Став на медиумските организации за новата верзија на Нацрт законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги

Се чита за 1 мин.

Здружението на новинарите на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Македонски институт за медиуми и Центарот за развој на медиуми се незадоволни што Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) не прифати ниту една суштинска забелешка за Нацрт законот за медиумите и аудиовизуелни медиумски услуги. Сметаме дека во новата верзија на нацрт законот има само козметички измени, кои суштински не ја подобруваат содржината на текстот на законот.

Новата верзија на законот не е во согласност со Уставот на РМ и европските стандарди, кои гарантираат слобода на изразување. Загрижува фактот што МИОА ги игнорира препораките на домашните и странските експерти, кои инсистираат да нема единствен регулаторен систем за сите медиуми и да се обезбеди независност на Агенцијата за медиуми и на Советот на македонската радио-телевизија. Во клучните три елементи како што се: составот, независноста, транспарентноста и овластувањата на регулаторот, опфатот на законот и инсистирањето под регулација да се стават интернет и печатените медиуми, како и самостојноста и функциите на јавниот сервис не се направени никакви измени.

Ние нема да поддржиме никаков текст на закон за медиуми, во кој нема да се вградат препораките на експертите на Советот на Европа и на ОБСЕ. Ние немаме да правиме никакви компромиси што се однесува до европските стандарди воспоставени од Советот на Европа. Македонија, како полноправна членка на Советот на Европа, треба да ги исполни обврските и очекувањата на најстарата европска организација, која ги негува демократските принципи и ја промовира заштита на човековите права и слободи. Впрочем, нашите внатрешни анализи и забелешки во голема мерка кореспондираат со забелешките на ОБСЕ и Советот на Европа.

Посебно загрижува и фактот што во новиот Нацрт закон МИОА не нуди решение за владините кампањи, кои го нарушуваат медиумскиот пазар, и ѝ обезбедуваат на власта можност да влијае на уредувачката политика на медиумите.

Воедно, на крајот, би сакале да потсетиме дека за подобрување на медиумскиот амбиент во Македонија е потребно и подобрување на правната рамка надвор од медиумската легислатива, која непосредно и посредно влијае на сегашните состојби во медиумите. Тука, освен делот на транспарентност во финансирањето на медиумите, пред се, како клучни проблематични области, би ги издвоиле (не)почитувањето на Законот за работни односи и отпочнување на суштински преговори помеѓу работодавачите и медиумските работници за прецизно дефинирање меѓусебните обврски и права, измени на Изборниот законик со што ќе се оневозможи медиумите да бидат донатори во кампањите на политичките партии, целосно спроведување на Законот за пристап до информации од јавен карактер и Законот за авторски права, и создавање на поволен амбиент за ефикасна саморегулација во медиумите.

За жал, можеме само да констатираме дека овој нацрт-текст речиси воопшто не ги адресира овие проблеми во медиумската сфера, или ги адресира, само мал дел од нив, на несоодветен начин преку нивно формално и честопати проблематично и нејасно вклучување во текстот што и е претставен на новинарската заедница, општата и стручната јавност.