Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање дијалог

Се чита за 2 мин.

Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации, на медиумските професионалци и активисти, како и на граѓаните со цел подобро да ги разберат трендовите и предизвиците поврзани со слободата и интегритетот на медиумите на Западен Балкан и Турција, се меѓу главните цели на регионалниот проект „Нашите медиуми“ што ќе се спроведува во следните три години (2023-2025).

Проектот ќе се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Турција, од страна на партнерските организации коишто се дел од Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ), Медиацентар (Сараево), Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), а со финансиска поддршка од  Европската Унија.

На почеток ќе бидат спроведени серија истражувачки активности коишто треба да ги идентификуваат главните трендови, ризици и можности за медиумска одржливост во регионот, како и да мапираат добри практики на медиумски активизам за поддршка на слободата на медиумите и на медиумската и информациската писменост (МИП). Наодите од истражувањето ќе се користат за зајакнување на капацитетите на медиумските организации и на други засегнати страни посветени на справување со предизвиците во медиумскиот сектор.

Професионалниот капацитет на новинарите, медиумите и на медиумските организации ќе се адресира преку серија активности за застапување и ангажирање во рамки на националните коалиции за МИП. Локалните и националните медиуми и другите општествени актери ќе бидат поттикнати да известуваат за родовата нееднаквости во медиумите преку активности поврзани со медиумски активизам. Младите лидери ќе стекнат вештини за справување со штетни политики и ќе се информираат за практики за спротивставување на дискриминацијата и родовите стереотипи, како и за промовирање на родовата еднаквост преку нивната работа. Преку финансиска поддршка на граѓански организации во урбаните и руралните средини, проектот ќе настојува да допре до локалните заедници со цел да се унапредат вештините за МИП на граѓаните, да се промовира слободата и интегритетот на медиумите, но и за справување со поларизацијата што произлегува од пропагандата, говорот на омраза и дезинформациите.

Проектот во бројки

200 претставници на граѓански организации ќе бидат обучени да генерираат ефективни практики за МИП, а најмалку 18 граѓански организации во урбаните и руралните средини во шесте земји ќе бидат поддржани со цел да делуваат на локално ниво преку спроведување акции поврзани со МИП.


70 медиумски професионалци и претставници на саморегулаторните тела ќе ги унапредат знаењата за состојбата со саморегулацијата во нивните земји и во регионот на Западен Балкан и ќе се информираат за потребите и можностите за унапредување на етичките кодекси и стандардите/практиките за саморегулација.


15.000 млади луѓе ќе бидат вклучени и ќе учат за медиумска и информациска писменост преку интерактивни квизови, а најмалку 500 ќе бидат вклучени во активностите на националната коалиција за МИП.


21 учесник (млади активисти, младински работници, едукатори, новинари, млади политичари) ќе ја подобрат компетентноста за медиумска писменост и активизам, вклучувајќи теми како што се: слобода и интегритет на медиумите, политичка економија на медиумите, медиумска екологија, дигитално учество.


 

Eu Flag Финансирано од Европската Унија

Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана и Бианет (Турција), со финансиска поддршка од Европската Унија.

Овој текст е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината на текстот е единствена одговорност на СЕЕНПМ и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.