Новинарите не треба да живеат ниту со стравот од влијанието на властите ниту со стравот од сиромаштија. И нема ништо корумпирачко ако го кажеш тоа.
Често ми се дава можност да одржувам обуки за улогата на медиумите и на новинарството пред различна публика, било да се тоа студенти, претставници на граѓанското општество, млади политичари или дури и самите активни политичари. Она што го забележав, а веројатно поврзано со образованието и со писменоста, е дека грижата за слободата на изразување не е целосно разбрана, па дури и улогата на медиумите често се толкува во контекст на актуелната политика, додека прашањето е од витално значење и оди подалеку од секојдневните ситуации.
Она што отворено го кажувам пред оваа публика е дека ако не живеат луѓето на власт со вредностите што ги пренесува демократијата, но не само тие, каде што слободата на изразување е нејзината суштина, тогаш секаков вид проблем се појавува токму од недоразбирањето, недостаток на ценење, но особено неприменување на правилата на едно општеството за кое тврдиме дека живееме.
Правото на слободно изразување, но во исто време и на правично информирање, е суштината и основата на едно демократско општество. Но, колку ова го разбираат различни претставници на општеството, а особено колку ова го разбираат политичарите? Ова прашање е еднакво суштинско бидејќи кога моќта е во нивни раце, разбирањето или неразбирањето на неколку едноставни реченици за слободата на изразување е она што ја прави разликата дали тие општества се слободни или не.
Оваа парантеза ја направив затоа што во Северна Македонија се создава антагонизам меѓу новинарите, медиумските работници и медиумскиот менаџмент во однос на законот, кој на некој начин ќе мора да го врати јавното рекламирање во медиумите.
Сакам да ја анализирам дискусијата за ова прашање од некои, можеби, други аспекти, бидејќи од она што се појавува во јавнoста , се чини дека станува збор за пари, за купување, за продажба и за страв.
Но, оваа дебата на овој начин, мене како новинар ме навредува.
Прво, не можеме да избегаме од „несреќата“ што медиумите, освен нивната улога, како што опишав погоре, и во чии вредности навистина верувам, се и бизниси. И овој елемент го комплицира целото прашање на слободата на изразување, јавниот интерес, доброто информирање. Но, ова е, била и ќе биде реалноста. Во овој конкретен однос ме навредува целата дебата, кога прашањето за финансиските средства веднаш се гледа како нешто валкано, проблематично и корумпирано.
За тоа несомнено помага актуелната општа атмосфера каде што корупцијата е главниот збор, но повторно мислам дека дебатата не треба да се развива со овие постулати или од оваа гледна точка затоа што ни штети на сите.
Суштината ја имаме со оние концепти за слободата и слободата на говор, каде што разбирањето на демократијата и живеењето со нејзините правила, не станаа дел од нас. Мојот страв е дека со или без пари во медиумите од јавните фондови, ако имаш власти, кои во својот разум не ја сфатил суштината на демократските вредности, влијанијата, купувањата, затворањата на медиумите, сепак ќе се случат.
О, да, па нели бевме сведоци на таков мрачен период на нашата кревка демократија? Но, прашањето што не се поставува денес е зошто се случи ова? За мене одговорот е јасен, кога власта сака да влијае, купува, да ја згасне слободата на говорот, механизмите се само форма. Нашето искуство покажува дека тоа секако е направено со внесување средства во медиумите, но тоа е направено и со затварање на медиуми на арбитрарен начин. Но, дали завршуваше влијанието тука? Не. Исто така, тоа се правеше со повлекување на средства од некои медиуми, а особено со вклучување сопственици на медиуми во бизниси надвор од медиумите.
Што сакам да кажам? Суштината на едно авторитарно, произволно, арогантно владеење, е во размислувањето што го имаат политиката и политичарите кон слободата, слободата на говорот и самата демократија.
Затоа сметам дека дебатата е неправедно претставена со антагонизам особено кај медиумските фактори, а треба да се гледа пошироко и од перспектива на можности.
За крај на овој дел, доколку власта сака да влијае или да ги попречи медиумите во својата мисија, ќе го искористи својот арсенал што би ги надминал средствата од јавните кампањи. И оваа опасност постоела, постои и ќе постои секогаш.
Но, дали ќе делуваме како новинари, со овој постојан страв?
Да.
Ова отсекогаш било предизвик.
Работиме во време кога особено поради социјалните мрежи професионалното новинарството е на стаклени нозе. Паралелно со оваа атмосфера, кога самите новинари зборуваат за корупција меѓу себе, отвораат сомнеж и уште повеќе го уништуваат тој разнишан кредибилитет.
Она на што сакам да привлечам внимание е токму овој момент, дека не може да се запре будноста на новинарите против желбата и апетитот за влијание од страна на властите. Во последните дебати, надвор од позициите за и против воведување јавни средства во медиумите, третирањето на прашањето со непријателство меѓу новинарите, меѓу новинарите и раководството, само му штети на имиџот на професијата. Затоа, мојот апел е дека дискусиите требаше и треба да бидат посеопфатни.
Овде, без дискусија, самите ние сме тие што треба да се погрижиме за такво нешто, но исто така тоа требаше и треба да го прави самата политика. Измена на законот што ги „плаши“ новинарите не може да се случи без поширока расправа. Се согласувам со колегите што изразуваат претпазливост. Сè уште на сцената имаме политички протагонисти што во голема мера го злоупотребија своето влијание врз медиумите. Мислам дека лекциите не се научени. Но, стравот од сиромаштија е исто толку легитимен. Дали не е полесно да се влијае врз сиромашен медиум, сиромашни новинари?
Помеѓу менаџментите што сакаат повеќе средства, и моќниците што сакаат поголемо влијание, сме ние новинарите. И тука, во отворени дискусии, треба да се додадат и притисоците за искоренување на политичките влијанија, кои главно имаат врска со менталитетот на политичката класа.
Новинарите не треба да живеат ниту со стравот од влијанието на властите ниту со стравот од сиромаштија. И нема ништо корумпирачко ако го кажеш тоа. Ако доминантниот наратив е дека медиумите како бизнис сами по себе се нешто лошо, тогаш ние сме исто толку корумпирани од приватни лица. Или, пак, злонамерна влада, која преку истурање пари, преку приватни субјекти, исто така може да ги купи медиумите.
Од друга страна, не треба ли тогаш да има баланс за јавниот интерес? Ако одиме со логиката дека тој што ги дава парите го диктира и мислењето, каде е јавниот интерес, да се истражат приватниците што даваат средства за медиумите? Зарем јавните фондови не би донеле таква можност? Некоја сигурност можеби е фактот дека ако ги повлечат тие средства, приватните ентитети, има други, јавни средства, што можат да обезбедат континуитет на медиумите. Според моето искуство како новинар, но и вашето искуство, сме виделе сè. Дури и повлекување и неисплаќање средства од приватни компании и нераспределба на средства и напади од властите. Мора да го уништиме овој менталитет.
Нема да се осмелам да давам рецепти за тоа што треба да се направи, бидејќи мојот предлог е дека само преку сеопфатна дискусија со сите фактори ќе треба да излезат идеи за во сите случаи, сите да се уверат дека крајните корисници треба да бидат новинарите и нивната слобода. Молкот и одбивањето, додека сме во процес на законски измени, може да бидат поштетни. Доколку јавните средства влезат во медиумите, што изгледа веројатно дека ќе се случи, тие првенствено треба да бидат во корист на новинарството, иновативните медиумски производи и благосостојбата на бранителите на слободата на говорот. Ова мора да се постигне. Да не заборавиме дека битката со властите ќе продолжи и не гледам ништо лошо во изразот „лош печат е подобро од немањето печат“ да го претвориме во менталитет дека „добриот печат е подобар од лошиот печат“.
Ова треба да биде мотивот, во сите дискусии, каде што можностите за развој треба да се примарни. Предлозите меѓу новинарите и медиумските работници дека сè што доаѓа и се појавува може да биде корупција е штетна, и на ова најмногу се осврнувам. Не, пријатели, и во најтемните денови заедно реагиравме за тој период кога беше нарушена слободата на медиумите. Мора да си ветиме дека доколку вакво нешто се повтори, ќе бидеме уште погласни за да не дозволиме такво влијание во сите случаи. Внимателноста мора да биде постојана за да се објасни дека немањето слобода на медиумите е на штета на сите, особено на луѓето, кои мора да ги научиме да бидат промедиумски настроени. Само овој менталитет нè спасува, без разлика од каде доаѓаат финансиските средства!
Автор: Назим Рашиди
Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.