Сторијата за депониите со штетниот линдан е првонаградена на конкурсот за наградата „Никола Младенов“ 2018

Се чита за 1 мин.

Славица Филиповска го освои првото место на годинешниот конкурс на МИМ за новинарската награда „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија. Победничката сторија, која во три продолженија ги истражува депониите со штетниот линдан во Скопје, е објавена во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М. Новинарката ѝ открива на јавноста дека покрај депонијата со линдан во дворот на поранешната фабрика Охис, постои уште една дива депонија во близина на излетничкото место Пеленица, кај Драчево, каде ученици од скопските училишта редовно одат на екскурзии.

Преку сеопфатно истражување, речиси во текот на целата 2018 година и обработка на податоци од релевантни извори за штетните влијанија на линданот, Филиповска обелоденува дека иако институциите имале сознанија за дивата депонија близу Драчево, досега ниту една власт не презела никакви мерки.

Второнаградена е новинарката Евис Халили Мемедалија, за серијалот текстови за злоупотребите во рамки на Националната програма за култура за 2018, објавени во дневниот весник „Коха“. Преку консултација на бројни извори и професионална обработка на повеќе документи, авторката ѝ презентира на јавноста сериозни недоследности во рамки на Националната програма за култура, како што се некомпетентните состави на комисиите и распределбата на огромни буџетски средства на здруженија и лица блиски до претставници на Министерството за култура.

Весна Коловска ја доби третата награда за истражувањето за „Долгот на 20-те најзадолжени општини до пред локалните избори 2017“, како и за текстот „Новите градоначалници очекуваат ревизорите да ги проверат јавните набавки на претходниците“, објавени на Македонскиот медиа сервис, во партнерство со радиото Канал 77. Новинарката објавува мноштво информации за трошењето на јавните пари од страна на општините, за сомневањата за повеќегодишни злоупотреби на системот за јавни набавки, како и непостапувањето на надлежните институции од претходната и сегашната власт.

Комисијата одлучи да им додели пофалници за истакнат новинарски ангажман на Сунаи Сабриоски за истражувачкиот серијал за атрактивната локација наспроти ГТЦ продадена по 312 евра за квадратен метар, објавен на ТВ 24, на Марија Митевска за сторијата „Контроверзите на Дрисла“, објавена на Радио Слободна Европа и на Дарко Штаргоски, за сторијата „Колку се почитува Законот за здравје и безбедност при работа во земјоделскиот сектор во Македонија“, објавена на веб-страницата „Инфо компас“.

Оваа година, МИМ по 18-ти пат ја додели наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава.

Деталниот извештај на комисијата која ги разгледуваше пријавените стории и наградените стории се достапни во прилог.
Фото-галеријата од доделувањето може да ја погледнете тука.

pdfИзвештај на жири-комисијата198.9 KB

pdfНаградени стории132.42 KB