Медиумските организации од регионот усогласија стратегии за иницирање медиумски реформи

Се чита за 1 мин.

Пет национални стратегии за застапување, што содржат активности за поттикнување реформи поврзани со слободата на медиумите, медиумската независност, плурализам и интегритет во ИПА-земјите, се резултатот од регионалната работилница за застапување која ја организираше МИМ во рамки на проектот Медиумска опсерваторија на Југоисточна Европа, на 31 март и 1 април.

 Координаторите за застапување од партнерските организации од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија и Србија, заедно со претставниците на пет граѓански организации од истите земји кои, преку проектот, добија поддршка за спроведување кампањи за застапување, се собраа да дискутираат за проблемите во медиумите, но и за алатките и акциите што би придонеле кон подигнување на свеста и кон поголема промоција на слободни, независни, плурални и функционални медиуми во регионот.

Некои од клучните прашања на кои координаторите за застапување од петте земји ќе ги фокусираат нивните кампањи се поврзани со транспарентноста на медиумската сопственост и финансии, државното огласување како главен извор за финансирање на медиумите, подобрување и имплементација на медиумската легислатива итн. Граѓанските организации ќе спроведуваат проекти поврзани со иницирање реформи во медиумските закони или поддржување на нивната имплементација, подигнување на свеста кај младите, активистите за човекови права и пошироката јавност за прашањата на медиумскиот интегритет, или пак на зацврстување на капацитетите на новинарските асоцијации.

Стратегиите за застапување беа креирани под менторство на истакнатиот обучувач за застапување Тимоти Кар од „Фри Прес“ (Free Press), движење за реформи во медиумските и технолошките политики од САД, и Бранкица Петковиќ, регионален координатор на Медиумската опсерваторија од Мировниот институт од Словенија.

Во неговите презентации, Тимоти Кар ја презентираше „теоријата на промена“ на „Фри Прес“ која вклучува мобилизирање на „надворешни“ активисти за да се влијае врз оние кои одлучуваат. Движењето се фокусира на прашања како: унапредување на слободата на интернет, стопирање на медиумските монополи и консолидација, борба за слободата на медиумите, протести за лична приватност, и промовирање на јавните и алтернативните медиуми.

Практичната работа им овозможи на координаторите за застапување и на граѓанските организации да работат заедно и да креираат национални стратегии што треба да бидат имплементирани во петте ИПА-земји до крајот на годината.