Одржана конференција за медиумска писменост на Западен Балкан

Се чита за 5 мин.

Седумдесетина експерти од областа на медиумската и информациската писменост, новинари, активисти на граѓанското општество и претставници на образовниот сектор и државните институции се собраа на конференцијата „Медиуми за граѓаните – граѓани за медиумите“ што се одржа во Нови Сад на 23 ноември.

Настанот, што го организираше Новосадската школа за новинарство е дел од истоимениот тригодишен проект што го спроведуваат членките на Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ) од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија.

Целта на конференцијата беше да се утврди актуелната состојба со медиумската и информациската писменост во земјите на Западниот Балкан, преку презентација на тековни иницијативи, активности и стратегии во оваа област, како и да се овозможи размена на искуства меѓу актерите од различни сектори во регионот.

На отворањето беа презентирани прелиминарните резултати од истражувањето што беше спроведено во рамки на проектот, а преку кое беа анализирани политиките и практиката во областа на медиумската и информациската писменост во секоја од земјите кои се опфатени со проектот.

Brankica Petkovic1Координаторката на истражувањето, Бранкица Петковиќ од Мировниот институт, Љубљана, истакна дека граѓанските организации беа пионери во промоцијата на медиумската писменост. Проблемот според неа, е што нивната работа зависи од краткото траење на проектите и од донаторската поддршка. Медиумската индустрија и новинарите ретко се ангажираат во промоцијата на медиумската писменост, иако нивното искуство е клучно за зајакнување на позицијата на граѓаните.

Еден од заклучоците на регионалниот преглед е дека, јавните сервиси работат многу малку или воопшто не работат во оваа област, заради што тие, како и регулаторите би требало законски да се бидат обврзани да ја промовираат медиумската писменост и да соработуваат со граѓаните. Дополнително, во прегледот се истакнува и дека е неопходна соработка меѓу институциите кои што се одговорни за медиумите и за образованието, затоа што нивните инцијативи досега биле спорадични и со неизвесен исход. Од исклучително значење е итно да се интегрира медиумската писменост во формалното образование, затоа што само така може да се очекува масовно ширење на овој концепт, беше кажано во воведниот дел на настанот.

Политика и пракса

Втората сесија беше посветена на односот на политиката и праксата во областа на медиумската и информациската писменост, особено на прашањето дали официјалните владини политики во регионот доволно брзо и адекватно ги следат активностите на граѓанското општество, кое често има водечка улога кога се работи за оваа област и за промоција на вештините и знаењето што им се потребни на граѓаните.

Божена Јелушиќ, професорка по книжевност од Црна Гора, ги претстави исклучително позитивните ефекти на методите кои ја комбинираат книжевноста и медиумската писменост како нов систем на учење што, на нејзина иницијатива е воведен во гимназиите во 2008 година како изборен предмет. Меѓутоа, според неа, интересот на учениците за предметот е се помал, бидејќи училиштата не го претставуваат на соодветен начин.

NS3За растечката улога на библиотеките како центри за едукација во областа на медиумската писменост говореше Гордана Љубановиќ од Јавната библиотека во Будва. Во Црна Гора постои предлог-стратегија за ширење на медиумската писменост низ мрежа на библиотеки, но тој ја нема поминато институционалната процедура, што значително ги обесхрабрува спроведувачите на оваа инцијатива за следни активности.

Во Република Српска е иницирана меѓуресорска кампања за јакнење на медиумската писменост кај децата, во која е вклучен и јавниот сервис. Во план е спроведување практична настава со учениците и наставниците, како и пракса во партнерство со медиумите. Целта е усвојување на политики за медиумска писменост и на соодветна законска рамка.

Во Македонија постои програма за промоција на медиумската писменост на државно ниво, како и Мрежа за медиумска писменост на РМ која ги обединува институциите, невладините организации, академијата и други засегнати страни. Емилија Петреска-Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го претстави функционирањето на Мрежата, како и веб-страницата www.medijumskapismenost.mk, преку која се дистрибуираат информации за активностите поврзани со медиумската писменост во Македонија, а служи и како ресурсно-образовен центар.

Корисни примери и лекции

Во текот на три паралелни сесии претставници на медиумите, образованието и граѓанското општество презентираа иницијативи од областа на медиумската и информациската писменост во нивните земји.

Фондацијата “Share“ во Србија произвела документарен серијал "Во мрежата", кој низ 10 епизоди обработува 10 теми поврзани со користењето на интернетот и социјалните мрежи (на пример, слободата на изразување, приватноста, виртуелната реалност итн.), а во емисиите говорат експерти од цела Европа (www.namrezi.rs). На веб-страницата се наоѓаат и подолги интервјуа со сите соговорници од серијалот како дополнителен едукативен материјал. Серијалот требало да се емитува на јавниот радиодифузен сервис кој се откажал од оваа намера, но серијата се прикажува преку други канали.

Новосадската школа за новинарство веќе 10 години се занимава со медиумска писменост, со фокус на образованието на наставници од основните и средните училишта, што е единствена акредитирани програма од таков вид во Србија. Исто така, Школата од минатата година го спроведува и проектот "Дигитален погон", чии активности се спроведуваат во 10 основни и 10 средни училишта во Србија, при што наставниците и учениците заедно произведуваат медиумски содржини за промовирање критички став и иновации.

Ервин Гочи од Универзитетот во Тирана ја претстави ТВ-програмата "Алгоритам" која обработува различни прашања поврзани со медиумската писменост, а се емитува еднаш неделно на националната телевизија.

Истражувањето за дигиталните навики на децата, спроведено во соработка со агенцијата ИПСОС зборуваше Елвира Цековиќ од Агенцијата за електронски комуникации на Црна Гора. Според наодите, децата поминуваат многу време пред екраните, при што многу родители не гледаат ништо лошо во тоа.

Веб-страница www.analiziraj.ba е посветена на анализа на медиумски содржини, со фокус на недостатоците, поделени во 11 категории вклучувајќи пристрасност, сензационализам, ширење на национализам, како и пристап до маргинализираните групи. Таа служи како практична алатка за медиумска писменост во Босна и Херцеговина.

Мерџан Даци од Албанија го претстави faktoje.al, медиум кој проверува изјави и ветувања на политичарите, го следи нивното исполнување, и и’ помага на публиката да направи разлика меѓу лажните од вистинските вести.

Во Македонија постојат голем број граѓански иницијативи во однос на медиумската писменост, но тие немаат институционална поддршка, рече Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии. Таа се осврна на истражувањето што во моментов се спроведува во основните училишта, чија цел е да утврди на кој начин медиумите се опфатени и се изучуваат во образовниот систем во Македонија. Според Теменугова, системот не ги подготвува децата да бидат медиумски писмени и користи застарени наставни програми што не кореспондираат со актуелната медиумска реалност.

Медиумска и информативна писменост - клуч за подобри и слободни медиуми?

Настанот заврши со дискусија на група водечки новинари на тема односите меѓу медиумите и иницијативите за подобрување на медиумската и информациската писменост. Дали медиумски писмените граѓани ќе го наградат квалитетното, етичкото и одговорно новинарство? Дали ангажираната публика може да помогне да се намалат политичките и економските притисоци врз медиумите?

Панелистите се согласија дека новинарите најдобро придонесуваат за медиумска писменост преку почитување на етичките кодекси и на највисоките професионални стандарди.

Љубица Гојгиќ, новинарка во РТВ Војводина, рече дека медиумите спроведуваат истражувања на публиката и се занимаваат со публиката не за да го подигнат нивото на медиумската писменост, туку за да ги прилагодат содржините кон желбите на публиката, а не кон врдностите кои треба да ги промовираат, бидејќи медиумската реалност бара содржините да се продаваат.

____________________________________________________________________________________________________________

Проектот "Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите" ќе се спроведува до јануари 2021 година, преку спроведување серија национални и регионални активности во земјите на Западен Балкан, вклучително и активности за застапување, производство и издаваштво, обуки и размена на знаења и искуства, како и програма за доделување мали грантови за иницијативи во областа на медиумската и информациската писменост.

Проектот го спроведуваат шест медиумски организации, членки на Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), предводени од Медиацентар Сараево.

Повеќе детали за проектот и за активностите може да дознаете на следните линкови:

www.cimusee.org
https://www.facebook.com/CIMUSEE/
@CIMU_SEE

www.seenpm.org
https://www.facebook.com/seenpm.org/
@SEENPM_org

Воведните поглавја од истражувањата се достапни на следните линкови:

На англиски јазик: Албанија, БиХ, Македонија, Црна Гора, Србија.
На локални јазици: БиХ, Македонија, Црна Гора, Србија.

eu flag webРегионалната програма „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите: Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за развој на МИП во земјите од Западен Балкан", се спроведува со поддршка на Европската Унија од страна на партнерските организации: Медиацентар Сараево, Албанскиот институт за медиуми, Македонскиот институт за медиуми.