Panel1502022 2

Едукација, проактивност и доследна примена на (само)регулаторните механизми за успешно справување со дезинформациите и говорот на омраза

Се чита за 2 мин.

Унапредувањето на судската пракса и зајакнувањето на медиумската саморегулација  претставуваат клучен фактор во справувањето со говорот на омраза и дезинформациите во јавната комуникација. Ова е само еден од заклучоците од панел-дискусија „Ефикасноста на законските и саморегулаторните механизми за справување со говорот на омраза и дезинформациите во Северна Македонија“, што ја организираше Македонскиот институт за медиуми.

На панел-дискусијата говореа претставници на регулаторни и саморегулаторни тела, како и претставници на медиумската заедница. Тие се осврнаа на актуелната состојба со говорот на омраза и дезинформациите во јавниот дискурс, особено од аспект на трендовите кои ги наметнуваат новите медиуми и друштвените мрежи.

Како вовед во дискусијата, МИМ ја презентираше анализата „Регулаторна и саморегулаторна рамка за справување со говорот на омраза и дезинформациите во РСМ“, која претставува преглед на основните правни и саморегулаторни механизми што се однесуваат на овие теми.

Емилија Петреска-Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во своето излагање истакна дека регулаторот секогаш постапува во случаи на говор на омраза во медиумите согласно правилата дефинирани во Водичот за мониторинг на говор на омраза, во кој е преточена праксата на Европскиот суд за човекови права.

„Кога треба да констатирате дека одреден медиум е одговорен за ширење или поддршка на говор на омраза вие всушност треба да донесете мерка да ја ограничите слободата на изразување и тоа мора да биде исклучително добро заснована и докажана одлука. Првиот чекор е да се утврди дали воопшто постои говор на омраза, затоа што не сѐ што не нѝ се допаѓа во јавниот дискурс е говор на омраза“, вели Петреска-Камењарова.

Медиумите се одговорни за редовно прегледување и брзо отстранување на коментарите на корисниците што се објавуваат под новинарските содржини на веб-страниците или на социјалните мрежи, а коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството, смета Марина Тунева, директорка на Советот за етика во Медиумите.

„Во ниту еден случај медиумите не смеат да дозволат да бидат злоупотребени и да послужат како средство за ширење омраза, упатување повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир во општеството итн.“, истакна Тунева.

Согласно членот 10 од Законот за заштита од дискриминација, Комисијата го третира говорот на омраза како вознемирување, чија цел е повреда на достоинството и интегритетот на личноста, посочи Весна Бендевска, членка и доскорешна претседателка на Комисијата.

„Во досегашното работење Комисијата постапувала по над 30 предмети кои се однесуваат на вознемирувачки говор, што секогаш е базиран на некоја од дискриминаторските основи наведени во Законот“, вели Бендевска. Таа додава дека зголемен број на случаи на говор на омраза се забележува за време на одредени општествени случувања, како што е „Парадата на гордоста“, или пак за време на изборните кампањи, кога цел на говорот на омраза е политичкото уверување.

Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинарите на Македонија истакна дека иако земјава доцни со судската пракса во однос на говорот омраза, сепак неодамнешната прва пресуда за говор на омраза на „Фејсбук“, изречена во полза на ЗНМ, дава надеж дека полека ќе се воспостави судска праска и за овие дела.

„ЗНМ минатата година, во разговори со надлежните судски органи, како и со Министерството за правда, побара воспоставување посебно одделение во Основното јавно обвинителство, составено од обвинители кои ќе бидат обучени и стручни за дела поврзани со говорот на омраза, бидејќи станува збор за многу специфични дела, особено кога се во прашање вербалните онлајн деликти“, додаде Секуловски.


Панел-дискусијата се организираше во рамки на регионалниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“. Проектот се спроведува со поддршка од Европската Унија.