Како Ковид-19 го претвори македонскиот Лас Вегас во Твин Пикс

gevgelija plostad foto ivan kalchev 1

Според податоците на Агенцијата за вработување, во октомври во Гевгелија биле пријавени 2.066 невработени, што е за 135 отсто повеќе од истиот месец во 2018 и 2019 година, кога имало само 877 невработени

Празни улици, полупразни маркети, затворени продавници, зголемена невработеност  – ова е новото пандемско лице на Oпштина Гевгелија. До пред само една година беше една од најбогатите општини во земјава со мал број невработени, но ковид-19 не само што го погоди здравјето на гевгеличани, туку и нивниот животен стандард. Градот кој буквално живее од казино-туризмот, услужните дејности и стоматолошките услуги е директно погоден од затворањето на грчката граница во март годинава. По десет месеци, последиците се страшни. Казината мораа да отпуштаат вработени или да не им продолжуваат договори за работа, стоматолошките ординации зјаат празни, исто и маркетите, како и низа дејности кои што директно се поврзани со нив.

Животниот стандард драстично опадна

Според податоците на Агенцијата за вработување, во октомври во Гевгелија биле пријавени 2.066 невработени, што е за 135 отсто повеќе од истиот месец во 2018 и 2019 година, кога имало само 877 невработени.

Како живеат гевгеличани во 2020 година? Разговараме со неколкумина кои работат и по 20 години во казината во градот и останале на работните места и за минимални плати.

gevgelija carcija foto ivan kalchev 1„Се смени секојдневието, а животниот стандард драстично опадна. Загуби трпат буквално сите сектори: маркети, стоматолошки ординации, угостители, казина, фризерско-козметички салони, бензински станици, бутици... Приливот на средства што секојдневно се слеваше од грчките државјани го нема и тоа се чувствува во сите сфери. Јас како вработена во казино, веќе се соочувам со многу потешкотии. Обемот на работата е зголемен, бидејќи многу од вработените добија отказ. Сега еден работи за тројца, кога има потреба и прекувремено, а платите се минимални. Затворените граници буквално го задушија градот. Повеќето бутици за облека и чевли затвораат уште рано попладне, бидејќи нема никаква раздвиженост, а и економската моќ на граѓаните е рамна на преживување“, вели М.П., мајка на две деца, вработена во казино.

Таа објаснува дека поголемите компании кои отпуштиле голем дел од вработените прават напори да им исплатат барем по неколку плати, зашто имало случаи каде и двајцата сопружници добиле отказ истовремено.

„Општата слика е застрашувачка, затоа што овој регион до пред ковид-кризата цутеше, а сега е на работ на колапс. И можностите за вработување се намалени. Голем дел од населението работи сезонски во поголемите прехранбено-преработувачки фирми, но и тоа е привремено. Младите се ориентирани кон онлајн-заработувачка: изработуваат веб-страници, креираат интернет-продавници или работат за странски компании. Голем дел од мажите станаа возачи на камиони низ Европа, а тие со ,поавантуристички’ дух ги полнат градските автомат-клубови и обложувачници. За жал, меѓу нив има и мајки што се надеваат на брза заработувачка“, вели 38-годишната гевгеличанка М.П..

Казината работат со минимален капацитет

Казината во Гевгелија се максимално погодени. Од нив, 90% се зависни од клиентите од Грција, кои сега воопшто ги нема, заради начинот на кој нивната држава одлучи да се заштити од вирусот и ги затвори границите. Многу млади останаа без работа, а останатите - со минимални или значајно намалени примања. Социјалниот живот во Гевгелија, кој и без тоа е многу сиромашен поради многу други фактори, сега тукуречи и да не постои, вели 37-годишниот гевгеличанец Д.Р. кој 15 години работи во казино.

gevgelija prazno kazino foto ivan kalchev 1„Голем дел од младите кои останаа без работа, сега работат сезонски во неколкуте фабрики за конзервирање, на плантажите за марихуана, во секторите за транспорт, градежништво... Сé се сведе на буквално преживување, кој како се снајде. Споредено со периодот пред март, посетеноста во казиното е само 5 отсто. Егзистенцијата на мојата фамилија е 100 отсто зависна од секторите туризам и угостителство, кои во овој период се тотално уништени. Шестчлено семејство со минимални примања... не треба повеќе да додавам. Тоа влијае и на нашето психофизичко здравје. Тоа е цената која никој никогаш нема да може да ја плати“, вели гевгеличанецот Д.Р.

Од казиното „Фламинго“ велат дека никој не добил отказ, но вработените што имале договор на определено време не добиле нови договори.

„Како дел од групацијата „Новоматик“ настојувавме да ги задржиме сите вработени и од оваа корона-криза да ,испливаме’ сите заедно. Во моментот работиме со минимален број гости во однос на бројот на гости пред пандемијата со коронавирусот. Пред пандемијата имавме просек по 1.500 гости на дневно ниво, а сега имаме по 20 гости“, велат од „Фламинго“.

Тие објаснуваат дека добиле субвенции од Владата во однос на плати за вработените во април, мај, јуни, ноември, а очекуваат да добијат помош и за декември.

И стоматолошката дејност во криза

Со драстичен пад во работата е и стоматолошката дејност, која во Гевгелија и околината е особено привлечна.

Д-р Костадин Кангов води стоматолошка ординација во Гевгелија девет години. Станува збор за семеен бизнис во кој се вклучени и неговата сопруга и сестра. Ординацијата „Корона дентал“ има десет вработени.  

kostadin kangov„Се трудиме да го задржиме бројот на вработените, но ако ова потрае, неизвесно е како ќе издржиме. Обемот ни е многу паднат. Последните анализи што ги правевме, во однос на претходната година имаме пад од 80 отсто промет. Летните месеци, до август доаѓаа пациенти од Грција, не во ист обем, ама повеќе од сега. Мораа да приложат негативен ПЦР-тест за да се вратат назад, па остануваа уште еден ден во Гевгелија дури да добијат резултат. После ‘локдаунот’ на Грција, крајот на ноември, престанаа да доаѓаат. Ни ветуваа дека ќе направат ковид-центар за ПЦР-тестови, баш за да не се изгуби клиентелата од Грција, во цела услужна дејност во градот, но тоа не се случи“, вели Кангов.

Според него и локалното население поретко посетува стоматолог во овој период. ВО Гевгелија има голем број доктори и ординации, а некои колеги доаѓаат од други градови и тука, според д-р Кангов, настанува најголем проблем.

„Добар дел од нив овде дојдоа со своите семејства, купуваат станови, земаат кредити, а сега дел од нив мораа да се вратат дома. Со првата помош што ја добивме од Владата во април имавме минимална плата, сега ни покриваат по 21.700 денари од вработен. Во моментот и тоа е голема помош, ако се знае дека и фиксните трошоци едвај ги покриваме. Има примери во градот, цела ординација се затвори со многу вработени“, вели д-р Кангов.

Погодени се сите услужни дејности

Како општината се обидува да им помогне на своите граѓани? Треба ли Гевгелија да се потпира само на казино-туризмот кој е директно поврзан со јужниот сосед? Градоначалникот Сашко Поцков вели дека очекувал амбициозна 2020 година, но пандемијата ја оневозможила таа цел и предизвикала серија непредвидливи и далекусежни последици.

gevgelija sasho pockov foto opstina gevgelija 1„Пандемијата ги промени приоритетите во нашето живеење и работење. Го отежна функционирањето на здравствениот систем, а доведе и до сериозни последици во економијата и општественото функционирање. Дополнително, здравствената криза предизвика последици и во економската слика на регионот, државата и општината, но и свои последици во социјалната сфера, образованието, културата. Голем дел од угостителските и услужните објекти работат со намален капацитет и намален број вработени. Со тоа, една од најзначајните стопански гранки трпи огромни загуби, а значаен дел од нашите сограѓани се исправија пред неизвесноста за својата лична и семејна иднина. Евидентно е дека се погодени сите услужни дејности во Гевгелија. Од почетокот на кризата, па до сега, од АВРМ - Гевгелија имаме податоци дека зголемен е бројот на активни баратели на работа за 1.400. Во таа структура влегуваат отпуштените од казината и конфекциите. Но, во оваа бројка влегуваат и активните баратели на работа кои тукушто завршиле средно училиште или факултет и се пријавиле во Агенцијата за вработување“, објаснува Поцков.

Тој вели дека со Советот на Општината се залагале за да се ублажат последиците од пандемијата, пред сѐ преку намалување на комуналните такси што се во општинска надлежност, а кои се обврска на фирмите. Овие давачки се намалени за 30 до 35 отсто.

„Родителите чии деца престојуваат во градинките беа ослободени од плаќање партиципација за престој на децата во периодот од март до август, за време на вонредната состојба. Заеднички настојувавме преку зголемување на социјалната помош да излеземе во пресрет на најранливите категории на граѓани. Иницирав повеќе средби и активности со надлежните владини ресори за да го запознаам со проблемите на гевгелиските стопанственици и обезбедување соодветна помош. Со четвриот пакет мерки на Владата се надевам дека на гевгелиските фирми ќе им се помогне колку-толку за да не дојде до нивно затворање. Паралелно со ова се трудиме преку донации и други финансиски извори да обезбедиме дополнителна опрема за здравствениот систем во општината“, вели Поцков и додава дека очекува повторното отворање на границата и нормализирањето на граничниот промет, почитувајќи ги протоколите, значително ќе придонесе за ублажување на последиците од коронавирусот.

Автор: Сребра Ѓорѓијевска

 

-----------------

Текстот е подготвен во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс, во соработка со Македонскиот институт за медиуми. Проектот е финансиран од Британската влада.