„Локалното новинарство не е секси тема. Но, тоа е важна тема, која често се занемарува и заслужува повеќе внимание. Локалното известување обезбедува важни информации за локалните јавни работи, ги држи локалните елити донекаде одговорни, обезбедува форум за дискусија и ги поврзува заедниците“, вели Расмус Клајс Нилсен, професор по политичка комуникација на Универзитетот во Оксфорд
Македонскиот медиумски простор има хроничен недостиг од локални приказни. Повеќе од 90 отсто од новинарските приказни во безмалку сите поголеми национални медиуми, со ретки исклучоци, се фокусирани на главниот град и голем дел од нив се однесуваат само на теми како политика и економија.
Пред две или три децении, да не зборуваме претходно, во весниците како „Вечер“ или „Нова Македонија“ секојдневно имаше локални приказни од сите делови на земјата. Имаше проблемски текстови, но и човечки приказни, со фокус на судбината на некоја конкретна личност, било да е негов/нејзин успех или нечија трагедија.
Таа практика ја продолжија приватните печатени медиуми како „Дневник“, „Вест“ и „Утрински весник“, но и приватните национални телевизии. Секојдневно можеше да се чуе гласот на луѓето од различни делови од земјата, нивните маки, проблеми, успеси и предизвици.
Но, низ годините, полека, но сигурно, локалните и регионалните приказни станаа вид во изумирање во најголем дел од националните медиуми.
Пред повеќе од десет години, кризата во печатените медиуми на свој грб први ја осетија дописниците во поголемите дневни весници. Од околу десетина дописници колку што имаа поголемите весници, поголем дел од печатените медиуми уште тогаш останаа со еден до двајца локални новинари, најчесто од поголемите градови.
Оние, пак, што останаа да работат како дописници, се соочија со сериозни кратења на нивните хонорари. Тоа значеше уште еден тежок удар за локалното и за регионално новинарство.
Без дописници, нормално дека е потешко да се дојде до добра локална приказна.
Тоа е факт. Кој подобро ги знае состојбите во регионот отколку тој што живее во тој регион, секојдневно пие кафе со локалното население, одблиску ја слуша заедницата добивајќи суштински информации за нивните потреби и проблеми.
Она што се случи во печатените медиуми, речиси на идентичен начин се „преслика“ и меѓу телевизиските куќи. Голем дел од дописниците што известуваа за некоја од националните телевизии останаа со помали хонорари или без работа. Со ова полека исчезнаа и локалните приказни од националните телевизиски куќи.
Добар дел од онлајн медиумите што функционираат на национално ниво односно покриваат теми за генералната публика речиси од почеток немаа ниту еден дописник, а ангажирањето на некој дописник да напише локална приказна во денешно време, за голем дел од овие медиуми, е повеќе инцидент отколку практика.
Заклучокот е дека локалните и регионалните приказни значајно се намалија во понудата на содржина на националните медиуми. Овие приказни, за жал, останаа на понудата само во медиуми од локален карактер. Тоа значително ја ограничува нивната публика иако дел од овие приказни заслужуваат внимание на национално ниво.
Без дописници, тешко до локални приказни
Новинарите ги пишуваат приказните. Без локални новинари во поголемите медиуми, нормално е дека ќе недостасуваат и локални и регионални приказни. Кога се намалуваат трошоците, неретко надворешните соработници први страдаат.
Но, размислувањето дека нема потреба од дописник бидејќи сме мала држава во која секаде може да се стигне за час или два и да се покрие некоја приказна од поголема важност, на долг рок може да биде погубно за медиумите.
Со постепеното исчезнување на локалните приказни од поголемите национални медиуми, полека исчезнаа или исчезнуваат приказните во чиј фокус е обичниот човек и неговите секојдневни проблеми. Со ова, исчезнува и разновидноста во содржината и исчезнуваат различните гласови во медиумите.
Нужно е да се нагласи дека локалните приказни се важни не само за оној што живее во тој регион, туку и за целата публика.
Замислете само да сте локален жител во некој регион во кој вообичаено се гледа некоја од националните телевизии во земјава и секој ден следите вести. Во овој период од годината вие секојдневно ќе гледате/слушате за проблемот со парното греење на скопјани.
Не велам дека тоа не е важен проблем и дека нема јавен интерес за ова. Постои јавен интерес со самото тоа што постои и конфликт меѓу институциите и секако е вредна новинарска приказна за следење и голем број луѓе се засегнати.
Сепак, ако се погледне пошироката слика и ако гледате низ призмата на локален гледач, во недостиг на локални приказни што третираат ист или сличен проблем, тогаш секојдневното слушање „дали скопјани ќе се разбудат со ладни радијатори“ може да ве направи да се почувствувате како граѓанин од втор ред. И ова најчесто се случува секојдневно бидејќи во реалноста е така бидејќи инцидентно е покривањето локални приказни.
Факт е дека проблемите на жителите на Скопје полесно стигаат на агендата на медиумите, а многу, можеби поважни локални приказни, ја немаат оваа можност од многу објективни и субјективни причини.
Неретко можеме да видиме дека дел од приказните што ги прават дописниците за некој од националните медиуми се чуваат за викендите кога има помалку репортери во поголемите редакции, па да се пополни просторот со нив. Што би се рекло, се пушта некоја локална приказна „ради реда“, а не затоа што некој смета дека е вредна да се објави.
Тоа размислување дополнително ја намалува вредноста на локалните и на регионалните приказни и импактот што овие приказни може да го имаат.
А, има безброј примери што го потврдуваат ова. Не мора да е пример во кој има криминал и корупција туку може да е пример на локален херој што станал национален херој.
Таква е приказната на Марко Пејчиноски, детето што го преплива Охридско Езеро. Оваа приказна ја следи Ohrid News од самиот почеток. Ваквите приказни во многу западни медиуми би биле на почетокот, а не на маргините на телевизиските вести.
Зошто е важно локалното новинарство?
Локалните и регионалните приказни се важни од повеќе аспекти. Прво, не е точно дека публиката за локалните приказни се само луѓето што живеат во тој регион. Добрата локална приказна со фокус на проблемите на луѓето, лесно ќе ја најде својата публика и во некој од националните медиуми.
Локалните новинарски приказни може да откријат злоупотреби на моќ на локално ниво, но чии корени се на централно ниво.
Кога започна пандемијата со ковид-19, го имавме истиот проблем. Во недостиг на локални приказни во поголемите национални медиуми, приказните што ги слушавме во најголем дел од медиумите беа поврзани со јавното здравство во метрополата иако сликата за тоа како се развива и негува јавното здравство во земјава е уште пострашна на локално ниво.
Во текот на зимата еден од главните проблеми е загадувањето на воздухот. Речиси секојдневно е топ тема на националните медиуми. Како и во претходните случаи, фокусот е ставен на Скопје, неславно именуван како еден од најзагадените градови во светот.
Проблем секако постои и тоа е релевантна тема, но што е со загадувањето во Тетово, Куманово, Велес, Прилеп, Битола, Кочани, Струмица? Колкупати националните медиуми направиле приказна за проблемот со загадувањето во овие или во други градови во земјава? Инцидентно или редовно? Многу населени места во земјава речиси и да не се присутни во поголемите медиуми, освен ако се случи некоја трагедија. На локално ниво секогаш има проблеми од аспект на екологија, урбанизам, работнички права, егзистенција…
Еден типичен пример е проблемот со загадувањето во Куманово за коj Kumanovo News известуваше детално на локално и на регионално ниво, но овој проблем не успеа да се најде на агендата на поголемите национални медиуми.
Забораваме дека оние места што не се во фокусот на јавноста и каде што не се присутни медиумските камери, микрофони и светла, потенцијално се места каде што полесно цвета криминалот, места каде што може непречено да се прават многу прекршувања на закони, да се прават еколошки злосторства, да се прекршуваат човековите права без поголем страв од некаква санкција... Тука е важна работата на локалните репортери, но без поддршката од поголемите медиуми што носат поголема гледаност, таа борба е тешка и неретко залудна.
Локалното новинарство се зема здраво за готово
„Повеќе од еден век, го земавме локалното новинарство здраво за готово. Повеќе не можеме. Индустријата на печатени медиуми која обезбедуваше најмногу локално известување е во опаѓање и сè уште не е јасно дали дигиталните медиуми ќе одржат нови форми на локално новинарство“, напиша Расмус Клајс Нилсен, директор на Институтот Ројтерс за проучување на новинарството и професор по политичка комуникација на Универзитетот во Оксфорд, во својата книга од 2015 година „Локално новинарство – пад на весниците и подемот на дигиталните медиуми“.
Клајс Нилсен вели: „Локалното новинарство не е секси тема. Но, тоа е важна тема, која е интелектуално интересна, често се занемарува и заслужува повеќе внимание“.
Тој вели дека локалното известување обезбедува важни информации за локалните јавни работи, ги држи локалните елити барем донекаде одговорни, обезбедува форум за дискусија и ги поврзува заедниците.
Клајс Нилсен прави важен пресек на локалното новинарство со една перфектна дефиниција:
„Локалното новинарство може да биде често страшно, а сепак и ужасно важно. Локалното новинарство не секогаш добро ги игра своите улоги, но улогите што ги игра се важни“.
Она што можат и треба да го направат националните медиуми е да остварат соработка со локални и со регионални медиуми за размена на содржина, да ангажираат повеќе локални новинари, сниматели и фотографи да креираат содржина од локален карактер, но која потенцијално има поширок импакт и поширока публика.
Автор: Александар Манасиев
Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.