Соопштение од МИМ по повод Светскиот ден на слободата на медиумите

Се чита за 1 мин.

Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 мај, е можност повторно да ја нагласиме исклучително важната улога што медиумите и новинарството ја имаат во развојот на демократијата и просперитетот на нашето општество.

Да не заборавиме: Новинарството е јавно добро и за него треба да се грижиме сите!

Обврска на новинарите е да работат во согласност со највисоките професионални и етички стандарди, а на државата да обезбеди услови за нивно непречено функционирање. Преку своите медиумски политики, државата треба да поттикнува раст, развој, одржливост и плурализам во оваа исклучително важна сфера на општеството.

Транспарентноста на институциите е предуслов за да можат новинарите навремено и точно да ги информираат граѓаните за сите прашања од јавен интерес. Без транспарентни институции, новинарите не можат да ја извршуваат својата работа, а тоа, меѓу другото, остава простор за ширење дезинформации, со кои се манипулираат граѓаните и се создаваат проблеми со далекусежни, негативни последици врз целото општество.

Политичките притисоци врз медиумите и новинарите се проблем со којшто нашата држава речиси три децении не може да се справи. Владите се менуваат, но партиите не се откажуваат од вкоренетата (не)култура на користење на медиумите како алатка за освојување и одржување на власта, наместо како инструмент за еманципација на граѓаните.

Од друга страна, технолошките иновации и развојот на вештачката интелигенција од темел го менуваат начинот на функционирање на медиумските системи ширум светот.

Листата на задачи кои е неопходно да се спроведат, за да се решат системските проблеми и да се подобрат состојбите во оваа сфера е долга, а нејзината основа е во тнр. Извештај на Прибе, од 2016 година. Од тогаш до денес, за жал, многу малку е преземено од страна на актуелната власт, но и на сите пратеници во парламентот, кои веќе 4 години не успеваат да ги донесат одлуките со кои можат да се поттикнат реформи во клучните медиумски институции - регулаторот и јавниот сервис.

Итно ни се потребни проактивни медиумски политики што ќе ги придвижат процесите и ќе придонесат нашата медиумска индустрија да се адаптира кон европските и светските текови. Тоа ќе претставува поттик, но и обврска за самите медиуми да вложуваат во својот професионален и технолошки развој и да станат влијателни општествени актери и вистински чувари на демократијата.

Охрабрува посветеноста на образовните институции кон едукација на младите во сферата на медиумската писменост и реформа на наставните програми во тој правец, којашто успешно се спроведува изминатите две години, бидејќи тоа е влог во иднината и во развојот на државата.

Македонскиот институт за медиуми се придружува кон глобалното одбележување на светскиот ден на слободата на медиумите инициран од УНЕСКО, под мотото „Слободата на изразување е двигател на сите останати човекови права“ и бара од властите, институциите, бизнис заедницата, политичките партии, граѓаните и медиумите поголема поддршка, ангажман и посветеност во решавање на проблемите и справување со предизвиците во медиумската сфера.  

Честит 3 мај на сите новинари и медиумски работници!