Како на лажни вести „заринкуваат“ интелектуалците?

Се чита за 6 мин.

Еднаш, памeтам дека „заринкав“ на некаква лажна вест за убиство на млада медицинска сестра, потоа се случи да поверувам на вест во врска со некакво наводно законско решение за кое подоцна се покажа дека, воопшто, и не постои ниту, пак, се расправало за него во Собранието…

Да бидам искрена, додека бев „понова“ на Фејсбук, доста често ми се случуваше да се залетам и да „треснам“, споделува д-р Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик. Но, таа признава дека со текот на времето учела како да се однесува на социјалните мрежи. По принципот „им се случува и на најдобрите“, поразговаравме со неколкумина наши универзитетски професори за тоа како се штитат од дезинформации или, во случај да им се испушти контролата, како постапуваат.

elka11 1

Прво научив дека не треба секогаш да донесувам суд за информацијата врз основа на насловот. Многу често се случува насловот да биде некаков „авторски“ заклучок што нема никаква врска со веста. Кога во неколку наврати ми се случи некаква моја објава да биде сосема погрешно пренесена или толкувана од некои портали, научив дека не треба да им се верува на сите портали и дека има и такви што ја извртуваат вистината заради поголем степен на сензационалност и читаност… Што знам, веројатно, тоа е данокот што го плаќа секој што тргнува од себе: за сериозни работи никогаш не лажам и не ми паднало на памет, макар и на шега, јавно да пласирам некаква лага, онака колку нешто да се каже за да се чита. Оттука, веројатно, мојата слепа верба дека сопствениците на портали не измислуваат… па, сепак, не е секогаш така… – смета Јачева-Улчар.

Не сакам да ја изгубам довербата од кажаното кај пријателите

Нејзини пријатели знаат да ја прекорат дека споделила лажна вест, а во тој случај, или се извинува или во постскриптум објаснува зошто споделила таква вест, што ја завело или ja довело во заблуда или доколку нема голем број реакции, ја брише споделената објава.

На мојот профил не сакам да се вртат објави со лажни вести, зашто не сакам да ја изгубам довербата за кажаното кај пријателите, според наравоучението од онаа басна кога волкот, по низата лажни аларми дека дошол да ги јаде овците   ̶   навистина се појавил, а веќе никој не верувал дека е тоа така. Не можам баш најточно да се сетам кога првпат сум била „насанкана“ на лажна вест. Еднаш, паметам, дека „заринкав“ на некаква лажна вест за убиство на млада медицинска сестра, потоа се случи да поверувам на вест во врска со некакво наводно законско решение за кое подоцна се покажа дека, воопшто, и не постои ниту, пак, се расправало за него во Собранието… но затоа паметам дека најфлагрантната лажна вест ја чувме сите од нашиот бивш премиер, од нашиот бивш министер за надворешни работи и од уште двајца високи функционери од актуелната власт за „авионското“ добивање датум за започнување преговори со Европската Унија… И потоа истите тие утврдуваат и санкционираат лажни вести по примерот на онаа нашата народна „кадија те тужи – кадија те суди!“. Каква иронија!? – вели Јачева-Улчар.

Таа го посочува избивањето на војната во Украина како подлога за да се види појасно мрачната страна на лажните вести.

Во ваква ситуација кога различно „настроени“ медиуми пласираат најразновидни вести про ет контра: Путин, Русија, Украина, НАТО, Бајден, Европска Унија итн., итн… – многу тешко станува да бидеш веродостојно информиран, зашто и многу поумни и поискусни од мене признаваат дека една е војната на теренот, а друга е војната што ја креираат медиумите со „дотерувањето“ на: фактите, бројките и „приказните“ за тоа што реално се случува на боиштата во Украина. Затоа и сега, како и претходно, се обидувам, главно, да се информирам од најмалку два опозитни медиуми што не „тераат“ иста линија на известување. Сметам дека вистината е некаде на средината, но и таму не е докрај чиста и кристално јасна. Во меѓувреме, не заборавам на претходното искуство, на сопствената интуиција за тоа што е лажно, а што не е… не судам, не зафаќам страна и навивам што побргу да заврши оваа свинштина што го фрли човештвото во очај и страв… – завршува Јачева-Улчар.

Васко Шутаров: Исклучително сум внимателен со постирањето содржини на социјалните медиуми

Оној што прв рекол дека добрата идеја и добрата информација еден ден ќе бидат најважен ресурс во човечкиот живот, навистина ја имал златната акција в раце, бидејќи токму такво време актуелно живееме сега. Сите сме еднакво изложени на брутална инвазија од информации, но не секој од нас има доволно време, стекнати вештини или искуство, тој силен проток од информации добро да го протресе, како што низ сито, решето и многу бистра вода доаѓале до златo, трагачите по овој благороден метал. Денес да се допре до вистинската информација или до вистината во мноштвото од информации е вредно како злато. Посебно во време на поствистина, време во кое информацијата што денес ни се причинила вредна како злато, по одредено време изгубила секакво значење или вредност – вели Васко Шутаров, универзитетски професор, доктор на политички науки.

vas 2

Токму поствистината што оперира повеќе со моментални чувства отколку со објективни показатели, може полесно да го по(д)веде Шутаров отколку класичните и провидни дезинформации или полувистинитите информации.

Имам поминато доволно активно време во политиката, знам како се креира информација или како се моделира јавно мнение по одредено прашање, а и им предавам на студенти Односи со јавност, за среќа предавам и Геополитика и Меѓународни односи, па од домашните и меѓународните теми не се сеќавам кога последно сум бил наведен на дезинформација. Темите од меѓународната политика што ги пласираат нашите медиуми имам обичај да ги проверам и во светски медиуми, за кои сметам дека имаат високо ниво на објективност и професионалност. Така што, дотука немам проблем. Исклучително сум внимателен со објавувањето содржини на социјалните медиуми, бидејќи не би сакал во ниеден случај, макар и од невнимание, да се најдам во одреден синџир од дневна доза споделени дезинформации, а и немам такво искуство што би го паметел и од кое денес би се срамел – споделува нашиот соговорник.

Шутаров признава дека е особено внимателен и критичен кон пласираните информации, особено за време на двегодишната здравствена криза, но и за актуелната руско-украинска војна.

Моите ставови и мојата вистина ги пласирам преку колумни, кои и денес препрочитувајќи ги, по една или две години по пишувањето, повторно би ги потпишал. Но, тоа што понекогаш знае утрински да ме боцне и размрда е кога некој спомен од Фејсбук ќе ме потсети на некој статус во кој ме повела не некаква дезинформација, туку некоја тогашна актуелна поствистина набиена со прилична доза емоции и најчесто поврзана со некое чувство за индивидуална неправда или неправда поврзана со државата. Во вториов случај тоа најчесто биле поствистини пласирани или од српски или од бугарски медиуми, кои и покрај блискоста на јазиците добиле некаква друга смисла на македонски јазик или биле фрагментарно и некритички преземени од нашите медиуми, па ме навеле на одреден коментар, кој по одредено време изгубил секаква релевантност. И тоа се случувало кога сум немал време да ја проверам изворно информацијата на српски или на бугарски јазик, или сум го пренебрегнал нивното исчитување меѓу редови. Критичен сум кон својата наивност и во тој случај знам и фејсбук-споменот да го споделам, колку да ми „трепка“ за да не ми се повторува – признава Шутаров.

Дарија Андовска: Некогаш дообјаснувам, а некогаш бришам објава

За професорката на Факултетот за музичка уметност и композиторка Дарија Андовска, насловите на вестите многу често се така формулирани што „човек мора прво да се ослободи од афектот што го создаваат за да процени дали станува збор за дезинформација“.

darija andovska 1 1

Манипулацијата останува за лесно поводливата публика, која во вакви кризни и тешки времиња, реагира многу повеќе емотивно и во афект отколку рационално, што е и разбирливо. Не многу дамнешен пример –интонирањето на химната на Македонија од воениот оркестар, при посетата на бугарскиот премиер. Веста беше пуштена како скандалозна – не бил отпеан текстот на македонската химна. Да, текстот не се пее кога химната ја свири воен оркестар. Па не биле сите строфи. Да, не се сите строфи кога музиката се повторува во секоја од нив, а во вакви околности се внимава должината на химните што се интонираат, да биде приближно иста – вели Андовска.

Како реагира Андовска во случај кога ќе сфати дека можеби на социјалните мрежи споделила дезинформација.

Доколку сум објавила нешто што понатаму се покажува како дезинформација, во зависност од релевантноста на објавата и веста (а и колку брзо сум изреагирала) решавам дали ќе ставам дообјаснување или во целост ќе ја избришам. Иако, морам да признаам, навистина исклучително ретко ми се случува да не проверам, особено зашто сите мои објави се со лично видување и интерпретација на нештата, а за тоа се потребни информации од повеќе страни. И доза на хумор – вели таа.

„Најхрабриот чин е сè уште да мислите самостојно. Гласно“ – рекла Коко Шанел, потсетува композиторката.

Сметам дека односот кон себе, мене ми помага да се штитам од дезинформации. Менталната и емоционалната хигиена се секогаш поврзани со самостојното размислување, без подлегнување на притисок, за да не биде човек подложен на манипулација.

Автор: Сребра Ѓорѓијевска


Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).