Венко Андоновски: Како станав најдарежливиот „министер за култура“

Се чита за 4 мин.

Дигиталното време овозможи „веродостоен“ пласман на купишта информации од кои голем дел се непроверени, а на мамката нè ловат сите. Преку анегдоти писателот Венко Андоновски и актерот Петар Горко се навраќаат на ситуации кога некоја „информација“ им го сменила курсот на денот


Колку една невистина може да ви го смени животот, да ве натера да размислувате поинаку, да направите чекор несвојствен за вас, да се пошегувате или да не спиете со денови?! Во минатото познати како „кромид вести“, денес со широка лепеза од називи – дезинформација, fake news, лажни вести и слично, овие информации станаа лушпи од банани на кои наидуваме на секој чекор. Дигиталното време овозможи „веродостоен“ пласман на купишта информации од кои голем дел се непроверени, а на мамката нè ловат сите. Преку анегдоти писателот Венко Андоновски и актерот Петар Горко се навраќаат на ситуации кога некоја „информација“ им го сменила курсот на денот.

in de

Не помнам точно која година беше. Беше лето и се вратив од годишен одмор, на кој воопшто не отворив никаков весник, сајт, медиум. И уште со првите прошетки во центарот на градот, сфатив дека нешто не е во ред. Каде и да поминев, крај кафуле или бавча, секаде, најразлични луѓе од културата ме канеа да седнам со нив и да им се придружам. Меѓу нив имаше и луѓе што не биле никогаш особено наклонети кон мене, дури и такви што отворено не ме почитуваа. Почнаа да ми зборуваат за своите проекти, филмови, театарски претстави, како да очекуваат од мене да им помогнам, како нивните проекти да се во мои раце. Кога им реков: „Ама каква врска имам јас со тоа, луѓе?“ ме гледаа сомничаво. Еден од нив ми рече: „Не прави се недоветен, знаеме дека ти си следниот министер за култура“. Сфатив дека додека сум бил на одмор, некои медиуми објавиле, „од проверени извори“ дека јас сум следниот министер, дека сум прифатил и дека тоа е веќе завршена работа. Меѓутоа, мене никој ми се немаше јавено, ниту ми беше понудено такво нешто. Стануваше збор за класична дезинформација. И бидејќи кај нас е бесполезно да се бориш со дезинформации, јас решив да бидам министер за култура бар седум дена, додека не се назначи новиот. Знаете ли колку милиони денари поделив по кафеани и кафулиња за тие седум дена, за филмови, претстави, изложби? Никому не реков „не“, на сите им ветував огромни суми и луѓето беа презадоволни. Мислам дека тој мандат од седум до десет дена бил најуспешниот мандат на еден министер за култура во историјата! По десетина дена, се објави името на вистинскиот министер и веќе никој не ме повика. Ме заборавија. Иако јас бев, повторувам, најдарежливиот министер за култура. Звучи како шега, ама не е бенигно. Замислете да фатев да демантирам. Ќе изгубев цела седмица во деманти, ќе се јавеа луѓе со „противаргументи“... и отиде спокојството потребно за пишување – вели Андоновски.

petar gorko 2

„Супер вест е, што има тука?!“

Во деведесеттите години Петар Горко бил водител на Интернационалниот фестивал на забавна музика „Интерфест“ во Битола.

Доаѓаа странски пејачи и пееја на македонски. Прекрасни дружби, многу новинари, разни списанија, дневни весници што секојдневно известуваа, фотографираа зад сцената итн. Една од тие години, за да бидеме веројатно поблиску до светските вести, осамнува наслов во тогашен „Екран“ – „Интернационална љубов – Петар Горко и Озлем Текин“ (инаку денес позната рок-ѕвезда во Турција). Се сеќавам, млад, дваесет и некоја година, неделникот пишуваше многу за културата и театарот, јас мислам дека сите ме познаваат во Македонија... Прво ме облеа пот, се изнервирав, почнав да ги барам новинарите и фотографите... Ги најдов, џабе, ми рекоа: „Супер вест е, што има тука?!“ Велам, не е точна, зошто без прашање сте го направиле тоа? Ми рекоа дека не е ништо страшно, сум морал да се навикнам на такви работи и во тој стил се „вадеа“. Бев вознемирен, се објаснував со луѓето на фестивалот, а и во градот... Сега не би се објаснувал, зашто со секоја одбрана сè повеќе и повеќе тонеш. Луѓето им веруваа повеќе на вестите и на сликите отколку на оној што се брани. Помина тоа како што помина, но остана на мене една лага, која ми беше непријатна. Кога жолтиот печат почна да зема замав, сфатив дека не можам да се борам против ваквите работи. Оттогаш секогаш кога давам интервју, сакам прашањата и одговорите да ги видам претходно пред објавување. И тоа го практикувам до денес. Така сум помирен дека нема да ме извадат од контекст или нема некој да ми натовари уште некоја лага – вели Горко.

„Во афект, станав извор на дезинформација“

Дека нештата секогаш имаат најмалку две страни, а јавните личности лесно може да се најдат и од едната и од другата, потврдува другата анегдота на Андовски. И самиот вели: „Понекогаш, и самиот од невнимание сум создавал недоразбирања во јавниот знаковен сообраќај“, вели тој.

Колумни пишувам 34 години, а кој многу работи – тој и греши. Еднаш, целосно невнимателно, повлечен од силен афективен контекст (стануваше збор за „Крвавиот Велигден“ и убиството на момчињата и рибарот кај Смилковското Езеро), напишав дека тоа можел да го стори само атеист. И си ја навлеков бељата: атеистите со право ме нападнаа. Не помагаше ни тоа што навистина контекстот беше таков, зашто јас навистина сакав да кажам дека ако некој може да стори такво нешто на најголем верски празник, тој не ги почитува верниците. Но не кажав така, и станав извор на дезинформација, зашто и тогаш и сега знам дека меѓу атеистите (повеќето мои пријатели и не се верници) има и подобри луѓе одошто меѓу номиналните, формални верници. Си ја платив дезинформацијата. И тогаш и сега – се извинувам. Секој има право да биде тоа што сака, се разбира, доколку не ја загрозува слободата на другите – дециден е тој.

Според Горко, денес состојбите се многу пострашни во однос на деведесеттите. Социјалните мрежи, одредени портали, посебно во соседството, се занимаваат исклучиво со „спектакли“.

Во насловот им ја читаш сензацијата, а внатре празно, лажно, само за еден лајк плус. Ужасно, навистина. Знам дека вестите во мејнстрим медиумите се копи-пејст, по наредба, платени од некого. Така е секаде во светот, па и кај нас. Тешко е да се препознае вистинска вест, реална, со труд на новинар што се потрудил длабоко да ѝ се посвети на својата професија. За нив секоја чест, браво. За жал, тоа е реткост. Како и сè друго во државава и во светот што се менува на многу нивоа, а ние трпиме, заплашувани со секоја ударна вест на вести, портали итн. Најдобар пример е кошмарот – корона! Се сеќавам на првите видеа од Кина каде што луѓето божем паѓаа од болеста и на лице место умираа. Кое заплашување, кој страв во секое човечко битие во светот. Зошто?! Па најубаво се владее и заработува во цел свет кога им сееш страв на луѓето, вниманието е веќе поделено, потоа ги доразделуваш по која било основа, политичка, верска и каква уште не... Но, свесните луѓе го знаат тоа, се повлекуваме, не гледајќи вести, телевизија, не читајќи жолти портали... Среќа, ја работам најубавата професија (за мене), па ме исполнува до крај, сè уште ја пуштам фантазијата до бесконечност и назад, уживам, читам книги, гледам филмови, серии, се смеам, пеам со колегите на „Глумците пеат“ и таа енергија, таа фузија, е непроменета, зашто е човечка, вистинска, а не лажна – завршува Горко.

Весна Ивановска-Илиевска

 


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).