Светскиот ден на слободата на медиумите 2024

Се чита за 1 мин.

Светскиот ден на слободата на медиумите, 3 Мај, годинава е посветен на работата на новинарите и на слободата на изразување во контекст на глобалната криза со животната средина.

Новинарите и медиумите имаат суштинска улога при подигнување на свесноста за кризата со животната средина, климатските промени и загадениот воздух, како и со разорните последици од овие појави. Само со активна вклученост на новинарите може да се крене видливоста и да се потенцира важноста на овие теми, кои се поврзани со основните човекови права и со демократските вредности во едно општество.   

Темите поврзани со животната средина се од суштинско значење во нашата земја, со оглед на фактот што државава е една од најзагадените во светот. И покрај тоа, овие прашања не се доволно застапени во медиумите и постои потреба од проактивен пристап и известување од страна на новинарите и на медиумите. Нема доволна заинтересираност за обработка на овие теми во континуитет и тие не се третираат со еднаква важност како политичките прашања.

Новинарите се соочуваат со предизвици поради затвореноста на институциите кога бараат информации, како и со недостиг од податоци и релевантни истражувања на овие теми.  Нетранспарентноста на институциите остава простор за ширење дезинформации и погрешни информации, вклучително и за состојбата со животната средина. На тој начин се манипулира со граѓаните, се спречува аргументирана јавна дебата и се попречуваат напорите за решавање на овие проблеми.

Македонскиот институт за медиуми спроведува различни активности во кои се вклучени новинарите, медиумите, институциите, училиштата и пошироката јавност во насока на кревање на јавната свест и нудење решенија за проблемите. Оваа година беа организирани обуки за новинари за подобро известување во врска со климатските промени, а како резултат на тоа беа продуцирани различни новинарски стории што се однесуваат на енормната загаденост на воздухот во државава, последиците врз здравјето на граѓаните и врз непосредната животна околина. МИМ во континуитет организира предавања за новинари и други целни групи, на кои домашни и меѓународни експерти разменуваат позитивни и практични искуства поврзани со овие теми.

Институтот  се придружува кон глобалното одбележување на Светскиот ден на слободата на медиумите инициран од УНЕСКО, и апелира до новинарите, медиумите, институциите, граѓанското општество и граѓаните заеднички да се посветат на овие важни теми со цел да се изнајдат механизми за справување со предизвиците.

Честит 3 Мај на сите новинари и медиумски работници!