СЕЕНПМ загрижена за состојбата со слободата на медиумите во Турција

Се чита за 2 мин.

Отворено писмо од Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ) до претседателот и премиерот на Турција

Почитуван претседател Ердоган и премиер Давутоглу,

Загрижени сме поради тоа што вашата влада користи методи спротивни на едно демократско општество, со намера да изврши притисок врз медиумите и тие да се усогласат со владините политики.

Се користат економските притисоци за да се манипулира со медиумското известување, да се ограничи јавната дебата, непослушните новинари се отпуштаат, а независните медиуми остануваат без приходи. Истовремено, провладините медиуми и нивните сопственици остваруваат корист од различните привилегии што им ги овозможува владата, вклучувајќи ги и буџетските субвенции кои што создаваат нефер услови на медиумскиот пазар.

Уште по алармантна е практиката на преземање контрола на цели медиуми преку правни администратори, со цел да се изнуди промена на нивната уредувачка политика.

Загрижувачки е тоа што турските судови ја користат мерката притвор како средство за замолчување и казнување на критичарите на власта, безобѕирно прекршувајќи ги нивните права во текот на постапките.

Во моментов 33 новинари во Турција се наоѓаат во затвор. Нивен единствен прекршок е тоа што известувале. Обврска на новинарите е да ја повикуваат власта на одговорност. Критикувањето на поединците на власт, не треба да се смета за криминал во една демократија.

Турските власти веќе подолго време го злоупотребуваат законодавството за борба против тероризмот како изговор за затворање на дисиденти. Загрижени сме дека оваа пракса, која генерира опасна и неподнослива средина во јавниот живот, може да ескалира.

Ја повикуваме турската влада да прекине со праксата на користење на специјални судови за да затвора новинари.

Бараме од претседателот Ердоган да престане да се заканува на новинари, како во случајот со Џан Дундар, одговорен уредник на весникот „Џумхуријет“. Претседателот Ердоган, во телевизиско интервју во мај годинава му порача на Дундар дека „ќе плати висока цена" за приказната за наводната испорака на оружје од турските власти на вооружените групи во Сирија. Дундар и уредникот на редакцијата на „Џумхуријет“ во Анкара, Ердем Ѓуљ, беа уапсени за тероризам и шпионажа минатиот месец.

Апелираме до судската власт во Турција итно да ги ослободи Џан Дундар и Ердем Ѓуљ. Размислувањето дека тие би можеле да бидат виновни за шпионажа само затоа што го вршат она што во демократијата се смета за нивна професионална должност, се коси со здравиот разум.

Бараме од судските власти да ги ослободат уредниците од списанието „Нокта“, Џевхери Ѓувен и Мурат Чапан, кои се соочуваат со обвиненија за „поттикнување на јавноста на вооружен бунт за соборување на владата". Таквите обвиненија преставуваат очигледен апсурд.

Новинарот Мехмет Барансу, колумнист за весникот „Тараф“, се уште не е официјално обвинет и покрај тоа што е во затвор повеќе од десет месеци. Мохамед Ресул, дописник на „VICE News“ се наоѓа во притвор веќе четири месеци.

Голем број од обвинетите за тероризам се уредници и новинари од прокурдски медиуми, таков е случајот со новинарот Али Конар од весникот „Азадија Велат“. Апелираме до властите да ги ослободат и овие новинари.

При посетата на пет затворени новинари, од страна на адвокат од Платформа „П24“, членка на СЕЕНПМ, ја повикавме вашата Влада веднаш да започне со подобрување на демократскиот кредибилитет на земјата, преку враќање на владеењето на правото и почитувањето на слободата на медиумите во целост.

Со почит,

Албански институт за медиуми (Тирана, Албанија),
Бианет (Истанбул, Турција),
Центар за независно новинарство (Букурешт, Романија),
Центар за независно новинарство (Будимпешта, Унгарија),
Македонски институт за медиуми (Скопје, Македонија),
Центар за истражувачко новинарство (Загреб, Хрватска),
Центар за независно новинарство (Чисинау, Молдавија),
Медиа центар (Чаглавица, Косово),
Центарот за медиуми и реформи (Ниш, Србија),
Медиацентар (Сараево, Босна и Херцеговина),
Центар за развој на медиуми (Софија, Бугарија),
Институт Медиа План (Сараево, Босна и Херцеговина),
Црногорски институт за медиуми (Подгорица, Црна Гора),
Новосадска школа за новинарство (Нови Сад, Србија),
Мировен институт (Љубљана, Словенија),
Платформа 24 (Истанбул, Турција),