Македонскиот институт за медиуми го објавува конкурсот за новинарските награди „Никола Младенов 2021“. Ќе бидат доделени три годишни награди во следните категории:
- Најдобра истражувачка сторија
- Најиновативен новинарски производ
- Најдобра репортерска фотографија
На конкурсот може да се пријават сите новинари и фоторепортери кои професионално работат во медиумите или соработуваат како фриленсери со нив.
Пријавените материјали треба да бидат објавени во текот на 2021 година во весник, на радио, на телевизија, на информативни интернет-портали или од новински агенции што се регистрирани и работат во нашата земја.
Еден автор или група автори може да аплицираат со најмногу 3 различни теми во првите две категории, а секоја тема може да вклучува повеќе поврзани текстови/прилози. Секој фоторепортер може да учествува со најмногу 3 фотографии, кои биле објавени во весник, на интернет-портал или новинска агенција.
Како и досега, пријавените материјали ќе ги разгледува комисија од релевантни претставници на медиумската и на јавната сфера.
Критериуми за избор
А. Наградата за најдобра истражувачка сторија ги поддржува и ги промовира сториите кои:
- откриваат теми што се значајни за пошироката јавност, а се однесуваат на злоупотреба на моќта и на прекршување на основните човекови права од институциите, на корупција и на организиран криминал;
- демонстрираат темелно новинарско истражување, поткрепено со факти, докази и со изјави од повеќе релевантни извори и соговорници;
- ја презентираат темата на разбирлив начин, преку оригинален новинарски стил на изразување;
- настојуваат да иницираат институционално разрешување на незаконски дејства и на злоупотреби направени од поединци или институции;
- се придржуваат до етичките и до професионалните стандарди.
Б. Наградата за најиновативен новинарски производ ги поттикнува и ги промовира новите форми на новинарско изразување, каде што на креативен и иновативен начин се употребени информациско-комуникациските технологии, со цел сториите да допрат до граѓаните, да ги едуцираат и да ги поттикнат да се ангажираат во решавање важни прашања од јавен интерес. Особено се охрабруваат новинарски производи што:
- успешно вклучуваат мултимедијални формати и креативни начини на раскажување/изразување (на пример, известување со користење мобилен телефон, вклучување аудио и видеоформати во текстот и сл.);
- користат нови начини на досег до публиката или до различни сегменти од публиката (до различни возрасни групи, маргинализирани групи итн.);
- користат нови начини/апликации за интеракција и за вклучување на публиката во изработката на сториите;
- се придржуваат до етичките и до професионалните стандарди.
В. Наградата за најдобра репортерска фотографија ги наградува и ги промовира професионалните фоторепортери кои:
- пријавиле фотографии што се однесуваат на теми и на настани со новинарска тежина/значење што ја одбележале претходната (2021) година, објавени во медиуми што се регистрирани и работат во нашата земја;
- демонстрираат исклучителна креативност и естетски израз;
- не користеле техники на визуелна манипулација при фотографирањето, освен корекција на форматот (crop), корекција на светлина, боја и контраст (основни панел-алатки во Photoshop и LightRoom);
- доставените фотографии да се во дигитален .jpg формат, со 300 dpi резолуција;
- минималната резолуција на фотографијата да не е помала од 2.000 пиксели на подолгата страна;
- содржат информации за метадата;
- фотографијата мора да е авторско дело на пријавениот кандидат, а еден автор може да испрати најмногу до 3 фотографии.
На добитниците на наградите ќе им биде врачен сертификат и парична награда од 40.000 денари, поединечно.
Конкурсот е отворен до 7 март 2022.
Пријавите треба да се поднесуваат на novinarskinagradi@mim.org.mk со назнака: Пријава за новинарските награди „Никола Младенов 2021“.
Пријавата се состои од:
- Пополнет формулар за соодветната категорија (достапни во прилог)
- Фотографија (доколку се аплицира за Најдобра репортерска фотографија)
За дополнителни информации и прашања, контактирајте нѐ на: 3090 144 или преку е-пошта: novinarskinagradi@mim.org.mk
1.Формулар за аплицирање за најдобра истражувачка сторија32.09 KB
2.Формулар за аплицирање за најиновативен новинарски производ32.07 KB
3.Формулар за аплицирање за најдобра репортерска фотографија31.72 KB