Премногу медиуми, премалку релевантни – без редакциски живот и дефинирана уредувачка политика, објективноста во новинарството е изложена на автархија.
Во услови на сеопшта економска и социјална криза и на новинарите не им е лесно да ја остваруваат својата одговорна професионална обврска.
Интернетот и напливот на новите технологии понудија секому, буквално секому, да биде новинар или барем производител на медиумски продукти. Од вест, преку извештај, па сè до коментари, па и посложени форми, како, на пример, интервјуата. Површно гледано, од тој аспект дури и би можело да се каже дека сега новинар може да биде кој сака. Интернетот како извор на информации и алатката што сè уште ја нарекуваме мобилен телефон го овозможуваат тоа во сите изразни новинарски форми – текст, тон, видео, како и снимање тон и видео, монтажа и други слични можности потребни во секоја редакција, како архивирање податоци, фотографии и видеа и уште што не.
Па, така, доаѓаме до огромна брзина во пренесувањето вести и други информации, а и до неверојатна достапност до секакви податоци и информации. Од друга страна, широка е и масовна достапноста до информации и можноста секој индивидуално или организирано да произведува и да пласира вести и други информации надвор од организиран медиумско-редакциски амбиент.
Повеќе вистини за едно исто случување
Интернетот и мноштвото портали со недефинирани сопственост и уредувачка политика, дополнително на сè пораспространетите социјални мрежи, сè повеќе ја окупираат до вчера традиционалната медиумска публика и ги потиснуваат фактите како носечки столбови на секој новинарски продукт. Ваквата актуелна состојба во која страда вистината, во која доминираат паушални информации од паушални „медиуми“ без импресуми, во која вестите и другите информации се одраз на впечатоци, импресии и манипулации, а не на факти, практично нè води во вонредна информативна состојба во која на јавниот простор истовремено егзистираат повеќе реалности и повеќе вистини за едно исто случување. Ситуација во која мноштво ‘ботови’ на разни центри на моќ фабрикуваат и наметнуваат свои „вистини“. Таквата практика фрла сенка врз новинарството, врз новинарите што професионално ја вршат својата работа, а чија фактографија е поклопена од цунамито од лажни информации.
Реално, нема сигурен лек против лажните вести, но има превентива против лагите во јавниот простор – традиционалното, односно професионалното новинарство, редакциската организираност и медиумската слобода во однос на сопственоста. Во морето од лажни вести, редакциите, како професионални продуктивни јадра во печатот, радијата, телевизиите, порталите или како столбови на професионалното новинарство, ќе треба повторно да се наметнат со сите утврдени етички новинарски норми и стандарди.
Впечатокот на јавноста дека новинарството е паднато на најниски гранки не е можеби најреален, но и не е далеку од вистинската состојба. Па, сепак, за консументите на информациите, за граѓаните, патот до вистината станува сè потежок. Оттука, посебно е важна улогата на медиумите, на редакциите и на новинарите во нив и посебно на уредниците како креатори на уредувачките политики за кои фактите се примарната одредница при создавањето на новинарските продукти.
Во ера на енормно користење на социјалните мрежи, пробивот до вистината дополнително се усложнува
Во оваа технолошка ера, медиумите на глобално ниво се соочуваат со организирани кампањи за ширење дезинформации и пропаганда. Ако се има предвид дека дезинформациските кампањи и наративи неретко се поддржани од центри на моќ што сè повеќе се обидуваат да го замолкнат критичкото новинарство, тогаш предизвикот за професионалното новинарство е уште поголем. Ситуацијата е уште поопасна кога дезинформациите и лажните наративи ги креираат и ги шират поединци со авторитет коишто уживаат доверба и внимание од публиката, а медиумите само ги пренесуваат, практично само ги ‘катапултираат’ во јавноста, без притоа да ги проверат тврдењата на изворот.
Науката вели дека во овој наплив на дезинформации не помагаат многу ниту демантите
„Суштинскиот проблем со дезинформациите е што кога луѓето ќе дојдат во допир со нив, почнуваат да им веруваат и да дејствуваат врз основа на нив, дури и доколку бидат коригирани“, вели Стефан Левандовски, професор по психологија на Универзитетот во Бристол, Велика Британија. „Дури и во најдобрите светови, коригирањето на дезинформациите не е едноставна задача“, вели тој. Студиите за таканареченото мотивирано расудување или пристрасна оценка на информациите, потврдуваат дека луѓето се селективно скептични. Па, така, на пример, тие стануваат помалку критични кон идеите што се поврзани со нивните политички уверувања. Практиката потврдува дека повлекувањето на дезинформациите не е доволно за да се ублажи нивното влијание и последици и дека е потребен континуитет и конзистентност на редакциите во нивното разобличување.
Пукнатините во уредувачките политики не смеат да се пополнуваат со дезинформации
Голем дел редакции на глобално ниво ја согледаа големината на предизвикот и почнаа ревносно да ги приспособуваат своите политики на работа. Сè повеќе се размислува за прифаќање нови мерила за вредности и успех. Се покажа потребата традиционалните новинарски методи да се приспособат на дигиталната ера и да се создаде дополнителен слој претпазливост кога информациите извираат од социјалните мрежи. Од медиумите сè повеќе се очекува активно да се борат со дезинформациите на општествено ниво, било преку создавање свест и едукација на својата публика или, пак, преку јавна проверка и разоткривање на потенцијалните дезинформации.
Со својата професионална инертност и македонските медиуми се под силно влијание на дезинформациите
Агенцијата Франс прес креира глобален сервис за проверка на информациите што се објавуваат на социјалните мрежи. Ројтерс, пак, заедно со Фејсбук креираше е-обука за новинари за да ги откриваат манипулативните содржини и таканаречениот „дип фејк“. Алесандра Галони, главен и одговорен уредник на Ројтерс, неодамна изјави дека „во најдобар случај, новинарството засновано на факти може да послужи како противотров на дезинформациите што сè повеќе ги гушат платформите на социјалните медиуми“.
Но, на патот на исполнувањето на таквата демократска одговорност на медиумите, во нашата држава лежат многу предизвици. Финансиските ограничувања, недостигот на капацитети, како и отпорот за промена на културата во редакциите играат голема улога во овие процеси. Ако на ова се додаде и поларизацијата во општеството, работите уште повеќе се усложнуваат. Ниту еден поголем политички настан или битка не помина без да биде опфатен со силното влијание на бранот на дезинформации. Дезинформациите царуваа(т) во сите изборни циклуси, референдумот за промена на името, приклучувањето кон НАТО, пандемијата, енергетската криза, инвазијата на Русија врз Украина, бугарското вето за европската интеграција на РСМ, „францускиот предлог“ за откочување на евроинтеграциите, итн. Последиците од тоа се сè повидливи.
Медиумите треба да ѝ објаснат на публиката како работат
Истражувањата потврдуваат дека довербата во медиумското известување континуирано се намалува, а граѓаните неретко не можат да направат разлика меѓу професионални медиуми и други актери што продуцираат информации преку социјалните мрежи.
Но, во име на објективноста, тука треба да се потсети и на актуелната состојба во која денес егзистираат нашите медиуми. Тие имаат мошне тешка задача во овие актуелни околности предизвикани од општата економска и социјална ситуација. Ги погоди многу неповолно, што силно влијае врз извршување на нивната секојдневна работа. Ова посебно и во отсуство на транспарентност на институциите, отсуство на нивна организирана и координирана комуникација за најгорливите теми какви што сè уште се актуелната пандемија и посебно сегашната енергетска криза, инфлацијата, социјалата, потресите во бизнис-секторот...
За ова, за околностите и за условите во кои егзистираат нашите медиуми, денес, секако, ќе треба јавно да проговорат и тие самите. На сличен начин како што тоа го стори, на пример, Френк Сесно, поранешен кореспондент на Си-ен-ен од Белата куќа: „Сите медиуми треба да ѝ објаснат на публиката како работат, зошто се избираат одредени теми или зошто, пак, некои се игнорираат, како доаѓаме до изворите на информации во услови кога пристапот е отежнат. Од луѓето не можеме да очекуваме да знаат што е одговорност и објективност. Потребно е што пореално да се претстави новинарската професија и максимално да се доближи до граѓаните“.
Автор: д-р Марина Тунева
Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.