Консолидацијата на информативната индустрија воопшто станува ургентна. Повеќе актуелни меѓународни анализи упатуваат на потребата токму сега новинарството да се соземе, да земе здив и да се сосредоточи на основите на професијата, а и да се врати кон својата вистинска траекторија.
Кризите од секој вид, од пандемиската преку украинската до енергетската, инфлаторната и социјалната, веќе станаа секојдневие. Нема кој не е погоден. Граѓанинот, семејствата, бизнисот, економијата, здравството и образованието, па сè до културата, спортот и забавата.
Нема ниту област ниту сектор што не се зафатени со нарушено функционирање. Од пандемијата со КОВИД-19, која сè уште е актуелна, пa наваму, до руската инвазија во Украина, светот, континентов и секоја од државите поединечно, се во состојба на нерамнотежа, на постојани стресни ескалации на вонредни состојби.
Кризата ги допре и новинарите, уредниците и сопствениците
Како и секого и сè, под кризни удари катадневно се и медиумите, редакциите, новинарите, уредниците, сопствениците. Едноставно, како и сè, така и веста станува сè „поскапа“. Но, очигледно и редакциите и новинарите стануваат сè поинертни, понеангажирани, а со тоа и „поскапи“. Каква е глобалната македонска медиумска слика денес? Токму во актуелниве кризни услови, новинарскиот производ наместо да се одликува со информативно-истражувачка енергија, сè повеќе како да наликува на дневнополитички билтен.
Камерите и микрофоните, главно, информациите ги „снабдуваат“ од соопштенија, прес-конференции, наменски изјави на државните и на општинските функционери. Македонското новинарство како да губи здив, како да останува без прашања. Дневноинформативните содржини во медиумите како да се пресликани со старо индиго или со современи скен-техники. „Копи пејст“ новинарството зазема загрижувачки размери. Но, ако е за некаква утеха, ваквата актуелна медиумска состојба не е автентична само кај нас. Повеќе меѓународни истражувања упатуваат на тоа дека севкупната криза силно негативно се одразува и врз работењето на медиумите и врз ентузијазмот на новинарите.
Па, колку полошо може да стане? Колку ќе имаме пристап до квалитетни и неспорни информации во оваа огромна пустелија на лаги, пропаганда и дезинформации? Колку кризите ќе го истуркаат новинарството кон амбисот?
Две години по пандемијата со коронавирусот, а и како последица на глобалната криза по воената инвазија на Русија врз Украина во февруари годинава, се чини дека публиката ширум светот се презасити од вестите. Констатацијата ја потврдува и истражувањето на престижниот Ројтерс. Резултатите од анкетата покажуваат дека голем дел од луѓето ги избегнуваат вестите затоа што ги доживуваат како фрустрирачки и депресивни.
Наспроти таканаречените реални вести, сè поголем дел од медиумската публика се свртува кон таканаречените забавни медиумски содржини, што го наметнува прашањето дали новинарството забрзано навлегува во фаза во која се претвора во платформа за неточности и тривијалности.
Паушално новинарство
Ваквиот информативен тренд води кон запоставување, игнорирање прашања од елементарно и суштинско егзистенцијално значење. Упатува на состојба што отсликува дека актуелното новинарство, кое токму во услови на криза треба, може и мора да биде онаа двигателна општествена сфера што ќе обединува, поттикнува, иницира и која ќе создава јавно мислење за санирање на последиците, како да го напушта сопствениот терен и својата општествена обединувачка и мобилизаторска улога.
Актуелното новинарство токму во услови на кризи треба да одговори на неколку клучни прашања важни за професијата: Колку е будно новинарството, колку тоа замижува пред многу појави, па така и кон предрасудите, дискриминација и поларизацијата, и колку сега е практично рамнодушно во однос на кризните напливи во сите сфери од животот?
И досега имавме доволно кризи за да си го поставиме прашањето дали медиумите научија нешто околу справувањето со нив. Се разбира, во новинарска смисла на зборот и во однос на практиката на информирање. Но, и дали сите ние како граѓани и медиумски консументи придонесуваме да се заштити слободата на изразување, плурализмот, но да се помогнат и редакциите и да се заштитат и новинарите во нивните катадневни професионални ангажирања.
На светско ниво вестите повеќе не се восприемаат како витално јавно добро
Не само кај нас, туку воопшто и на светско ниво, сè поинтензивниот процес на недоверба во медиумите е отсликан во уште едно истражување. Агенцијата Ројтерс, овој пат во соработка со Универзитетот во Оксфорд, неодамна го објави Извештајот за дигиталните вести од 2022 година. Во него се документирани последните трендови во глобалната новинска индустрија. Генералната слика е дека растечката недоверба во традиционалните медиуми значително го менува пазарот, а вестите повеќе не се восприемаат како витално јавно добро.
Истражувањето покажува дека голем дел редакции стигнаа дотаму што стануваат речиси непрепознатливи. И самите новинари се обидуваат да се справат со исцрпеноста од немилосрдниот наплив на вести, напади од политичарите, вознемирување на социјалните мрежи и што ли уште не. Многу нешта се променија, констатира евалуацијата на истражувањето.
Се чини дека нужноста од внимателна консолидација на информативната индустрија воопшто станува ургентна. Повеќе актуелни меѓународни анализи на темава упатуваат на потребата токму сега новинарството да се соземе, да земе здив и да се сосредоточи на основите на професијата, а и да се врати кон својата вистинска траекторија. Притоа, останува клучниот предизвик да се најдат начини и за повторно активно и креативно вклучување на публиката, за нејзино оттргнување од летаргијата, од пасивноста, предизвикани токму и од општата глобална криза.
Публиката сè повеќе сака новинарство што нуди решенија
Потребни се медиуми што ќе го олеснат учеството на граѓаните во дискусиите за долгорочни промени, а со цел да се зголеми отпорноста на општеството кон сегашните и идните кризи. Од нив се очекува да одиграат клучна улога како мост меѓу носителите на одлуки и јавноста, а и да ја преземат својата едукативна улога, анализирајќи и објаснувајќи ги обврските околу справувањето со кризите и однесувањето на граѓаните.
Ваквата улога на медиумите е клучна во секое време, но е уште поважна за време на криза, кога е потребна дискусија за вистинските мерки и за надминување на причините и негативните ефекти од кризата. Во услови на кризи невообичаено е голема потребата од ориентација и токму тука лежи клучната улога на квалитетното новинарство. Новинарство што во многу поголема мера ќе се потпира на научната експертиза, особено имајќи предвид дека заканите од информациско нарушување се огромни, а потребата да се спречат сè поитна.
Во таа насока е и ланската резолуција на Комитетот за култура, наука, образование и медиуми при Парламентарното собрание на Советот на Европа, која нагласува дека медиумите би можеле да играат клучна улога во олеснувањето на дијалогот и на мултикултурното разбирање, како и во спречувањето или минимизирањето на угнетеноста и на конфликтите. Кризите и поларизацијата ќе продолжат да се случуваат и во иднина, а нивното влијание врз јавните дебати ќе бара сеопфатен медиумски пристап за ефикасно информирање и ангажирање на јавноста. Тука не смее да се заборави и улогата на јавниот сервис како значаен фактор за социјална кохезија и интеграција на сите поединци и како широка платформа за плуралистичка јавна дебата.
Според овој европски документ, мерките за подобрување на улогата на медиумите за време на кризи треба да ги вклучат институциите, експертите и граѓанското општество, со цел да се подобри транспарентноста и достапноста до информации, а и да се зајакне довербата кај граѓаните. Одржувањето еластичен и приспособлив медиумски систем е најдобриот начин за соочување со кризите, а сè повеќе напори треба да се вложуваат кон креирање долгорочни политики што започнуваат уште пред да започне кризата.
Публиката не е само консумент на информации, таа е битен чинител во креирањето на доминантните јавни нарации
Секако, од клучно значење е и поддршката на критичкото истражувачко новинарство, кое ќе продолжи да ги открива неправедните и погрешни постапки на власта и на бизнисот, корупцијата и злоупотребата на моќта. Комитетот на Парламентарното собрание на Советот на Европа укажува и на потребата од поддршка на проекти за медиуми во заедницата, со цел тие посуштински да ги вклучат граѓаните во јавните дебати пред и за време на криза.
Во таквиот медиумски систем публиката би се третирала не само како консумент на информации, туку и како битен чинител во креирањето на главните наративи, а и решенија за излез од кризата. И во минатогодишниот Извештај на Ројтерс за променливите редакции се упатува на потребата редакциите да продолжат со плановите за редизајнирање на својот простор и политики на работа, со цел забрзано да се приспособат на промените.
Оттука, следејќи ги овие сознанија и глобални трендовски насоки, кризите се и можност и нашите редакции да ја покажат својата важна улога во заедницата.
Секако, останува и главното прашање – дали новинарството ќе успее да ја врати довербата на јавноста и повторно да ги придобие оние што денес, посебно во услови на сеопшта, домашна, но и на глобална криза, ги избегнуваат вестите како начин на информирање.
Автор: д-р Марина Тунева
Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.