Тикток – брзорастечки канал за ширење дезинформации

Се чита за 5 мин.

Манипулативни содржини од политички карактер, конспиративни содржини или видеа за војната во Украина се најчестите дезинформации што се објавуваат на социјалната мрежа Тикток, која на месечно ниво има околу една милијарда активни корисници и повеќе од 700 милиони објавени видеа. 

Според Истражувањето на NewsGuard, речиси 20 проценти од видеата претставени како резултати од пребарувања за одредени теми на Тикток содржеле дезинформации. Комуникологот Сеад Џигал вели дека ова се должи на порастот и на популарноста на самата социјална мрежа.

Поради порастот на популарноста на Тикток, сѐ поголем е напливот на дезинформации на оваа социјална мрежа од различни злонамерни чинители заинтересирани нивните дезинформации до стигнат до што поголем број корисници. Тикток е важен извор за информирање кај помладите корисници и кај нив има најизразено негативно влијание. Најчесто се поставуваат манипулативни содржини од политички карактер, конспиративни содржини или, на пример, видеа за војната во Украина, каде што преку различни техники многу често се дезинформира што навистина се случува во овој конфликт, вели тој.

5g sead dzigal 657x460Платформата на која се пласираат куси видеа е застапена во 141 држава и е веќе преведена на 39 светски јазици. Од неговото лансирање во 2016 година, Тикток бил преземен околу три милијарди пати и со тоа успеа за нешто повеќе од четири години да го постигне она што на Фејсбук и на Инстаграм им требаше да го направат за 10 години.

Правилата и стандардите за содржината на Тикток забрануваат дезинформации што претставуваат ризик за јавната безбедност, медицински дезинформации, дезинформации за климатските промени, опасни теории на заговор како и материјал што е уреден, споен или комбиниран (како видео и аудио) на начин што може да доведе до заблуда за настани од реалниот свет. Според Џигал, интерниот систем за заштита на дезинформации на Тикток е корисен, но далеку од совршен.

Тикток, како и поголемиот дел од социјалните мрежи, има интерен систем за пријавување проблеми и злоупотреби. По проверка на пријавите, содржините можат да се отстранат или, пак, да се блокираат одредени корисници. Исто така, мрежата користи и софтверски алатки, какви што се различни алгоритми за пребарување и детектирање одредени содржини, вклучително и дезинформации. Овој систем е корисен, но е далеку од совршен затоа што може само да го намали штетниот ефект од дезинформациите, но не и целосно да ги отстрани, вели Џигал.

Неговите препораки за заштита од дезинформациите, покрај наведените методи и алатки за нивно пријавување и отстранување, се едукацијата и обучувањето на корисниците да препознаваат дезинформации, да ги пријавуваат и да ги маркираат како штетни и манипулативни, бидејќи, според него, доколку се намали ефектот на дезинформациите врз корисниците, тогаш ќе се намали и мотивацијата на оние што ги објавуваат да го прават тоа и понатаму. 

тикток

Џигал смета дека младите корисници се најранлива категорија поради нивните сѐ уште недооформени вештини за критичко преиспитување на информациите и на содржините на Тикток. 

Убедливоста на визуелните содржини е особено моќна и за нив е многу потешко да ги препознаат манипулациите и дезинформациите затоа што за нив е реално тоа што го гледаат со своите очи, иако е сѐ полесно визуелните содржини да се уредат и да се манипулира со нив. Конечно, влијанието на нивните контакти и пријатели го олеснува ширењето на дезинформациите, затоа што ако дезинформациите им се пратени или споделени од корисници на кои им веруваат, тие некритички ги прифаќаат како вистинити, вели тој.

Ана ФрицхандНа него се надоврзува и професор д-р Ана Фрицханд од Институт за психологија на Филозофскиот факултет при УКИМ, која вели дека причините за тоа лежат во достигнатиот степен на развој во целост, како и степенот на емоционална зрелост, потоа капацитетот за критичко мислење и филтрирање на важните од неважните (и штетни) информации, способноста да се разликуваат добри од лоши, односно правилни од погрешни постапки и однесувања, степенот на консолидираност на личниот вредносен систем, возрасниот период во кој се наоѓаат, степенот на развој на мозокот, степенот на оформеност на идентитетот и изложеноста на врснички притисок.

Секој поединец се разликува од другите, а тоа е случај и со децата и адолесцентите. Во овие периоди од животот многу е важно со какви модели се идентификуваат, бидејќи се склони да го имитираат и да го повторуваат однесувањето на тие модели, кое доколку е несоодветно или насилно, може да претставува сериозен проблем. Воедно, во периодот на адолесценција интензивно се формира идентитетот и се одвива клучниот процес на индивидуализација, што само по себе претставува сериозна развојна задача што носи многу предизвици, вели таа.

Фрицханд појаснува дека периодот на рана адолесценција (12, 13 и 14-годишна возраст) е познат по високиот степен на конформирање со групните барања и норми, па адолесцентите честопати не покажуваат конзистентно морално однесување. 

Тоа во практика значи дека кога се во група и под влијание на врсниците, склони се да го прават тоа што сите го прават, дури и кога е во прашање однесување што авторитетите не би го одобриле и кое самите не би го манифестирале кога не би биле под будното око на врсниците. Исто така, периодот помеѓу 10-тата и 12-тата година, познат како предадолесценција, се карактеризира со значајни транзиции во развојот на мозокот и во продукцијата на хормоните на среќа (окситоцин и допамин), поради што почнуваат поинтензивно да бараат социјални награди, кои честопати се мерат преку бројот на лајкови добиени на поставените содржини на социјалните мрежи, вели д-р Фрицханд.

Оттука, дополнува таа, не е исклучено да повторуваат ризични постапки (познати како „предизвици“) и да ги поставуваат онлајн за да го проценат степенот на сопствената популарност преку бројот на добиени лајкови.

Притоа, според нив, колку е поголем бројот на лајкови, толку е поголема популарноста и социјалната награда. Имајќи го сето ова (и уште многу други фактори) предвид, јасно е зошто децата и адолесцентите се ранливи и полесно подложни на манипулација во интернет-просторот. Токму затоа, клучен е квалитетниот однос со родителите/старателите, исполнет со доверба, меѓусебна почит, искреност и квалитетна комуникација во насока на превенција и заштита од ризиците по психичката благосостојба, кои извираат од неселективното и несоодветно користење на социјалните мрежи и интернетот воопшто, посочува таа.

Фрицханд вели дека доколку некритички и неселективно се пристапи кон прифаќање на сè што се презентира на која било социјална мрежа, тоа може да влијае штетно и негативно врз секој што ја користи.

tik tok 2

Тоа може да ги насочи размислувањата, верувањата, чувствата и ставовите кај дел од луѓето и да влијае врз одлуките што ги носат и однесувањето што го манифестираат. Притоа, колку се корисниците помлади, поради што се соочуваат со низа когнитивни ограничувања што ги носи достигнатиот степен на развој со возраста, последиците се дотолку поштетни. Кај возрасните поединци се очекува дека степенот на критичко мислење и корпусот на знаења и информации што се поседуваат е поголем, па оттука можат поподготвено да ги селектираат содржините што ги прегледуваат на социјалните мрежи и тоа што избираат да го читаат, гледаат и слушаат, вели таа.

Во однос на препораките, Фрицханд вели дека треба да се да се следат проверени и релевантни извори на информации, а потоа и да се проверуваат консултирајќи повеќе и различни релевантни извори, бидејќи на тој начин ќе се изгради пообјективна информираност за темите од интерес за поединецот.

Кога станува збор за помладата популација, посебно децата што се во интензивен процес на развој, со сѐ уште неоформена структура на личност и идентитет, родителите/старателите треба да обрнат внимание на тоа за која цел тие ги користат електронските уреди, колку време поминуваат пред екраните и дали и кон какви содржини пристапуваат кога се онлајн, вели таа.

Фрицханд потенцира дека е особено важно децата да бидат добро информирани за негативните последици од изложеноста на содржини несоодветни за нивната возраст и за начините како да ја заштитат сопствената безбедност во интернет-просторот.

Покрај ова, треба да имаат достигнато одреден степен на сознаен развој и на емоционална зрелост пред воопшто да пристапат на која било социјална мрежа.  Сето ова бара посветеност од родителите/старателите, како и нивна активна и континуирана вклученост во процесот на квалитетна комуникација со децата, преку која ќе им објасни кои се ограничувањата поставени пред нив и зошто се поставени соодветните ограничувања – смета таа.

Имајќи ги предвид штетните влијанија какви што се зависност, дезинформации, безбедност, ментално здравје и заштита на податоци, апликацијата е забранета за употреба од страна на вработените во државната администрација во 34 (од 50) земји во САД како и во повеќе држави во Европа. Во мај 2023 година, Монтана стана првата држава што го забрани Тикток на сите лични уреди во државата. 

Автор: Ангела Рајчевска

 


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).