Слободата на медиумите влошена, неопходни се суштински промени

Се чита за 1 мин.

Скопје, 3 мај, 2012

Меѓународниот ден на слободата на медиумите, 3ти мај, и годинава  во Македонија  се одбележува во услови на значително нарушени медиумски слободи.  Доказ за тоа се и забелешките и извештаите од бројни меѓународни организации, вклучувајќи го и последниот извештај на влијателната американска организација  Фридом хаус, според кој Македонија е рангирана последна  во регионот.

Многу настани и случувања  за чија штетност предупредувавме и алармиравме во текот на изминатата  година ја формираа лошата слика за медиумите  во Македонија. Дел  од нив се:

- Незаконското одземање на фреквенцијата на А1 телевизија и затворањето на овој медиум и на трите весници блиски до нејзиниот сопственик;
- Измените на Законот за радиодифузија и упадот во независноста на СРД со менувањето на неговиот состав;
- Силното политичко влијание во редакциите и директната поврзаност на сопствениците со  политичките партии во власта и други центри на политичка и економска моќ;
- Селективното спроведување на законите;
- Нагласеното политичко влијание во јавниот сервис;
- Нетранспарентната распределба на значајни  средства од буџетот за реклами и кампањи на Владата, и во тој контекст фаворизирање на дел од медиумите кои имаат уредувачка политика блиска до партиите на власт;
- Подготовка на нов закон за медиуми без суштинска консултација и учество на медиумските работници и професионалните медиумски здруженија и организации;

Македонскиот институт за медиуми и годинава, на овој ден, повторно ги повикува сите одговорни актери, а особено  институциите на државата, сопствениците на  медиумите  и уредниците да го преземат својот дел од одговорноста и суштински да придонесат за решавање на овие проблеми.

Потсетуваме на неопходноста од имплементирање на приоритетите содржани во Акцискиот план за подобрување на медиумската состојба во земјава, во чие создавање учествуваа речиси сите релевантни субјекти во медиумската сфера. Имплементацијата на Акцискиот план значително ќе ги унапреди состојбите и ќе создаде услови за долгорочен развој на дејноста.

Без слободно новинарство и слободни медиуми, нема ниту демократија, ниту  напредок во евроинтеграциските процеси. Слободните и професионални медиуми директно влијаат врз унапредување на квалитетот на животот на граѓаните, на бизнисот и на просперитетот во општеството.