Вмрежувањето на релевантните чинители неопходно за подобро разбирање на медиумската писменост

Медиумската и информациската писменост е динамички концепт на доживотно учење, и како што се менува технологијата, така се менува и самата дефиниција. Сепак, моќта на соработката меѓу различните засегнати страни, и институционални и вонинституционални, е клучна за развојот на оваа сфера, односно за разбирањето на самиот концепт и негова примена од страна на граѓаните.

Ова меѓу другото го истакна Мартина Чепман, експертка за медиумска писменост од Ирска на работилницата „Зајакнување на Мрежата за медиумска писменост на Р. Македонија преку размена на искуства“ што ја организираше Македонскиот институт за медиуми во соработка со Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Целта на настанот беше да се пренесат искуства за стратегиите и активностите потребни при планирање проекти за медиумска писменост, како и добри практики произлезени од соработката меѓу релевантните чинители, со осврт на примерот на Република Ирска, кадешто функционира мрежа за медиумска писменост и овој концепт има голема поддршка од институциите и од општеството.

На работилницата учествуваа повеќе претставници од членките на Мрежата за медиумска писменост на Р. Македонија, пред кои Чепман претстави повеќе значајни иницијативи за медиумска и информациска писменост на меѓународно ниво, а зборуваше и за важноста на соработката меѓу различните институции во развојот на оваа област. Таа истакна дека во Ирска, на пример, медиумите мошне позитивно одговориле на понудата на мрежата да станат нејзини членки, свесни за важноста на медиумската и информациската писменост.

Чепман објасни дека мрежата Медиумска писменост – Ирска е независно здружение основано од Ирското регулаторно тело. Таа брои 100 членови кои се посветени на промовирање и унапредување на медиумската писменост насекаде низ земјата, преку споделување на искуства и ресурси, со цел да се стекнат придобивки за сите, а не само за поединечни делови на општеството. Мрежата има своја стратегија, во нејзини рамки функционираат работни групи, а спроведува и различни активности, издава свој информатор, развива дата-база на ресурси, како и платформа за вмрежување на засегнатите страни. Според Чепман, мрежата се стреми во следните неколку години да биде самоодржлива.

Работилницата се организираше во рамки на заедничкиот проект на Европската Унија и на Советот на Европа, со наслов „Зајакнување на судската експертиза за слободата на изразување и за медиумите во Југоисточна Европа (JUFREX)“. Партнер на проектот од Македонија е и Македонскиот институт за медиуми.

Фото-галеријата од работилницата може да ја погледнете тука.