Доделени мали грантови за промовирање на медиумската писменост

Се чита за 1 мин.

Во рамки на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, 6 граѓански организации добија грантови за реализација на активности за промовирање на медиумската писменост.

Добитници на грантовите се: Здружение Доверба – Куманово, Здружение за рурален развој локална акциона група АГРО ЛИДЕР (Кривогаштани), Здружение за заштита и едукација на деца и млади Роми – Прогрес, Здружение за дислексија Ајнштајн, Организација на потрошувачите на Македонија и Женска граѓанска иницијатива АНТИКО.

На повикот за доделување на грантови аплицираа 38 граѓански организации, а 6-те избрани беа највисоко рангирани во процесот на оценување од страна на стручна жири-комисија.

Избраните организации во следните 18 месеци ќе спроведат активности во насока на зајакнување на нивните капацитети за ефективно анализирање, оценување, употреба и креирање на медиумски содржини релевантни за нивната работа, како и активности за промовирање на писменост за вести и дигитална писменост меѓу граѓаните.

Во подготвителната фаза, МИМ организираше обука за административно и финансиско водење на европски проекти за претставници на 6-те организации. Во следниот период грантистите ќе бидат вклучени во тренинг програма која што ќе опфати обуки за разбирање на новинарското работење, стратегиско комуницирање, заштита на правото на доверливи информации и создавање на медиумски содржини.

Исто така, на грантистите ќе им биде обезбедена и менторска поддршка со цел полесно да ги имплементираат стекнатите знаења од обуките, што ќе им помогне при спроведувањето мониторинг и анализа на вестите и информациите, подготвувањето и доставувањето жалби до државните институции, саморегулаторните тела и до медиумските регулатори, како и при креирањето медиумски содржини за да ги информираат своите корисници и пошироката публика за проблемите и активностите.

„Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, го спроведува МИМ во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности и медиуми од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија.