Conf 2709 1

Неопходно зајакнување на капацитетите за борба против дезинформациите на лично и на институционално ниво

Се чита за 4 мин.

Делегацијата на Европска Унија и Македонскиот институт за медиуми на 27 септември ја одржаа регионалната „Конференција за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан: Справување со дезинформациите“, на која се разговараше за актуелните предизвици во јавниот комуникациски простор, како што се справувањето со дезинформациите, влијанието на социјалните мрежи и дезинформациите во редефинирањето на новинарското известување и квалитетот на новинарството, како и за важноста на медиумската писменост за граѓаните во новото медиумско опкружување. На конференцијата говореа политичари, медиумски експерти, претставници на државните институции , на граѓанското општество и на академската заедница од Западен Балкан и ЕУ.

Конференцијата  официјално ја отвори претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој истакна дека кампањите за дезинформирање ја поларизираат јавната дебата, негативно влијаат врз политичките процеси, ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и ја еродираат општествената кохезија. Според него, клучно е да се зајакнуваат отпорноста и капацитетите за борба против дезинформациите на лично и на институционално ниво. Препорача воведување медиумска писменост во образованието, доследно спроведување на регулативата, поддршка на медиумската саморегулација и на  сервисите за проверка на факти.

conf 2709 3

Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на ЕК, Жозеп Борел, во своето видео обраќање оцени дека дезинформациите се закана за демократиите и ја нагласи потребата од заеднички пристап во справувањето со нив во насока на подигнување на свесноста, поддршка на сервисите за проверка на факти, како и на напорите за вклучување на медиумската писменост во образованието.

Амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир посочи дека дезинформациите го поткопуваат капацитетот на општеството да се развива врз основа на факти, наука и докази преку дебати и проверка на вредностите. Тој ја истакна посветеноста на ЕУ за борба против дезинформациите заедно со партнерите од Западен Балкан.

conf 2709 4На првиот панел насловен  „Отпорност кон дезинформациите: Заеднички предизвик за институциите, медиумите и граѓаните“, Росана Алексоска од граѓанската асоцијација МОСТ претстави првични наоди од студијата „Дезинформации и информациска дисторзија во Северна Македонија“ при што укажа на техниките за манипулација и ширење дезинформации кои се користат преку социјалните мрежи, како и примери кои биле идентификувани со истражувањето.

Националниот координатор за стратегиски комуникации и за спроведување на комуникациската стратегија на Владата на РСМ, Марјан Забрчанец посочи дека битката против дезинформациите е заедничка, бидејќи „ако застапуваме демократски чинители, без разлика дали станува збор за влади, меѓународни организации, невладини, па дури и приватни субјекти и медиуми и медиумски организации, тогаш имаме заеднички непријател.“ Според него, „тие коишто се кријат во подрумите и продуцираат лажни вести со намера да бидат масовно ширени и да дезинформираат, да паничат, да влијаат штетно на населението, се на другата страна“.

За Клодијана Капо, директорка на „Фактоје“, Албанија, граѓаните се склони да веруваат повеќе на дезинформации поради што е важно навремено и доследно проверување на фактите. Таа ја истакна важноста од независни и самоодржливи редакции. Според Евина Пурина од сервисот за проверка на факти „Ре-Балтика“ од Латвија, 35% од населението во оваа држава зборува руски јазик, а граѓаните се склони кон пропагандата што доаѓа од Русија и се однесува на различни теми. Последните промени во Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски сервиси, кои се однесуваат на медиумската писменост и кои се релевантни и за земјите-кандидати  беа тема на презентацијата на Диедре Кевин, експерт на ЕУ и на Советот на Европа за слобода на изразување и слобода на медиуми, ангажирана во Северна Македонија.

conf 2709 5Во рамки на вториот панел „Известување 2.0: Дали социјалните мрежи и дезинформациите го редефинираа новинарското известување“ претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски нагласи дека борбата со дезинформациите и лажните наративи може да се добие доколку се поддржува саморегулацијата, се имплементира медиумската писменост, се обезбеди поддршка за професионалното новинарство, и доколку политичките центри ја прекинат поддршката за непрофесионалните медиуми. Социјалните мрежи отворија многу можности за комуникација меѓу граѓаните, како и за истражувачкото новинарство. Во Србија медиумите се заробени и можеби интернетот е единствениот слободен простор којшто постои и би рекла, бесплатен простор за промоција на содржините коишто се предизвикувачки и во таа смисла тоа за нас е многу корисно, истакна Драгана Жарковиќ Обрадовиќ од БИРН Србија.

За Агрон Бајрами, главен уредник на „Коха диторе“ од Косово, и покрај притисокот од страна на социјалните мрежи и онлајн медиумите, професионалните медиуми и понатаму треба да продолжат да ги проверуваат фактите, бидејќи тоа е основата на новинарството. Новинарството беше редефинирано од социјалните медиуми, нагласи Тијана Цвјетичанин, уредник во „Раскринкавање“ од БиХ, која смета дека поради работата на сервисите за проверка на факти, медиумите некогаш ги коригираат информациите, но тоа нема долгорочен ефект. Затоа таа препорача холистички пристап во борбата против дезинформациите што ќе ја вклучува медиумската, дигиталната и информациската писменост, како и писменоста за користење научни податоци. Бранкица Петковиќ од Мировниот институт од Словенија презентираше модели на медиуми кои продуцираат и шират говор на омраза, дезинформации и пропаганда во земјите од Западен Балкан и нагласи дека повеќето се поддржани од политичките центри. Од друга страна, пак, професионалните медиуми не се доволно подготвени да се спротивстават, бидејќи работат на сиромашен медиумски пазар и во услови кои го ограничуваат развојот на професионалното новинарство, рече таа.

conf 2709 6„Дигитални граѓани: Справување со дезинформациите во онлајн прсторот“, беше темата на третиот панел кој го отвори Андријана Папиќ Манчева од граѓанската организација „ХЕРА“. Таа  зборуваше за злоупотребата на социјалните мрежи  и сподели примери околу ширењето лажните вести поврзани со воведување на сексуалното образование.  Невена Мартиновиќ од фондацијата „SHARE“ од Србија препорача дека граѓанските организации треба да ги зајакнат своите активности во дигиталната сфера, а Анида Сокол од Медиацентар-Сараево посочи дека е е потребно повеќе да се вложува во промовирање на професионалните норми и стандарди во новинарството, особено меѓу младите. Различни проблематични содржини се споделуваат на координиран начин за време на избори или други настани преку социјалните мрежи во земјите од регионов, смета Милан Јовановиќ од Дигиталниот форензички центар од Црна Гора. Тој презентираше примери од истражувањата на социјалните мрежи, според кои политичките партии ги користат социјалните медиуми за промовирање, но и за манипулирање на граѓаните, како на пример преку мрежи составени од ботови или преку лажни профили поврзани со политичките партии. Борис Вукојевиќ од канцеларијата на УНЕСКО истакна дека е неопходно да се едуцираат децата за тоа како да се информираат онлајн, но  и нивните наставници и родителите. Препораките од конференцијата ќе бидат објавени наскоро и доставени до институциите на ЕУ и земјите од Западниот Балкан.

Повеќе фотографии од конференцијата може да погледнете тука.