Ниту новинарите не се имуни на пандемијата - им треба одмор, сон и помалку информации

Се чита за 7 мин.

maja janevska ilieva foto igor panevski 4

Кај нас не се работи на психолошката поддршка на новинарите, иако индиректната траума остава исти последици како и директно преживеаната траума.

Пандемијата предизивикана од ковид-19 сериозно се одрази врз новинарите и нивното работење. Економската состојба во општеството генерално влијае врз работата на новинарите во сите медиуми, бидејќи тие во најголем дел се поддржани од локалните бизниси, што доведе до намалување на рекламите и платите во некои медиуми, а некои дури и се затворија. Притисокот од јавноста врз новинарите е голем бидејќи тие споделуваат и информираат за непријатни и застрашувачки вести. Истовремено, тие се едни од хероите на ова време, бидејќи кога сè запре и кога се случуваа карантини, кога цели градови беа под полициска контрола, главен извор на информации беа токму тие – вели психологот Ана Попризова од Скопје.  

ana poprizovaНиз какви премрежиња и предизвици се изложени медиумските работници во време на пандемијата? Долготраен стрес, исцрпеност, анксиозност, страв – ова се дел од неприликите во кои се најдоа новинарите во цел свет, но и кај нас. Заедно со медицинските лица, новинарите што работат на терен се веднаш на првата борбена линија.

Во услови на пандемија и лажни вести, начинот на презентирање на информациите е деликатна тема, затоа е значајно да се користат веродостојни и балансирани научно-базирани извори. Застрашувачки е и податокот дека само во првите четири месеци од започнувањето на пандемијата животот го изгубиле 186 новинари во цел свет. Овој притисок може да предизвика проблеми со менталното здравје. Истражување спроведено од започнувањето на пандемијата врз 1400 новинари од 125 земји информира дека над 80% од испитаниците наведуваат барем еден негативен психолошки симптом, анксиозност, прегореност, депресивност, проблеми со спиење или чувство на беспомошност. Многу често во вакви услови, луѓето манифестираат ризично однесување, посегнуваат по алкохолизам и психотропни супстанции – посочува Попризова.

Не се работи на психолошка поддршка на новинарите

Попризова посочува дека кај нас не се работи на психолошката поддршка на новинарите, a индиректната траума остава исти последици како и директно преживеаната траума.

Новинарите изложени на трауматски сцени треба и самите да се третираат како жртви на траума. И работата од дома секако е предизвик за сите, а особено и за новинарите кои работат со рокови. Можеби оваа состојба ќе ги поттикне и новинарските куќи да станат свесни за потребата од негување на позитивна професионална клима во насока на одржување на менталното здравје на кадарот. Медиумските работници треба да бидат свесни за своите психолошки, емоционални и телесни симптоми. Новинарот не е имун на емотивен стрес. Треба да се воспостави структура и планирање дневни/неделни активности, што дава чувство дека ја контролираме ситуацијата. На новинарите им треба доволно сон и да ја намалат преголемата изложеност на вести и информации, бидејќи со современите технологии и паметни телефони, тие се постојано достапни и изложени на секакви информации. Треба одмор и опуштање - хоби, природа, релаксација, поминување време со блиски луѓе. Разработете мрежа на значајни луѓе во животот, внимателно „плетете“ ја и негувајте ја – советува Попризова и додава дека доколку некои од овие симптоми се повторуваат, треба да се побара стручна помош.

Фуркан Салиу: Никогаш не би се откажал од директниот контакт

Фуркан Салиу кој е новинар во „ТВ Клан“ потврдува дека последнава година се соочува со поголеми потешкотии во работниот процес.

furkan saliu 2Кога немате директен контакт со службените лица одговорни да решат некој проблем, или пак направиле проблем и треба да се соочат со јавноста, ефектот не е ист. Па, дури во многу случаи, изговорот дека е пандемија, беше корисен за да се избегнат снимања. Во голема мера се намали транспарентноста на институциите. Големи грешки и пропусти се оправдуваа со изговорот „Па, пандемија е“ – вели Салиу.

Ковид-19 се одрази и на приватен план, продолжува младиот новинар.

Директниот контакт со инфицирани лица, паниката дека можеш некого да заразиш, избегнувањето на контактот со блиските, сето тоа имаше свој ефект. Кога би морал да одберам една работа од која никогаш не би се откажал, а е поврзана со професијата, тоа сигурно би бил директниот контакт со луѓето. Онлајн можеш да завршиш работа, но емоцијата, душата на еден телевизиски прилог, не можеш да ја пренесеш преку зум-снимања. Ако има што било позитивно во целава ситуација, тоа е дека ние помладите новинари имавме кондиција и бевме во голема предност што не спаѓаме во ризични групи – посочува Салиу.

Што е тоа што го одмора?

Среќа што продолжија спортските активности во светот, особено фудбалот. Сѐ што ми треба да се одморам е добар фудбал за викенд!

Вежбање јога, читање книги, прошетки во природа

Маја Јаневска-Илиева е фоторепортер во дневниот весник „Нова Македонија“. Таа не влегува директно во ковид-центрите, но секојдневно е на терен. Вели дека работните обврски ги исполнува со истата динамика како и порано, почитувајќи ги мерките за заштита. Внимава секогаш да носи маска кога е на терен, да има гел за дезинфекција, кога снима група луѓе се обидува да држи растојание. Освен физичката заштита, се штити и ментално и наоѓа начини како да си посвети внимание.

maja janevska ilieva foto igor panevski 5Вежбам јога наутро, слушам музика, секој понеделник гледам „Дубиоза Колектив“ карантин шоу, одам на изложби, а есенва имаше многу инспиративни, читам книги во секој слободен момент... Ми недостига поврзувањето со природата. Напливот на позитивни емоции што го открив кога се искачував низ шумата на Водно е неверојатен. Посакав да ги гушкам дрвјата за возврат. Децата, нормално, ми се смееја. Сега секој викенд откриваме нови патеки - раскажува Јаневска-Илиева.

Со воведувањето на вонредна состојба ѝ било овозможено да работи од дома, што за неа значело заштеда на време и на ресурси.

Фокусот го поместив кон децата, кои следат онлајн-настава. Направив приоритет: завршување на работните обврски, грижата за останатите од фамилијата, дневните домашни работи, па дружбата со остатокот од светот. Согледав дека можам да постигнам сѐ ако станувам порано и секоја активност однапред ја планирам и ја ставам во временска рамка. Во однос на работата многу е лесно кога однапред ги знам снимањата со точно време и место - објаснува Јаневска-Илиева.

Таа вели дека флексибилноста на обврските има и негативна страна, како што е работењето и подоцна навечер. Но, фоторепортерката се навикнала на измешаниот начин на функционирање и најголем страв ѝ е како ќе се врати на старото „нормално“.

А, и зошто би се враќале на строгото непрекинато осумчасовно работно време кога со колегите од редакцијата ги усогласивме обврските од дома и станавме поефикасни и од порано. Сите имаме и помлади и постари членови на фамилијата за кои се грижиме. Стравот од зараза е поголем кога знаеме дека може вирусот несвесно да го пренесеме некому од нив – вели фоторепортерката.

Христовска-Угриновска: Се заморувам и губам концентрација

Соња Христовска-Угриновска е новинарка во дневниот весник „Слободен печат“, којшто комплетно се работи и се пакува од дома. Во март само новинарите почнале да работат од дома, а уредниците го склопувале весникот во редакција.

Но, од април до денес „Слободен печат“ се испраќа во печатница откако секој поединец што го создава поминал „турбо“ откачен работен ден. Кога почна ситуацијата си реков дека овој начин на работа е како „остварен сон“. Отсекогаш сметав дека работењето од дома е здраво и економично, и за работникот и за фирмата. Сѐ уште мислам дека тоа има свои предности, ама и маани, но сепак, не е возможно ваквото „весникарење“ да остане и по пандемијата“ - вели Христовска-Угриновска.

Таа додава дека техничките проблеми од типот на прекин на електричната енергија среде прес-конференција или кога компјутерот сам се рестартира, ѝ влијаат на текот на работата.

Покрај незиното работно биро има уште две бироа со компјутери на кои нејзините две деца следат онлајн-настава. Нејзиното работно време се поклопува со училишниот ден на децата, па често во нивната училница, канцеларија и дневна соба имаат стресни, но и комични ситуации.

sonja hristovska ugrinovskaЕдниот син е седмо, а другиот е петто одделение и учат во две смени. Многу се вознемируваат од техничките проблеми на онлајн-наставата, на пример кога помалиот син три пати решаваше тест по природни науки, а не можеше да ѝ го испрати на наставничката. Ниту е лесно кога се случуваат итни ситуации дома што мора да ги решам додека фокусот ми е на работната задача. Кога зачестуваат напорните денови ми се случува и заморување и слаба концентрација. Среќа, сопругот е често дома и помага да не „прегорам“, а и ваквите ситуации и лоши денови се поретки - вели Христовска-Угриновска и додава дека во овие ненормални услови наша задача е да создадеме среќни семејни и работни денови во сопствените домови, во динамична атмосфера, но и да ги сочуваме мирот и здравјето.

Дека македонските новинари ја делат судбината со илјадници нивни колеги по цел свет, сведочи и Гевин Рис, директор и обучувач во „Дарт Центар – Европа“, институција посветена на новинарството и траумата. Многу е важно да не ги потцените едноставните нешта - добро да се наспиете, да се храните соодветно, да вежбате, по можност надвор во природа. Можеби звучи едноставно, но овие нешта можат да направат огромна разлика, а кога сме под притисок може да ги запоставиме мислејќи дека немаме време за нив, вели тој.

Понекогаш луѓето треба да забават, пред да забрзаат. Секој новинар кој работи на приказна поврзана со коронакризата е изложен на многу негативни вести. И колку попрофесионално работи на приказната, повеќе простор му треба за себе потоа. Тоа е многу важно, на мозокот му треба опоравување и повторно полнење – вели Рис.

Неговата препорака е: одредете дел од денот кога не гледате вести, ниту во вашите уреди, особено навечер пред спиење вежбајте, пронајдете хоби, гответе или, едноставно, гледајте филмови, ќе ви помогне да се исклучите. Што и да правите за себе, добро е да си направите рутина.

gavin 2Важно е да се потсетуваме дека треба да бидеме толерантни кон себеси. Да се фокусираме на реални цели и комплексните задачи да ги поделиме на мали мини-чекори. Тоа е секогаш добро, особено кога некој се чувствува совладан. Контактирајте со колегите и пријателите. Нештата што нѐ загрижуваат често избледуваат кога гласно ќе ги кажеме некому кому му веруваме – пријател или ментор. Ова е многу важно, не само поради вас, туку и за новинарството. Кога интервјуирате луѓе во заедницата, понекогаш е тешко да ги издвоите сопствените реакции во врска со пандемијата од реакциите на оние што ги прашувате - вели Рис.

Според него, кризата донела и нови можности. Многу новинари во нивната мрежа велат дека иако известувањето за ковид-19 е исцрпувачко, новинарството никогаш не било поважно за заедницата. Стресот е присутен и кај медиумските работници што работат од дома.

Уредниците се под притисок, но загрижува однесувањето кога на  новинарите им се наметнува дека треба да бидат благодарни што воопшто имаат работа. Тоа не им помага ниту на новинарите, ниту на бизнисот. Луѓето даваат најдобри резултати кога се чувствуваат ценети и знаат дека некој ги слуша, а работат најефикасно кога имаат доволно време да се одморат и да соберат енергија – тогаш и помалку се прават грешки. Можеби да се обидете и да бидете смирени. Но, немојте да ја прифаќате идејата дека тоа што имате работа, значи дека немате право да кажете што мислите за условите во кои работите. Развивајќи способност да ги кажете своите грижи на смирен начин, без гнев или правејќи ги нештата лични, може да биде моќно и ефикасно во вакви ситуации, особено ако имате „тежок“ уредник, вели Рис.

Автор: Сребра Ѓорѓијевска

 

-----------------

Текстот е подготвен во рамки на проектот „Промовирање на медиумска и информациска писменост и зајакнување на независните медиуми во Западниот Балкан“, што го спроведува Албани асошиејтс, во соработка со Македонскиот институт за медиуми. Проектот е финансиран од Британската влада.