Медиумската писменост да се воведе во формалното образование

Медиумската писменост е неопходно да се вклучи во образовниот процес уште од најрана возраст на децата, при што треба да се идентификува најсоодветен модел кој ќе овозможи ефикасна и лесна интеграција на овој пристап во наставата. Ова е заклучокот од јавната дискусија „Воведување на медиумската писменост во образованието“ што ја организираа Владата на РСМ и Македонскиот институт за медиуми во рамки на меѓународното одбележување на Деновите на медиумската писменост на УНЕСКО. Дискусијата беше организирана со цел претставниците на власта да ги слушнат размислувањата и ставовите на професорите, наставниците и учениците околу воведувањето на медиумската писменост во образованието.

Наведувајќи дека граѓаните се „недоволно информирани или недоволно прецизно можат да проценат што се точни и квалитетни информации, а што се лаги, невистини и шпекулации“, министерот Роберт Поповски, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата, истакна загриженост што државава е на последното место во Европа според проценката на точноста на информациите.

„Има недоволна проверка на информации, незаинтересираност, немање желба, непрепознавање на аргументите, фактите и на сето она што не „бомбардира” секојдневно, поради што мора да се најде начин како да им се помогне на граѓаните да ја детектираат и подобро да ја препознаат оваа појава“, истакна Поповски, нагласувајќи ја важноста на медиумската писменост во овој контекст.

javna.diskusija2

Министерот за образование и наука Арбер Адеми порача дека преку инклузивен пристап, консултирајќи ги медиумите и експертите, земајќи ги предвид анализите на национално ниво и искуствата во другите земји, во следниот период треба да се најде најдобар модел медиумската писменост да се инкорпорира во националниот образовен систем.

„Важно е да создадеме индивидуи кои уште од најмали нозе ќе можат да направат дистинкција помеѓу лажна и вистинска вест, а ова прашање влијае врз ставовите, размислувањата на секој поединец за одредено прашање“, додаде Адеми.

Медиумската писменост без сомнение треба да стане дел од наставната програма, а ЕУ ги поддржува сите активности на властите во оваа насока, истакна Феручо Бого, политички советник во Делегацијата на Европската Унија. „Овие активности треба да придонесат младите да бидат активни и критички да ги примаат информациите, наместо да бидат само консументи. За да има резултати овој процес бара и соодветна обука на наставниците“, рече Бого.

Зекирија Хасипи, директор на Бирото за развој на образованието рече дека за да им се помогне на младите да израснат во граѓани кои ќе умеат да препознаваат како медиумите ги филтрираат нивните перцепции и убедувања, да ја обликуваат популарната култура и да влијаат на личните избори, медиумската писменост и култура како тематски содржини во нашите програми и натаму ќе бидат еден од начините на кој ќе се обезбедуваат вештини за критичко размислување и креативно решавање на проблеми.

Наставниците и професорите сметаат дека од клучно значење за успешно воведување на медиумската писменост во образованието е да се идентификува најсоодветен модел кој што нема дополнително да го оптовари наставниот процес, а ќе им помогне на учениците ефикасно да развијат вештини за критичко размислување и решавање проблеми. Тие истакнаа дека обуката на наставниот кадар е особено важна, за што треба да придонесе и новиот Закон за наставници со кој предвидува нивен професионален развој. Според наставниците потребни се ефикасни образовни политики кои ќе резултираат со образовен систем што ќе функционира добро во практиката. Присутните ученици апелираа да им се остави повеќе простор за изразување и размислување, наместо само за меморирање содржини, а побараа и квалитетни учебници и наставни содржини за да може процесот на учење да биде интересен и ефикасен.

Настанот го организираа МИМ и Владата на РСМ со делумна поддршка од Европската Унија, во рамки на регионалниот проект  „Медиуми за граѓаните - граѓаните за медиумите“.

Фото-галерија од настанот може да погледнете тука.