Натпреварувачи има, квизови нема – каде исчезнаа телевизиските квизови во Македонија?

Се чита за 8 мин.

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) објаснуваат дека емитувањето квизови зависи исклучиво од определбата и од уредувачката политика на медиумот

Љубителите на квизови од Македонија се обидуваат да влезат на добри телевизиски квизови во регионот, чекајќи нова сезона на нашите изданија, кои во моментот се бројат на прсти. На квизовите во Србија може да учествуваат, но конкуренцијата е многу силна и тешко обезбедуваат пласман. На квизови во Хрватска, пак, учествуваат само хрватски државјани.

Во Македонија имаше години кога се организираа одлични квизови, за кои секогаш имало автори, организатори, натпреварувачи и публика. Од најпознатиот „Квискотека“ во времето на поранешна Југославија, до „Меморија“, „Без паника“, „Пирамида“, „Енигма“, „Кој сака да биде милионер“ и уште многу слични во независна Македонија. Денес, тие се реткост. Во моментот само три квиза се емитуваат на македонските телевизии и сите се на македонски јазик: „20 секунди“ на првата програма на Македонската радиотелевизија (МРТ1), „Листа за 300“ на ТВ Сител и „Заврти на Телма“ на телевизијата Телма. На што се должи оваа состојба?

kviz lista za 300 sitel printskrin p„Листа за 300“ на ТВ Сител / Извор: Јутјуб (принтскрин)

Од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) објаснуваат дека емитувањето квизови зависи исклучиво од определбата и од уредувачката политика на медиумот.

Со надзорите што Агенцијата ги прави врз медиумите, забележано е дека на националните терестријални телевизии се емитува мал број квизови на македонски јазик. Според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, радиодифузерите немаат обврска да емитуваат квизови. Одлуката дали ќе емитуваат квизови и од каков тип, зависи целосно од независната уредувачка политика на секој медиум поединечно - велат од АВМУ.

Доколку се одлучат да емитуваат квизови, тогаш Законот утврдува дека медиумот е должен да објави недвосмислени информации за правилата и за јавно ветената награда. Деталите за тоа како да се спроведе оваа обврска, се уредени во Правилникот за програми со наградно учествување и за користење телефонски услуги со додадена вредност (https://avmu.mk/wp-content/uploads/2017/05/Pravilnik_za_programi.pdf), кој е изработен од АВМУ.

Сашко Ратковиќ: Нема пари, никој не сака да се рекламира

Сашко Ратковиќ е автор и организатор на приближно 40 квиза во Македонија, а во оваа дејност работи веќе 30 години. Бил уредник на квиз-редакции и на забавни програми во многу телевизии во земјава. Почнале заедно со брат му, Јово Ратковиќ, а потоа продолжил самостојно да ги организира: „Не ме гледај така“ (контактна шоу-емисија во живо), „Супер домаќинка“ (6 циклуси, контактна шоу-емисија во живо); квизовите „Отвори и земи“, „Меморија“, „Без паника“ (4 циклуси), „Нимекс за најмладите“, „Колут напред“, „Ќе перам ама не пеам“, „Ла кукарача“, „Пирамида“ и други. Ги уредувал „Илустриран забавник“, „Ентер“ (месечникот и ТВ-емисијата), „Булевар“, www.boomtv.mk. Денес работи како уредник на емисијата „Црвена линија“ и е продуцент на квизот „Заврти на Телма“ – еден од трите квиза што во моментот се емитуваат во Македонија.

Нештата драстично се сменија во 2006 година. Оттогаш едноставно нема спонзори за ваков вид емисии. Нема пари, никој не сака да се рекламира – вели Ратковиќ.

bez manika 1Од квизот „Без паника“ (1996 г.) / Извор: Јутјуб (принтскрин)

Првото работно искуство со квизови му било во телевизијата А1 каде што бил уредник на квиз-редакцијата од 1993 до 1997 година. Се сеќава дека квизот „Без паника“ имал дури седум продолженија, прво бил емитуван на А1, па на Канал 5, па на ТВ4.

Сите седум продолженија се продаваа однапред. Имаше место за еден генерален спонзор, два големи спонзора, 12 мали и цените беа високи... имаше вредност, имаше пари. Сега тешко да се дојде до пари, никој не сака да вложува. И цените се многу паднати – вели Ратковиќ.

Иако отсекогаш бил љубител на квизови, никогаш не се натпреварувал. Денес има база на податоци од 10.000 прашања. Според Ратковиќ, за да биде квизот добар и успешен, многу е важен начинот на кој се поставува прашањето.

На пример: Колку букви се употребуваат за да се напише зборот вакуум? Одговорот е 5, но ако прашаш колку букви содржи зборот вакуум, тогаш одговорот е 6. Кога квизот оди во живо, мора на сè многу да се внимава. Ако се случи грешка, а се случува, приговорот мора веднаш да се прифати. Веднаш се јавуваме на натпреварувачите, им кажуваме дека грешката е кај нас и ја доделуваме наградата. Грешки се прават, но и се поправаат и тоа е сосема во ред – објаснува Ратковиќ.

kviz zavrti na telma printskrin 1Од квизот „Заврти на Телма“ / Извор: Јутјуб (принтскрин)

Порано на квизовите работеле големи екипи. Во еден период во А1 имале дури тројца организатори. Снимале толку многу, што дневно имале и по 3-4 часа програма.

Предраг Чемерикиќ многу нè ценеше и ни веруваше. Во еден период во А1 дојдоа Драган Абјаниќ, Иван Чунихин, двајцата денес се починати, и Дивна Китановска, која во моментот е во Америка. Од Драган ја научив уметноста на занаетот, Чунихин беше перфекционист, а од Дивна нема подобар работник – на 95 отсто од квизовите што ги правев, таа беше реализатор. Многумина се нафаќаа и не можеа да ја завршат работата. Квизот е тешка работа, потребни се многу подготовки. И има многу непредвидени ситуации. За разлика од тие времиња, денес е многу поинаку. Нема луѓе, намалено е сè, секаде се штеди. Јас сам ги правам прашањата, сам ги проверувам и некогаш се случува грешка – вели Ратковиќ.

Никола Спировски, најмладиот победник на „Енигма“

Интернетот е другиот пресврт во состојбата со квизовите кај нас. Порано се барале информации во енциклопедии, учебници, специјални изданија. Ратковиќ и денес ги чува учебниците од прво до осмо одделение, од гимназија, а купувал и од Србија, од Англија. Денес на интернет информациите се многу подостапни, но знаењето е понефункционално.

Во Англија издаваат квиз-книги со околу 1.000 прашања и родителите ги користат за да играат со децата. Но, таму стандардите се поинакви и во самите квизови. За да се појавиш на квиз, треба навистина многу да знаеш. За разлика од нас, и Хрватите многу повеќе читаат, луѓето се поинакви, повеќе купуваат книги. И имаат јаки квизови. „Слагалица“ во Србија многу долго се емитува. А квизот е многу едноставен, добро конципиран и има само 10 прашања на знаење. Сè друго е на основа на информираност, асоцијација, треба да резонираш, има математика, мастермајнд и добро да е направен – вели Ратковиќ.

kviz slagalica pКвизот „Слагалица“ на РТС / Извор: Јутјуб (принтскрин)

Според него, за да биде еден квиз добар, многу е важно како е конципиран. Треба да биде јасен за да нема простор за манипулација. Во еден од квизовите што ги организирале, натпреварувачот имал помошник што седел во автомобилот што бил главна награда.

Пред да почне натпреварувачот со играта, на помошникот му ги дававме прашањата со одговорите. И мораше да се следи тој концепт. На крај помошникот јавно потврдуваше дека сè било регуларно и беше многу транспарентно. Секогаш кога правам квиз, се трудам да нема можност за манипулација – објаснува Ратковиќ.

kviz nikola spirovskiНикола СпировскиНикола Спировски од Скопје денес има 32 години и е магистер по меѓународно право и меѓународни односи. Пред петнаесетина години беше еден од најмладите учесници на квизови на знаење, кој дотурка далеку. Почнал со квизот „Енигма“ кога имал 15 години, а на 19 години учествувал на македонскиот „Кој сака да биде милионер“. Спировски вели дека мотивот да се пријави и да учествува на телевизиски квизови бил комбинација од знаењето што го покажувал дома додека гледал квизови, поттикот и поддршката од најблиските што му ја разгореле желбата за докажување против возрасни натпреварувачи, особено против оние со повеќегодишно искуство.

До моето учество немаше многу млади натпреварувачи, речиси и да немаше воопшто. Потоа почнаа да се појавуваат и други млади натпреварувачи и ми беше мило, бидејќи една од моите цели беше да покажам дека младите натпреварувачи можат да бидат рамноправни против искусните противници. Бидејќи го скршив мразот, беше вистинско изненадување и е невообичаено едно 15-годишно дете да постигне такви резултати. Имаше различни реакции во гимназијата во која учев – некои ми честитаа, други ме гледаа со недоверба и скепса: „Не е можно да знаеш толку, некој ти ги кажува прашањата“ – раскажува Спировски.

Како се снаоѓаат „квизаџиите“?

Спировски учествувал двапати на квизот „Енигма“. Според концепцијата, во квизот се натпреваруваа парови. Во првата сезона учествувал со мајка му, завршиле на четврто место и освоиле летување во Охрид. Втората сезона, заедно со вујко му победиле и освоиле по 1.500 евра. Неколку години подоцна учествувал на „Кој сака да биде милионер?“ и освоил 125.000 денари. На прашањето дали продукциите чесно ги исплатиле наградите, Спировски вели:

Продукцијата што го организираше квизот „Енигма“ навреме ги подмири обврските. Ситуацијата со „Кој сака да биде милионер?“ беше сосема поинаква. Продукцијата не се придржуваше до договорот што го потпишавме пред снимањето. Не ми дадоа примерок од договорот, велејќи дека ќе го пратат по факс. Тоа не се случи. По шестмесечно доцнење, сепак ја подмирија својата обврска, благодарение на џокерот „повикај пријател“, кого го поздравувам – вели Спировски.

kviz nikola spirovski 1 2Никола Спировски во статија објавена во неделникот „Антена“ („Дневник“)

Денес одвреме-навреме гледа „Слагалица“ на РТС и „Потера“ на ХРТ. Вели дека на нашите телевизии понудата е исклучително скромна, речиси ја нема, а во скоро време не планира да учествува на некаков квиз.

Имам поинакви планови. Но, останувам љубител на квалитетните квизови, кои ги има сè помалку – вели Спировски.

Пред неколку години љубителите на квизови во земјава се организирале и регистрирале  Македонска квиз-асоцијација. Оливер Таневски е еден од основачите, поранешен претседател и актуелен секретар на здружението. Тој е професор по историја, но работи друга професија.

По првата сезона на квизот „20 секунди“ учесниците си организирале група на „Вибер“ каде што почнале секојдневно да комуницираат.

Се договоривме неколкумина да појдеме во Ниш да видиме како ги организираат нивните натпревари, настрана од телевизиските квизови. Тоа беше пред пандемијата, собравме информации и на истиот принцип и тука почнавме да организираме квиз-натпревари – објаснува Таневски.

Натпревари на Македонската квиз-асоцијација

Во Србија оваа сезона повторно почнува да се емитува „Кој сака да биде милионер?“. Таневски вели дека кај нас ситуацијата со квизови е очајна.

 Неколкумина од Македонија отидовме на тестирање во Србија, но не се пласиравме.

Конкуренцијата е голема и верувам дека им даваат предност на своите државјани. Во Хрватска не ни можете да се пријавите ако не сте хрватски државјанин. И, така, сите одвај чекаме нова сезона на „20 секунди“. Долго време најавуваат трета сезона, но никако да почне снимање. Лани ова време веќе се снимаа емисиите – објаснува Таневски.

kviz 20 sekundi mrt printskrin wОд квизот „20 секунди“ на МТВ / Извор: Јутјуб (принтскрин)

Во меѓувреме почнале да ги организираат натпреварите во рамките на асоцијацијата. Една квиз-сезона трае од септември до мај. Се организираат четири мастерси (секој со по 200 прашања) и осум тематски натпревари (историја, географија, спорт и слично, со по 100 прашања). На 16 октомври ќе се одржи натпреварот на тема историја. Во Асоцијацијата во моментот има околу 25 активни членови, кои плаќаат по 1.200 денари годишна членарина, а пасивните по 600 денари.

На натпреварите нема награди, учествуваме заради престиж. Овој тип натпревари потекнуваат од Велика Британија. И кај нив учеството е престиж, но тие ги користат како тренинг за учество на квизови. За жал, за нас е ретка можност каде што можеме да го покажеме нашето знаење – објаснува Таневски.

kviz natprevar na makedonska kviz asocijacija foto mka pФото: Македонска квиз-асоцијација

Според него, добар „квизаџија“ мора да одржува постојано кондиција и секојдневно многу да учи. Има неколку членови на асоцијацијата, кои се деноноќно активни.

Ова е страст, ментална гимнастика и навистина е штета што нема доволно телевизиски квизови каде што би можеле да го покажеме нашето знаење. Телевизиски квизови на знаење се неопходни во Македонија – вели Таневски.

Главните мастерси претежно се одржуваат во Скопје, но се трудат тематските квизови да ги организираат во градовите од каде што доаѓаат други натпреварувачи – Тетово, Неготино, Охрид и Кавадарци. Асоцијацијата веќе располага со солидна база на податоци со прашања и одговори, но најчесто некој однадвор им ги конципира прашањата за да можат другите да учествуваат во натпреварот. По натпреварот, учесниците меѓу себе си ги проверуваат одговорите.

kviz potera hrt printskrin 1Од квизот „Потера“ на ХРТ1 / Извор: Јутјуб (принтскрин)

Прашањата не се воопшто лесни, но во тоа е предизвикот. Пред мастерсите ние навистина многу учиме и се подготвуваме. Затоа стандардите се високи. Никој не може да ги одговори сите 200 прашања. И најдобрите учесници, од типот на ловците во хрватската „Потера“ – Крешимир Сучевиќ-Меѓерал и Деан Котига, од 200 прашања рекордот им е околу 140. Имаме и ние неколкумина одлични натпреварувачи со огромно знаење. Но, мора да се најде начин како ова знаење да го покажеме – завршува Таневски.

Автор: Весна Ивановска-Илиевска


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).