Практиката еден новинар да биде задолжен за една област или институција постоеше со години. Не беше тешко да се забележи дека новинарските текстови што ги пишуваа секторските новинари беа поиздржани и посуштински. Зошто секторското новинарство денес воопшто или ретко се практикува?
Прва работна недела во весникот „Дневник“, еден од сега веќе непостоечките дневни весници во земјава. Зад влезната врата што води до новинарскиот „океан“, залепен е голем лист хартија што не може, a да не го забележи секој што влегува во големата просторија.
На него се напишани рубрики и институции, а до нив и низа имиња на новинари. Натали, Жана, Љубица, Игор… Пред секое име е напишано името на институцијата и броеви на телефони.
Подоцна дознавме дека ова се имињата на новинарите што покриваат соодветни области какви што се правосудство, надворешна политика, здравство, одбрана и слично. Речиси сите поискусни новинари имаа свој сектор и своја институција за која беа задолжени.
Не можеше кој било во редакцијата да напише што било за соодветните области без знаење, консултација и без „амин“ од овие новинари. Тие бие „институцијата“ во областа што ја покриваа.
Ги следеа сите законски измени, беа во тек со кадровските промени во овие институции, имаа изградено мрежа на извори во овие институции од кои редовно се брифираа. Беа детално информирани за измените во буџетите, за стратегиските планови, планови за јавни набавки во соодветните институции и слично. Речиси секој ден имаше приказни и анализи од секој од овие сектори.
Само за илустрација, кога станува збор, пак, за покривање на градската рубрика, имаше и новинари што следеа одредена општина – еден новинар беше задолжен за Центар, друг за Аеродром и така натаму. Дотаму се одеше со поделбата на секторите и на институциите, со цел потемелно да се известува за нив. Слично беше во редакциите што покриваат економија или политика, па дури и култура и спорт. Секој новинар имаше во рамките на секторот, свој потсектор.
Новинарство без сектори
Практиката еден новинар да биде задолжен за една област или институција постоеше со години. Не беше тешко да се забележи дека новинарските текстови што ги пишуваа секторските новинари беа поиздржани и посуштински.
Тие полесно се справуваа и со секој евентуален конфликт/реакција со одредена институција или личност од таа институција, која имаше нешто да искоментира за некој објавен текст.
Практиката на секторско новинарство не беше случај само во печатените медиуми. Тоа се применуваше и во телевизиите и во радијата. Новинарите од ист сектор редовно комуницираа меѓу себе и редовно се гледаа на настани во истите институции притоа разменувајќи информации и искуства, а сѐ во функција на поголема информираност на јавноста преку подобри новинарски производи.
Ваквата новинарска специјализација речиси исчезна низ годините. Кризата во медиумите создаде и криза во самата структура на работните организации.
Голем дел од медиумите останаа со помалку вработени, имаат повеќе работа, а помалку време. За жал, во многу медиуми стана луксуз да се ангажираат новинари што се специјализирани за покривање одредена област.
Она што, за жал, прво се случи беше кратење на секторите. Помалку новинари во редакциите, помалку сектори за покривање. Па, така, во многу редакции први беа елиминирани секторите како образование, култура, екологија, градска рубрика и слично.
Не дека не се пишуваше/известуваше за нив, но тоа секако беше помалку застапено и со послаб квалитет. Некои поискусни новинари останаа доследни на своите сектори, но во најголем дел од медиумите полека, но сигурно исчезнуваа новинарите што ги покриваа овие и други специфични теми/области.
Помладите генерации новинари, и да сакаат, тешко дека денес имаат можност и шанса за некаква специјализација во одредена област/сектор. Тоа подразбира и посета на тренинзи, обуки, семинари, работилници, во земјава и во странство. Повторно би рекол, луксуз за многу медиуми во денешно време.
Во најголем број случаи, новинарите во денешно време пишуваат и известуваат за повеќе различни области во текот на еден ден. Скокањето од една тема на друга е најизразено во онлајн медиумите каде што и речиси не постои никаква поделба по сектори.
Зошто специјализацијата и фокусот на еден сектор се важни?
Новинарите што се специјализирани во одредена област вообичаено пофокусирано и поангажирано се посветуваат на покривање на секторот. Нивните новинарски производи вообичаено се далеку поиздржани и поаналитични отколку на новинарот што инцидентно ја покрива таа област.
Тие новинари стануваат препознатливи и во рамките на самите институции како новинари што се задолжени за тој сектор. На тој начин многу полесно и побрзо доаѓаат до информации и до извори, а со тоа и до идеи за приказни.
Истовремено, проверката на информациите за овие новинари е побрза за разлика од некој што не го покрива тој сектор. Логично е тие да се снајдат побрзо и поефикасно со тема што добро ја владеат отколку некој кому областа му е потполно непозната.
Со цел да бидат во тек со настаните, секторските новинари редовно се брифираат и одржуваат контакти со изворите што ги имаат во соодветните институции. Тие релации не се градат преку ноќ, но може да се изгубат преку ноќ, ако не се внимава.
Во време на пандемијата од ковид-19, новинарите чиј сектор е здравството многу побрзо и поефикасно доаѓаа до информации, до извори за одредени теми, до соговорници и слично. Истовремено, можноста ненамерно, од незнаење, да објават дезинформација поврзана со коронавирусот и вакцинацијата е далеку помала отколку кај новинарите што никогаш не известувале на тема здравство.
Секторските новинари подобро ја разбираат и специфичната терминологија во областа што ја покриваат. Сите сме сведоци на изјавите на лекарите кога станува збор за објаснување на некоја повреда или нешто слично. За дел од тие изјави буквално ви треба преведувач за да ги разберете, но новинарите што покриваат здравство, добро се снаоѓаат дури и со оваа специфична терминологија.
Слично е и со друга област – правосудство и полиција. Добро знаеме дека судиите, обвинителите, адвокатите, па и припадниците на полицијата имаат специфична терминологија, па ако некој не ја разбира, лесно може да направи грешка не правејќи разлика помеѓу кривична пријава, обвинителен акт или обвинителен предлог.
Постојано учење
За новинарите велат дека се универзални незнајковци, кои знаат за многу работи по нешто, а на крајот на шега се вели дека не знаат ништо.
Многу често оние што се надвор од новинарската професија, им замеруваат на новинарите дека поставуваат глупави прашања не знаејќи дека во природата на новинарската работа е новинарите понекогаш да глумат дека не знаат нешто, со цел да ги постават и наједноставните прашања за да дојдат до конкретен одговор од институциите.
Но, за да можат новинарите дури и на наједноставен начин да поставуваат суштински прашања, тие сепак мора добро да ја знаат проблематиката/темата/областа.
Ова подразбира дека новинарите никогаш не треба да престанат да учат и постојано мора да посетуваат обуки и тренинзи, без разлика на искуството.
За жал, поразително е што многумина сопственици, па и уредници, немаат разбирање за важноста на новинарската едукација и посетата на тренинзите/обуките. Сметаат дека тоа е „екскурзија“ за новинарите и бегање од работните обврски. Напротив, тоа е вложување не само во конкретниот новинар туку и во медиумот.
Секторското новинарство и специјализацијата на новинарите се важни за секој медиум. Преку нив се обезбедуваат навремени, точни и аналитични текстови, се зголемува можноста за објавување ексклузивни и истражувачки приказни, а се намалува можноста од ненамерно дезинформирање на јавноста. Иако од денешна перспектива тоа изгледа како луксуз, сепак доколку секторското новинарство се практикува, тоа на крајот може да испадне како вредна инвестиција за секој медиум.
Автор: Александар Манасиев
Овој текст е подготвен во рамките на регионалната програма „ОТПОР: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, имплементирана со финансиска поддршка од Европската Унија, од страна на партнерските организации СЕЕНПМ, Албанскиот медиумски институт, Медиацентар Сараево, Косово 2.0, Институтот за медиуми на Црна Гора, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската новинарска школа, Мировниот институт и Бианет.