„Бехтел – Енка“ не го изгради новинарството

Се чита за 7 мин.

Спорниот договор со конзорциумот „Бехтел – Енка“ за изградба на делниците од коридорите 8 и 10Д ги стави на испит и главните медиуми во државава. Известувањето за тоа како се дојде до тоа да се сменат дузина закони на штета на граѓаните и на јавниот интерес, а во корист на конзорциумот, ја потенцираше старата болка на македонското новинарство – стихијното известување и секоја вест трае три дена. Оваа моја констатација важи, пред сè, за 2021 и 2022 година кога во суштина Владата го направи најголемиот зулум околу штетниот договор со конзорциумот, при што во оваа 2023 година веќе се гледа континуиран притисок од медиумите околу целиот процес.

Но, штетата е веќе направена и веројатно е неповратна.

Како известувавме за случајот?

Повеќето медиуми, пред сè водечките што имаат моќ да влијаат врз јавното мислење и да ја мобилизираат јавноста, речиси секогаш реагираа пост фестум откако некоја институција (како Антикорупциска – ДКСК) или граѓанскиот сектор ќе реагираа во јавноста. Главните медиуми многу малку ја препознаа опасноста од тоа што се подготвува.

Пребарувајќи на интернет што сè е објавено во македонските медиуми во периодот од 2021 до 2023 година за „Бехтел – Енка“, се гледа маргиналното и тивко нотирање на клучниот проблем, а тоа е ставањето на „Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија“ над многу други закони што се важечки во државава.

Преседанот со страшната одредба во членот 3 алинеја 4 дека овој закон ќе се применува како посебен закон со кој се исклучува примената на други закони во целост или делумно, не се препозна доволно силно од медиумите. Во најкритичниот момент, по поднесувањето на Законот во Собранието, медиумите пред сè ја следеа негативната реакција на Антикорупциската комисија. Главен наратив беше што нема да има тендер за коридорите, а мал дел од медиумите ја проширија темата меѓу кои и со интервјуа со вицепремиерот Артан Груби, кој се истакна како главен промотор на овој проект. Ретки исклучоци, само неколку влијателни онлајн портали посветуваа поголемо внимание на овој случај. Сите други, ги носеше дневниот ритам и повремено некритички известуваа за Законот.

Интересно е да се анализира периодот пред локалните избори во 2021 година. Веќе беше донесен Законот за стратешки партнер, имаше медиумски реакции, но тие токму во период кога можеше да се изврши притисок врз партиите, бидејќи се ултра осетливи на критики во време кога директно им се обраќаат на гласачите, едноставно потполно замреа. Ако се провери периодот од 1.9.2021 до 31.10.2021 година, само во два дена се споменува случајот. На 29.9.2021 веста е дека тогашниот премиер Зоран Заев се сретнал со претставници на компанијата. Во еден-два текста имаше критички тонови, но во другите неутрално пренесена вест. Само два месеца претходно се известуваше за опасностите од донесениот закон, но медиумите како да ја заборавија темата. Едноставно се премолчи сè. Но, молчеше и опозицијата, која не се истакна во тој период околу заштита на јавниот интерес.

Во текот на 2022 година од време на време темава се јавуваше во медиумите, по што ескалираше во последниве месеци од 2023-та. Главни промотори на туркање на темава беа мал дел од медиумите, кои сериозно почнаа да истражуваат што сè се случува околу овој закон, но вистинскиот медиумски бум се случи откако се виде што сака власта да смени во законите. Но, веќе беше предоцна.

А, интересно е што деновиве гледаме како претседателот Стево Пендаровски најавуваше дека ќе ги разгледа донесените закони во корист на конзорциумот и и даде надеж на јавноста дека можеби нема да ги потпише, со што ќе се вратеа во собраниска процедура. Но, во трите дена лажна надеж, никој не потсети како Пендаровскиво 2021 година експресно го потпиша Законот со кој се овозможи смената на дузината закони. (Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер е изгласан на 15 јули 2021, потпишан од Пендаровски и објавен во Службен весник на 16 јули 2021)

gtm 1
Каде потфрливме како медиуми?

Каде е проблемот зошто јавноста, ние новинарите и медиумите затаивме. Проблемот е повеќеслоен и ги опфаќа сите аспекти на медиумскиот живот. Тука влегуваат сопственичката структура и интереси, поставеноста на уредувачките политики, функционирањето на самите редакции како и проблемот со нас, новинарите.

Ќе посветам внимание, пред сè, на уредувачките политики и на нашиот, новинарски однос кон обработка на темите.

1. Сопственици и конкуренција

Што се однесува до интересите на сопствениците, од моето искуство можам да кажам дека ако немаат директна врска со некоја партија, со што целта им е да задржат или да сменат некого од власт, примарна цел им е профитот. И да, тоа не е спорно. Секој приватник инвестира за да има профит. Но, медиумите имаат и општествена одговорност и затоа се законски регулирани. Мора да информираат за теми од јавен интерес, особено кога станува збор за најскапата инвестиција од 1,3 милијарди евра. Затоа, клучен проблем во моментов во Македонија е што нема здрава конкуренција меѓу медиумите. Тие веќе не се борат за пазарен удел и немаат желба да бидат најгледани. Поважно е да се добијат пари од државни реклами и ако не ги добијат, негативно да се постават кон владата. Но, не се натпреваруваат меѓу себе. Статус кво. Провладините ќе си бидат провладини, опозициските опозициски, а оние што тежнеат кон некаква неутралност на крајот од денот немаат порив да се натпреваруваат бидејќи парите од рекламниот колач ќе дојдат без разлика на гледаноста и неповрзано со довербата што медиумот ја има кај граѓаните, па ќе се покријат трошоците, сопствениците ќе бидат среќни дека заработиле и толку. Значи, вистинската, пазарна конкуренција е убиена бидејќи секој си добива дел од колачот по веќе воспоставена рутина. Едноставно, како секој да си се помирил со позицијата и е задоволен од таму каде што е.

gtm 2Фото: freepik.cim

2. (Не)зависна уредувачка политика

Ова немање натпревар меѓу сопствениците, се одразува и на уредувачките политики. Тие се устроени така да ги задоволат ситните бизнис потреби на сопствениците, но ако тие немаат политички агенди, тогаш има голем простор добар дел од вестите да се самостоен уреднички/новинарски продукт.

Но, зошто би имале автохтон, уникатен и посебен уредувачки концепт кога никој тоа не го бара. Нема натпревар за гледаност. За влијание. За доверба. Нема натпревар да се биде подобар од другиот и да се заземе неговото место. Да се освои вниманието на презаситената публика која избегнува вести. И ова го гледаат новинарите, а им одговара на уредниците. Новинарите по линија на помал отпор сработуваат дневни теми, ја земаат својата доза на слава и си одат дома. Уредниците, пак, лесно поминуваат со теми што се во јавноста и не се напрегаат со сериозно осмислување на уредувачката политика и земање активно учество во обликување на големата слика.

3. Отсуство на сектори во редакциите

Со ова доаѓаме до сржта на проблемот. Тоа е нефункционирањето на редакциите и немањето специјализација на новинарите. Веројатно мојата констатација за (не)функционирањето на редакциите веднаш ќе се обидат да ја побијат дел од колегите, но ќе потсетам дека одамна во информативните редакции немаме посебни секторски редакции за внатрешна политика, за надворешна, за култура, за класична црна хроника и секако нема за економија. Постоењето на ваквите редакции на чие чело се уредници што ќе ги координираат новинарите од одредените ресори во соработка со уредникот на целата информативна програма ќе помогне да се гради уредувачката политика и содржината на вестите. Спротивно на сите стереотипи дека сопствениците се тие што седат во некој ќош на телевизијата и диригираат со сè, реалноста сепак остава огромен простор за професионално и од јавен интерес формирање на изгледот на новинарскиот продукт.

gtm 4Фото: freepik.cim

Немањето секторски редакции нè носи и до вториот проблем, а тоа е немање специјализација на новинарите и сè полошата работа на уредниците со помладите колеги што се во информативните редакции. Помладите колеги што треба да го заземат местото на поискусните и во иднина да бидат тие што ќе обучуваат колеги што го учат новинарскиот занает, се во базенот наречен информативна редакција и многу често немаат специјализација за одредени области. Со нив работат дневните уредници или директно главниот уредник, кои поради спецификата на работењето се „сештари“ и се помалку специјализирани за одредени области. Најлошо од сè, многу ретко се наоѓа помлад новинар, значи под 35 години, кој е специјализиран за известување за економија.

Во нормална поставеност на редакциите, освен уредниците како креатори на содржината и на формата на вестите, преку колегиумите што би требало да функционираат и новинарите би можеле да издигнуваат одредени теми и да укажуваат кој е општиот, јавен интерес. Со меѓусебната размена на идеи би се дошло и до поголем квалитет, но и ќе се одбегне и лесното ставање под тепих на ваквите теми, посебно во период кога навистина може да се изврши притисок врз власта за да не презема штетни мерки.

Заборавивме дека не е сè во рејтингот, нешто е и во довербата

Во оваа длабоко закотвена „купи ден-продај“ рутина во којашто медиумите почесто ги следат агендите на политичарите, на бизнисот, уште повеќе ги засилуваме симптомите на новата дијагноза за однесувањето на публиката – избегнување да се следат вести. Тоа, впрочем, го потврди и Ројтерсовиот институт во својот последен годишен извештај во кој традиционално се испитуваат навиките на публиката и трендовите кај медиумите. Заситена од негативни вести, поларизирано информирање, популизам, драстично е намален прагот на трпение да се слушаат дебатни емисии што личат на дијалог на глуви, пренос од прес-конференции и партиски соопштенија стилизирани со „тој рече-овој рече“. Граѓаните не ни веруваат. Последната анкета на американскиот Меѓународен републикански институт (ИРИ), објавена во декември 2022, покажа дека 7 проценти од испитаниците во голема мера им веруваат на медиумите, додека 20 отсто во голема мера не им веруваат.

На граѓаните им требаат корисни информации што ќе им помогнат да направат информирани одлуки: да земат евтин кредит, да имаат пониски трошоци за живот, да бидат кусо и прецизно информирани за глобалните и за домашните случувања и да отвораат прашања и теми кога е загрозен јавниот интерес.

Затоа оваа незавидна положба во која се затекнати медиумите (не само кај нас, туку и глобално) е шансата за поправен испит. А тоа е да ја вратиме довербата.

Но, како да дојдеме до неа? Се чини дека е дојдено времето да се вратиме на почетокот – основите на новинарството. Во овој налет на нови технологии, занес по моќни и евтини можности за продукција, се чини го изгубивме фокусот и причината за нашата улога. Затоа да си ја повториме првата лекција во новинарството: ние постоиме заради граѓаните, им се обраќаме ним, ние сме нивниот глас и професионални бранители на јавниот интерес.

Автор: Горан Теменугов


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).