Консултации со медиумската заедница за создавање Совет на етика

Се чита за 0 мин.

Медиумската саморегулација и основањето Совет за етика во медиумите се теми на повеќе тркалезни маси и консултативни средби со уредници и сопственици на медиуми, од кои дел веќе се одржаа во неколку градови низ Македонија. Овие активности се во рамки на проектот „Поддршка на процесот за основање Совет на етика во медиумите во Македонија“, што Здружението на новинарите на Македонија и Македонскиот институт за медиуми ќе го спроведуваат до крајот на март годинава.

Во рамки на проектот ќе бидат изработени и внатрешни процедури за работа на Советот, ќе се спроведе мониторинг на информативните програми на 10 медиуми, а ќе се разгледаат и искуствата од саморегулативните механизми во регионот.

Целта на проектот е да се подигне свеста во медиумската заедница за важноста на саморегулацијата и да се создадат услови за создавање Совет на етика, во кој ќе членуваат новинарите и уредниците, сопствениците на медиумите и јавноста. Ова тело треба да се грижи за почитување на професионалните стандарди во медиумите и за заштита на јавноста од можни злоупотреби од страна на новинарите.

Проектот е поддржан од Британската амбасада во Скопје.