„Цената на вистината“ е документарен филм којшто обработува неколку случаи на брутални напади врз новинари во Србија и нивната повеќегодишна потрага по правда и заштита од институциите. Филмот ги следи животните приказни на новинарите Милан Јовановиќ, кој го изгуби својот дом во подметнат пожар, Владимир Митиќ, кој 18 години живее под полициска заштита и на истражувачката новинарка Јелена Зориќ, која поради објавена сторија се соочи со бројни вербални напади и притисоци.
Валентина Делиќ, режисерка на филмот вели дека заедничко за сите три случаи е тоа што и покрај заканите, нападите и притисоците, новинарите не се откажале и продолжиле да ја работат својата работа. Таа смета дека новинарите кои се изложени на екстремно насилство мора да имаат специјален третман и не треба да бидат изложени на повторни трауми во текот на истрагите и судските постапки.
Документарниот филм е продуциран во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување на дезинформации и пропаганда за ширење на омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт од Љубљана и Бианет.