ги проверуваме вестите што ги читаме на социјалните медиуми

Четвртина од корисниците на социјалните мрежи (26.3%) кога ќе прочитаат некоја онлајн вест ретко бараат дополнителни информации, 17,2% никогаш не бараат дополнителни информации, а речиси ист број испитаници секогаш бараат дополнителни информации. Нешто повеќе од една третина од испитаниците (38.1%) понекогаш бараат дополнителни информации во други медиумски извори.

Ова се дел од наодите од Истражувањето за навиките на корисниците на социјалните мрежи, што го спроведе Институтот за комуникациски студии во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост - Справување со лажните вести“. Заклучоците од истражувањето потврдуваат дека во земјава постои недоволно развиена критичка свест за проверка на она што ќе се прочита онлајн.

Податоците од истражувањето беа презентираните панел-дебатата „Како да информираш и да бидеш информиран“ што се одржа во Тетово. На настанот беа претставени трите нови проекти за унапредување на медиумската писменост во земјава што ги финансира од Европската Унија.

Понатаму истражувањето покажа дека скоро една третина од испитаниците (29.6%) кога ќе прочитаат некоја вест на социјалните медиуми само понекогаш проверуваат кој е изворот на веста, додека повеќе од четвртина испитаници (26.1%) секогаш го проверуваат изворот. Сличен е и процентот на испитаници кои ретко го проверуваат изворот на веста на социјалните медиуми (24.3%).

Истражувањето потврди дека се уште примарен извор за информирање е телевизијата, за 59,3% од испитаниците, додека преку социјалните медиуми се информираат околу една четвртина од испитаниците (27,4%).

Важно да се напомене дека младата публика е склона кон информирање онлајн, и како што е поголема возраста, така расте и процентот на испитаници кои се информираат преку телевизија. На пример, скоро две третини од публиката од 15-34 години се информира преку социјалните мрежи (59,7%), високи 82% од испитаниците на возраст од 55 до 64 години се информираат од ТВ, а оние над 65 години (пензионерите) уште повеќе – 84,5%.

Прашани кои видови новости најчесто ги следат, испитаниците имаа прилика да даваат повеќе одговори. Политика следат скоро половина од испитаниците (48.7%), забавните новости ги следат 39.1% од испитаниците, додека новостите од полето на економија ги следат речиси третина од испитаниците (34.1%). Машките испитаници најчесто следат вести за политика (25.2%) и спорт (22.9%), додека женските испитаници најчесто следат новости од областа на забавата (23.8%) и политиката (21.1%).

Младите (15-34 години) најчесто ги интересираат вестите за забава, а политика најчесто следат испитаниците постари од 35 години. Значителен е и процентот на испитаници од 15 до 24 години кои следат вести од спортот (23.6%) и културата (17.2%). Економски вести читаат најчесто испитаници од 45 до 54 години – 20.2%. Без разлика на етничката припадност, и етничките Македонци и етничките Албанци најчесто следат новости од политиката. Најголем дел од испитаниците (73,6%) користат интернет дома или на работно место/образовна институција, додека 27,4% не користат интернет. Во однос на возраста, користењето на интернет опаѓа како што расте возраста на испитаниците. Мнозинството испитаници постари од 65 години (84.5%) не користат интернет.

Мнозинството од испитаниците (83%) пристапуваат на интернет преку мобилен или таблет, 41.4% преку лаптоп, додека повеќе од четвртина испитаници (28.1%) на интернет пристапуваат преку десктоп компјутер.  Според повеќе од третина од испитаниците кои пристапуваат онлајн (34.4%) главната цел за која најмногу користат интернет е забава (музика, игри, филмови), за една четвртина од испитаниците (25.2%) главната цел е неформалното комуницирање, а најмалку за информирање (23.3%).  Најмладите (15-24 години) најмногу го користат интернетот за забава (50.9%), исто како и оние на возраст од 35-44 години. За испитаниците постари од 45 години главната цел за која го користат интернетот е информирањето.  Забавата е главна цел кај македонските испитаници (37.5%), додека информирањето кај албанските испитаници (32.6%).

Половина од испитаниците имаат активен профил на Фејсбук (51%), а скоро една четвртина (26.5%) на Инстаграм. Скоро половина од испитаниците (45.5%) одговориле дека немаат профил на ниедна социјална мрежа. Повеќе од третина испитаници (36.9%) на Фејсбук поминуваат помеѓу еден и три часа во денот, повеќе од четвртина испитаници (27.8%) поминуваат повеќе од три часа во денот.  И македонските и албанските испитаници најчесто поминуваат на Фејсбук помеѓу 1 и 3 часа дневно.

Активните твитерџии (26.6%) поминуваат помалку од еден час дневно на овој профил. Етнички гледано, Македонците поминуваат повеќе време на Твитер од Албанците. Една третина од испитаниците кои имаат профил на Инстаграм (36,1%) поминуваат повеќе од 3 часа во денот.

На својот профил на Снепчет повеќе од четвртина испитаници (26.4%) поминуваат помеѓу еден и три часа во денот. Гледано низ етничка призма македонските испитаници поминуваат помеѓу еден и три часа дневно (34%), додека албанските испитаници помалку од еден час дневно (25.7%). Најмалку популарен е Линкдин, само 1% од испитаниците ја користат оваа мрежа.

Понатаму испитаниците кои имаат активен профил на некоја од социјалните мрежи беа прашувани за нивните навики при користење на своите профили. Главната цел за која имаат профил е за контакт со пријатели/семејство за скоро половина од испитаниците (48.8%), додека ист е процентот на испитаници според кои главната цел е забава (20.7%) или информирање (20.7%). Машките испитаници (23.6%) информирањето почесто го одбирале како главна цел, за разлика од женските испитаници (17.5%).

Контактот со пријателите и семејството за разлика од сите возрасни групи, како главна цел го спомнуваат најмногу испитаниците од 35 до 44 години (55.3%). Информирањето како главна цел споредено со останатите возрасни групи најмногу го истакнуваат испитаниците од 45 до 54 години (37.7%), додека забавата како главна цел споредено со другите возрасти ја избираат најмногу младите од 15 до 24 години (34.3%).

Скоро половина од испитаниците следат пејачи/актери (40.5%), па следат спортистите, уметниците, а најмалку се следени политичарите (17%). Повеќе од третина од испитаниците кои имаат активен профил на некоја социјална мрежа (38.5%) воопшто не следат јавни личности. Машките испитаници најмногу ги следат спортистите (24.4%), а женските испитаници најмногу следат пејачи/актери и други личности од забавната сфера (29.7%). Во однос на возраста политичарите најмногу ги следат испитаниците постари од 65 години (25%). Спортистите ги следат младите на возраст од 15 до 34 години, а оваа возрасна група исто така најмногу ги следи и пејачите/актерите и другите личности од забавната сфера.

Со изјавата “Важно ми е мислењето кое го споделуваат јавните личности кои ги следам на социјалните мрежи” скоро половина од испитаниците (46%) донекаде се согласуваат. Она што е интересно е дека 71% од младите од 15 до 24 години се согласуваат со оваа изјава. Најбројни се младите во Скопскиот регион (три четвртини - 75%), најмногу се согласуваат со оваа изјава.

Податоците  за ова истражување се добиени преку телефонска анкета спроведена на 1.015 испитаници постари од 15 години. Со истражувањето беа опфатени сите осум статистички региони, притоа земајќи ја предвид распределеноста на урбани и рурални населби.