Повик за истражувачки проекти поврзани со корупција и клиентелизам во медиумите од регионот

Се чита за 1 мин.

Центарот за независно новинарство од Будимпешта објавува повик за доделување грантови за истражувачки стории поврзани со корупција и клиентализам во медиумите од Југоисточна Европа, на кој може да аплицираат тимови новинари од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија.

На повикот се поттикнуваат да аплицираат новинарски тимови со истражувачки проекти кои откриваат коруптивни практики што го загрозуваат функционирањето на слободните, независни, плуралистички и одржливи медиуми во регионот. Целта на повикот е да се обезбедат и презентираат нови, суштински информации поврзани со случаи на корупција, клиентелизам, злоупотреби и прекумерна контрола врз медиумите од страна на центрите на моќ, притоа користејќи ги техниките на истражувачкото новинарство.  

Темите за истражување може да бидат поврзани со:
- недостиг од транспарентност и концентрација на сопственоста на медиумите;
- недостиг од транспарентност при приватизацијата на медиумите и нивното финансирање;
- влијанието на извршната власт врз сопственоста и финансирањето на медиумите;
- подемот и падот на медиумските империи на локално, национално и регионално ниво во Југоисточна Европа;
- коруптивните практики во работата на јавните сервиси и регулаторните тела;
- политичката пристрасност при распределбата на јавните ресурси (фреквенции и сл.) во медиумскиот сектор;
- политичката и економската зависност на медиумите, и партиско новинарство;
- неправилностите на медиумскиот пазар;
- дистрибуцијата на државните реклами во медиумите;
- организираниот криминал и медиумите;
- неправилностите во работните односи;
- напади и закани насочени кон новинарите ангажирани во откривање на корупција и клиентелизам.  

Заинтересираните тимови новинари, треба да испратат пополнет формулар за пријавување (на англиски јазик) до Центарот за независно новинарство од Будимпешта најдоцна до 15 јули 2013 г., преку електронска пошта на следната адреса: seeapplications@cij.hu  
Интегралниот текст на конкурсот, кој содржи повеќе информации околу критериумите и начинот на пријавување, како и формуларот за пријавување може да ги најдете прикачени во прилог.

Повикот е дел од проектот „Медиумска опсерваторија на Југоисточна Европа: Градење капацитети и коалиции за мониторирање на интегритетот на медиумите и унапредување на реформите во медиумската сфера“, што го спроведуваат Мировниот институт од Љубљана како лидер на проектот, заедно со партнерските организации: Албанскиот институт за медиуми од Тирана, Медиацентар од Сараево, Центарот за истражувачко новинарство од Загреб, Центарот за независно новинарство од Будимпешта, Македонскиот институт за медиуми од Скопје и Школата за новинарство од Нови Сад.

Eu.flag Проектот  е финансиран од Европската Унија преку Инструментот за претпристапна помош (IPA) - Инструмент за граѓанско општество (CSF)