Како случајот „Рибникар“ се пренесуваше во регионот, што преземаат институциите да не се повтори

Се чита за 10 мин.

Неколку денови по пукањето во Белград, основец во нашата земја отишол на училиште со пластичен пиштол-играчка, закани имаше на Електротехничкиот факултет во Подгорица и во неколку основни училишта во Црна Гора. Каква „Пандорина кутија“ отвори случајот „Владислав Рибникар“, како државните системи се справуваат со состојбите?

Пишуваат: Весна Ивановска-Илиевска и Теодора Ѓурниќ


Трагедијата што на почетокот на мај годинава го разбуди Белград и го потресе целиот регион, кога 13-годишен ученик пукаше и уби 9 соученици и чуварот во училиштето, а повреди повеќемина, отвори низа прашања не само во Србија, туку и во земјите во регионот. Каква е безбедноста во училиштата, што се случува со системот, а што со основната клетка на секое општество – семејството, што го предизвика шокантниот настан и што потоа?

 BelgradФото: Теодора Ѓурниќ

Случајот како молња се пренесе во сите земји во регионот. Со присуството на телевизиите и на дигиталните медиуми, јавноста практично во живо го следеше апсењето на ученикот што го изврши злосторството. Медиумите максимално гo експлоатираа случајот, голем дел од нив објавувајќи сè и сешто во трката за повеќе кликови. Неколку денови по пукањето во Белград, основец во нашата земја отишол на училиште со пластичен пиштол-играчка, закани имаше на Електротехничкиот факултет во Подгорица и во неколку основни училишта во Црна Гора. Каква „Пандорина кутија“ отвори случајот „Владислав Рибникар“, како државните системи се справуваат со состојбите?

Од нашето Министерството за внатрешни работи објаснуваат дека веднаш по настанот во Белград, почнале консултации за надополнување на постојните механизми за детекција и спречување врсничко насилство во училиштата.

Во координација со директорите и со стручните служби, беше воспоставено континуирано присуство на полицијата во близина на училиштата за да има брза реакција ако има потреба, особено за време на големите одмори кога има поголема фреквенција на деца. Во одредени случаи полицијата правеше преглед на личниот багаж на децата при влез во училиштата, ранци, торби и слично – велат од МВР.

Mvr TabelaИзвор: МВР

Според податоците на МВР, од јануари до септември 2023 година се регистрирани вкупно 108 деца сторители на кривични дела, од кои 11 се на возраст до 14 години. Од нив осум деца се водат како вршители на насилство, две за насилство врз дете, а едно дете за „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. Бројките се однесуваат и на периодот пред пукањето во Белград и не може да се стават во корелација со тој случај. Од МВР објаснуваат дека превентивниот пристап на полицијата се спроведува во сите региони на државата и реализирани се многубројни активности за превенција на врсничкото насилство. Во однос на долгорочната борба се прават повеќе стратегии и акциски планови за искоренување на врсничкото насилство и за заштита на психофизичкото здравје на децата.

Одговорите на надлежните институции

На 5 мај на имејл-адресата на Универзитетот во Црна Гора (УЦГ) стигнала заканувачка порака насочена кон професорите на Електротехничкиот факултет. Деканот Милош Даковиќ објаснува дека веднаш го известиле Ректоратот и набрзо била евакуирана зградата на факултетот. Сепак, по овој настан вработените и студентите не се чувствувале сигурно. Основно училиште во Никшиќ пријавило во полиција дека ученик им се заканувал на учениците и дека има список на жртви, а слична пријава имало и од училиште во Сутиван кај Бијело Поље. По заканата, бил распореден службеник од локалното полициско обезбедување.

Print Screen 5 768x729

По несреќата во Србија, Министерството за внатрешни работи на Црна Гора и Полициската управа потсетиле на кампањата „Почитувај го животот – врати го оружјето“, која во земјата се спроведува од 2014 година. Кампањата е во согласност со Законот за оружје, според кој секој граѓанин, без никакви правни последици, слободно и доброволно може да ѝ го предаде огненото оружје на полицијата, без разлика дали е во нелегална или во легална сопственост и за која категорија огнено оружје станува збор. Во првата половина од годинава се вратени 830 парчиња оружје, повеќе од 200 мини и експлозиви и приближно 24.000 парчиња муниција од различен калибар. Сепак, професорката по медиумска писменост Светлана Јоветиќ-Копривица смета дека црногорските институции немаат развиено стратегии што би можеле да се соочат со овие и слични проблеми.

Секако, тоа не значи дека вработените во безбедносниот и во образовниот систем не се обидуваат да најдат соодветни решенија, туку дека комплексноста на овој проблем ги надминува постојните можности – вели Јоветиќ-Копривица.

Svetlana Jovetikj KoprivicaСветлана Јоветиќ-Копривица

Од македонското Министерството за образование и наука објаснуваат дека по пукањето во Белград, во координација со повеќе институции се креирани десетина препораки за да се зголеми безбедноста во училиштата. Препораките досега се почитуваат, а во септември биле надополнети и со нови насоки што ги добиле од МВР. Кон крајот на минатата учебна година беше отворена електронска адреса за пријавување насилство во училиштата.

До овој момент се пристигнати повеќе од 50-ина пријави. Најголем дел се однесуваат на врсничко насилство, а најчести пријавувачи се родители/старатели. Дел се за несоодветно однесување на наставници, а беа доставени и предлози за подигнување на безбедноста во училиштата – објаснуваат од МОН.

Print screen 4 768x481

На иницијатива на министерот за образование и наука Јетон Шаќири формирана е работна група составена од психолози и социјални работници, која има советодавна улога и за секоја пријава ги повикува на разговор управата и стручната служба од соодветното училиште. По потреба се повикувани и родителите на учениците за да се добие попрецизна претстава за конкретниот случај и правилно да се постапи.

Најголем дел од пријавите на електронската адреса се од Скопје, и тоа во претходната учебна година. Во оваа учебна година се пристигнати десетина пријави и по нив е постапено, односно дел од постапките на стручниот тим се во тек – велат од МОН.

„Професионалноста на медиумите повторно потфрли“

Д-р Сеад Џигал, комуниколог и професор на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, дефинира неколку фази на македонските медиуми во однос на известувањето за настаните во Белград. Прво главно биле пренесувани информациите од локалната полиција и од институциите во Србија, но подоцна голем број содржини биле пренесувани од српските печатени, електронски и онлајн медиуми, а преку нив и голем број шпекулации, непотврдени информации, гласини и дезинформации.

 Print screen 3

Преовладуваа сензационализмот и таблоидното известување, а третата фаза беше целосна медиумска експлоатација на случајот, најмногу на штета на приватноста на жртвите и на нивните семејства, но и на малолетниот извршител и на неговото семејство. Со недели се одвиваше хиперпродукција на вести засновани на изјави желни за внимание, шпекулации и непроверени информации. Сè на сè, професионалноста на медиумите повторно потфрли. Иако имаше обиди од одредени медиуми и новинари професионално и етички да се информира јавноста, сепак на крај преовлада злоупотребата на трагедијата и експлоатација на случајот заради публицитет во полза на медиумите – објаснува Џигал.

 

Sead Dzigal komunikolog 768x518Сеад Џигал

Тој вели дека важен аспект и опасност во целиот случај е т.н. „копи-кет“ однесување – копирање на однесувањата на другите при вршење насилни дела. Во редица подоцнежни случаи на агресивно однесување и физичко насилство, се покажа дека овој случај влијаел особено врз помладите.

Во некои од нив дури и експлицитно напаѓачите се повикувале на белградскиот случај и се заканувале дека „нивните жртви ќе завршеле на ист начин“. Професионалните медиуми мора да водат сметка како известуваат за вакви трагедии и како тоа може да биде протолкувано од помладите. Непрофесионалните и манипулативните медиуми најдобро е целосно да се одбегнуваат и да се пријавуваат на платформите што нудат помош за отстранување недозволени содржини. Во некои од сведоштвата за разговорите со малолетниот извршител беше потврдено дека тој се интересирал за тоа какво внимание предизвикал со својот грозоморен чин. Голема е одговорноста на сите нас да не го поттикнуваме деструктивното и нехумано однесување со негова сензационализација и спектакуларизација – категоричен е Џигал.

 

 Darvin MurikjДарвин Муриќ

Сензационалистичкото известување за трагедијата во Белград не ги заобиколило ниту црногорските медиуми, вели Дарвин Муриќ, уредник на Raskrinkavanja.me.

Имаше дезинформации во медиуми што би сториле сè за да дојдат до кликови. За среќа, беа помалобројни во највлијателните и најчитаните медиуми. Што се однесува до етичкиот кодекс, тој беше максимално игнориран. Објавувани беа фотографии и полуинформации, кои во вакви случаи треба да се избегнуваат по секоја цена – вели Муриќ.

Според него, било „очекувано“ медиумски да бидат покриени заканите кон учениците во црногорските училишта. За среќа, не е забележано ширење дезинформации за тие случаи.

Социолозите и психолозите ги толкуваат причините

Проф. д-р Емиљ Сулејмани е социолог и редовен професор на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој вели дека во поновата историја и во нашата колективна свест не паметиме ваков случај, така што се очекувани негативни влијанија. Сето тоа е одраз на недоволна социјализација кај дел од учениците што поттикнува емоционална и социјална потреба да се истакнат и да бидат во центарот на вниманието.

Социјализацијата е процес во кој поединците го учат начинот на живот во општеството или во општествената група и така се оспособуваат да живеат во него. Преку социјализацијата, човекот што е роден како ранливо суштество и целосно зависен од другите, се развива во социјално битие со многу разновидни вештини, знаења, вредности и обрасци на однесување.

Настанот во Белград е одраз на асоцијална личност, која не ја поминала или недоволно била подготвена да се соочи со секундарната социјализација што се одвива во училиштата, а особено во процесот на пубертетот. Во оваа фаза социјализацијата зависи од два главни фактора: училиштето и соучениците. Училиштето е општествената заедница каде што детето ќе наиде на имплементација на норми и правила до кои мора да се придржува, а кои се различни од оние на семејството. Една од најважните работи што ги прави семејството за време на примарната социјализација е да го подготви детето за социјалните предизвици со кои може да се соочи на училиште – објаснува Сулејмани.

 Emilj Sulejmani sociologЕмиљ СулејманиУчилиштето е образовна институција што создава услови каде што сите деца се релативно еднакви, што е спротивно на примарната социјализација каде што детето е во центарот на вниманието во семејството. Особено е важно што овој процес се спроведува врз основа на правда, еднаквост и вклученост од стручниот образовен кадар што позитивно ќе придонесе за третата фаза на социјализација во адолесценцијата.

- Улогата на училиштето е незаменлива и е главен фактор во процесот на развој и образование на личноста и сметам дека токму тука лежи причината за немилиот настан. Важно е да се споменат два вида социјализација во оваа фаза: криминалистичка социјализација и алтернација. Првата ги опфаќа дејствата што ги презема општеството кон оние индивидуи што ги прекршуваат општествените норми, пред сè правните, кривичните и административните, кои главно, за казнетите поединци, се одвиваат во специјализирани институции. Алтернацијата е феномен кога индивидуите, под влијание на моќни и неочекувани фрустрирачки фактори, радикално го менуваат своето однесување, и токму еден од овие два фактора бил пресуден ученикот од Белград да посегне по оружјето – вели Сулејмани.

Јоветиќ-Копривица посочува дека професорите и наставниците мора отворено и директно да комуницираат со учениците.

Спречувањето вакви и слични настани е мојата животна мисија, бидејќи предавајќи литература, континуирано ја градам свеста на младите за доблест, вредност и хуманост. Но, со мојот сопствен пример ги повикувам родителите и децата на континуирано учење, отвореност, спонтаност, размена, што може да биде еден од клучевите за сузбивање и спречување на насилството – вели таа.

Nadica Skeparoska Petkovska psihologНадица Скепароска-Петковска

М-р Надица Скепароска-Петковска од Друштвото за приватна пракса за психологија „Мозаик“ од Скопје вели дека во изминатите години ни се случува феномен – „нормализација на насилството“. Секојдневно следиме вести и приказни за семејно или за врсничко насилство, за убиства и повреди, а случката во Белград допре до сите нас. Ваквите драматични настани секој ги доживува автентично, и во зависност од возраста, информацијата може да се обработи различно.

Децата што сè уште немаат развиена социо-емоционална зрелост, може да бидат исплашени од вакви вести, а дел од нив да сметаат дека тоа е соодветен начин на изразување бес и лутина. Постои и нешто што се вика имитација на насилниот чин. Сензационалистичкото известување на настанот, со сите детали може да ја разбуди детската љубопитност и кај некои деца да влијае охрабрувачки за повторување на делото. Таквото известување на некој начин создава антихерој, чие однесување одредени деца сакаат да го копираат. Децата најчесто учат преку модел. Имитација на насилството е феномен за кој сведочат повеќе студии во светот. Тој феномен го поттикнува медиумското известување со сите детали, кое често служи како водич за следни насилни дејства – објаснува Скепароска-Петковска.

„Рибникар“ психолошки се одрази на сите нас

Нејзината колешка од Црна Гора, психологот Адријана Пејаковиќ, истакнува дека по настаните во Србија дошло до „прелевање на агресивноста“. По масовното убиство во Белград, луѓето почнале сами „да ја решаваат ситуацијата“ барајќи ги виновниците во училиштето, во медиумите или во општеството.

Ова е вообичаена трауматска реакција каде што веднаш сакаме да се ослободиме од чувствата на шок и неверување и да го „средиме“ настанот за да се чувствуваме побезбедно. Многу психолози апелираа да се престане со тоа за да си дозволиме да се чувствуваме тажни и немоќни пред ужасот, сами или со нечија поддршка, бидејќи не е добро да ги игнорираме овие чувства – вели Пејаковиќ.

Adrijana PejakovikjАдријана ПејаковиќТаа наведува и дел од „предизвикувачите“ за масовни престрелки во училиштата: насобрани психички или психолошки проблеми, стрес и трауматски искуства, семејна ситуација во која младиот човек не може да најде разбирање, воспитувачкиот стил на родителите што може да вклучува викање, навреди и тепање итн.
– Се разбира, во многу семејства се случува децата и младите луѓе да се изложени на овие ситуации, но тие нема да пукаат во своите соученици. Не можеме да знаеме со сигурност, но зборуваме за фактори што ја зголемуваат веројатноста за некое агресивно и импулсивно однесување – вели таа.

Скепароска-Петковска вели дека е време системски да му пристапиме на ова прашање. Покрај засилување на безбедноснитe мерки, треба да се креираат едукативни содржини во училиштата, групи за поддршка, врснички групи што би помогнале да се развива емпатијата и да се говори за намалување на ризичните однесувања кај децата. Таа низ практиката сретнала надарени деца со кои работела на препознавање емоции, нивно вербализирање и соодветно изразување.

Надарените деца често имаат соодветно развиена емпатија, а во некои случаи намалена толеранција на фрустрации. Би рекла дека отсуството на емпатија е првиот знак според кој можеме да препознаеме кој е склон кон повредување и нанесување болка – вели Скепароска-Петковска.

Print screen 2

Таа е децидна дека со децата треба јавно и отворено да се зборува, без сензационализам и драматизирање, на соодветен начин во согласност со возраста на детето.

Треба да креираме наратив што децата нема да сакаат да го имитираат и да го повторат за популарност и изразување револт и бес. Може да се разговара и за превенција и препознавање насилство, ризични однесувања помеѓу младите, како и сè што е поврзано со менталното здравје во училиштата и во медиумите – објаснува таа.

Џигал се согласува и додава дека за сложени и сензитивни прашања или за одредени табуа, најдобро е дебатата да им се препушти на стручните и на одговорните лица, а за јавноста внимателно и одговорно да се објавуваат нивните пораки и совети.

Во демократските општества отворените дебати треба да се поттикнуваат, но многу е важно и да се модерираат од професионални фактори и чинители, вклучително и медиумите, за да се одбегнат конфликти или поларизација во општеството. Ваквите прашања генерално треба да се дебатираат и да не се цензурираат. Но, тоа треба да се прави одговорно и во внимателно подготвен контекст, кој води сметка дека резултат ќе бидат корисна дискусија и дијалог, а не продлабочување на конфликтите и засилување на нетрпеливоста – завршува тој.

Насловна фотографија: Принтскрин Блиц


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ). Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД). Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на СЕЕНПМ и НЕД.