Игра со бројки

Се чита за 6 мин.

Почна предизборната политичка борба со бројки. Со бројки за економската состојба во државата и на граѓаните. Во периодот до наредните избори што треба да финишираат во мај 2024, оваа борба ќе биде беспоштедна и со многу информации. Често ќе бидат исти, но ставени во различен контекст. А, ќе има и грешки.

ТЕКСТОВ НЕ Е ЗА ГРЕШКИТЕ, ТУКУ ЗА НОВИНАРСТВОТО

Каква ќе биде политичко-економската битка веќе може да се насети. Темите инфлација, пензии, социјална помош, минимални и просечни плати, инвестиции и многу други ќе бидат употребени за да се оправдаат, според власта, добрите политики, или според опозицијата да се оспорат и да се прикажат како лоши.

Неформалниот старт на оваа борба почна кон крајот на ноември 2023 година кога веќе беше познат Буџетот за 2024-та, кој до крајот на годинава треба да биде донесен во Собранието. Дополнително се зажести откако Владата го објави последниот, деветти, сет антикризни мерки. На огромниот пакет помош што се најавува дека ќе изнесува 662 милиони евра, реагираше поранешниот министер за финансии во владата на ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески, кој беше на функцијата од 2006 до 2009 година. Тој го изнесе ставот дека не смее да се делат пари како што планира Владата.

gt 2 1

Очекувано, на ставот на професорот Славески му реплицираа од Владата, и тоа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој освен што имаше политичко-економско-идеолошки контрааргумент, му улови една математичка грешка на професорот.

gt 2 2Извор: ФБ-страница на Фатмир Битиќи (20.43 часот, на 30.11.2023)

Но, иако Битиќи улови грешка, и тој исто така направи грешка. Во одговорот на Фејсбук наведе дека „вкупно предвидениот буџет на ПИОМ, кој за 2023 година е на ниво од 1.205 милиони евра“. Но, оваа грешка подоцна се коригираше, но повторно напишаното не е баш најпрецизно.

gt 2 3Извор: ФБ-страница на Фатмир Битиќи (19.27 часот, на 7.12.2023)

Ако се погледне Буџетот за 2023 година, страница 450, категорија 47, ставка 472, ќе се види дека вкупните „Плаќања на бенефиции од Фондот за ПИОМ“ за оваа година се 1.571 милион евра.

gt 2 4Извор: Министерство за финансии

Но грешките со бројките, не застанаа кај Славески и кај Битиќи. Со прецизност не се прослави ниту премиерот Димитар Ковачевски на отворената трибина во Куманово (12.12.2023 година) во рамките на кампањата ,,Ние сме Европа“, посветена на тема – енергетикa.

gt 2 5Извор: Слободен печат. (12.12.2023)

Ако се проверат износите на минималната плата што во 2016 година била 10.800 денари, а износот на Синдикалната минимална кошничка во декември била 32.102 денари, соодносот е нешто под трипати. Доброто во насловот на веста е дека денеска се потребни две (2) минимални плати за потрошувачка кошничка, што е точно.

Додека веста со премиерот Ковачевски ја најдов само кај еден медиум, реакцијата на вицепремиерот Битиќи ја преземаа неколку медиуми. И во сите остана грешката. Некаде изразена и во апсолутна бројка, а некаде само процентуално. Но, остана.

И битката меѓу Славески и Битиќи за можноста од дополнителни 327 милиони евра колку што би чинело секој пензионер да добие по 5.000 денари зголемување на пензијата, поради грешките, не се темели на факти, туку веќе влегува во зоната каде што заклучоците се извлекуваат врз погрешни параметри. Од реакцијата на Битиќи е точно дека ќе се зголеми дупката во ПИОМ, но бидејќи податоците не се прецизни, таа за годинава не би била 22,3% туку 20,8%. А видете колку изнесува во насловите на вестите – 27,1%. Разликата веќе е сериозна и не е во рангот на статистичка грешка. Дополнително, ако сумата од 327 милиони евра се пресмета врз буџетот од 2024 година, оваа дупка ќе биде уште помала односно ќе биде 18,59%. Но затоа, пак, треба на јавноста да ѝ се каже и дека драстично ќе се промени, на полошо, соодносот меѓу тоа колку се собираат придонеси за пензии и колку е потребно да се префрлат пари од буџетот за да може ПИОМ нормално да функционира. Според анализата што ја направив за www.pari.com.mk во 2024 година, потребните пари од буџетот во сооднос на вкупните средства потребни на ПИОМ е 32,46%, а ако се зголеми за дополнителни 327 милиони евра, соодносот ќе биде 43% или колку што бил 2016, 2017 и 2018 година пред зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско за 0,8 п.п.

Ова се бројки во контекст. 

ИСПРАВАМЕ ИЛИ НЕ

Сега доаѓаме до клучниот проблем. Тоа е дали ние новинарите треба голо, без проверка на бројките, да ги пренесеме изјавите или текстовите на економистите и на политичарите, или, пак, треба да ги проверуваме. Ако ги проверуваме и ако откриеме грешки, како да ги поправиме? Дали реално можеме и сме кадарни за вакви проверки?

Овие прашања се исклучително важни во ова дигитално време. Сè што се пренесува, пред сè во медиумите остава дигитална трага и многу често ние, новинарите, но и граѓаните, кои сакаме да дознаеме или да провериме за одредена тема, пребаруваме што е веќе медиумски пренесено и на тоа се повикуваме. Ако пренесеното е неточно и не е исправено, по начелото на концентрични кругови, неточноста се шири понатаму.

Од друга страна, една од улогите на новинарот е да ја пренесе изјавата, ставот, веста, информацијата онаква каква што е. Изворно, а за содржината одговара самиот автор. Ова ја остава можноста неточна или непрецизна информација да стане дел од јавниот живот, бидејќи сме си ја работеле работата и сме пренеле нешто што друг кажал.

КАКО ПОНАТАМУ

Но, што да правиме ако податоците не се точни? Како ние новинарите да ги избегнеме ваквите ситуации и да спречиме, односно што е можно помал број непрецизности да останат во дигиталниот свет.

Најлесно е да се каже, нека не грешат. Но, кој работи, тој и греши, па така и грешките на економистите и на политичарите се дел од секојдневието.

Затоа да ја префрлиме топката кај нас, новинарите, и во медиумите, и да се потсетиме што ни е нашата обврска.

Основно е ако забележиме дека има грешка или непрецизност, да го контактираме авторот на текстот и тој според правилата за исправка, да ја поправи грешката. Тоа значи да го смени текстот и на крајот да наведе кога и што е променето во однос на оригиналот.

Секако, ова често не дава резултат, па затоа, ако не може да се побара корекција директно од авторот, во веста или во информацијата задолжително да се наведе линк од изворот, од каде што е преземена. Во самиот пост на Битиќи ја има исправката, но ниту еден медиум нема ставено линк до неа.  

Исто така, ако новинарот или во медиумот се утврди дека изнесениот податок не е точен или е непрецизен, а нема реакција од никого или изјавата дополнително не се обработува во аналитички текст, на крајот на текстот, со фуснота или со ѕвездичка да се посочи кој е вистинскиот податок. Мора технички да се укаже дека во текстот има грешка или непрецизност.

И најважно, да се раководиме според Кодексот на новинарите, кој јасно посочува како да се поставиме во вакви ситуации. Во членот 1 пишува:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

Исто така многу е важно, да не кажам меѓу најважните работи, новинарите да се ослободат од стравот дека во едно делумно плурално општество каде ако се укаже на грешка, ќе бидеш обвинет дека работиш за другата страна, дека си пристрасен или политички обоен. Придржувајќи се до Новинарскиот кодекс и до реалното прикажување на податоците и ставање во вистински контекст, просторот за обвинувања се намалува, а се гради кредибилитетот и довербата во новинарот и во медиумот.   

Токму ова е најважно во моментов.

КОЈ РАБОТИ, ТОЈ И ГРЕШИ

Истакнувањето на овие грешки не е за да ги ставиме во политички контекст. Бидејќи кај нас сè е исполитизирано и јавната дискусија се сведува на вулгарни пресметки меѓу политичарите, партиите и нивните поддржувачи во медиумите, да ве потсетам дека единствено НЕ ГРЕШАТ само тие што НЕ РАБОТАТ. Илузорно е, и надвор од здрав разум, за дневна политика јавноста преку проста математичка грешка да оспорува еден Трајко Славески, кој според мене е еден од трите најдобри министри за финансии во Македонија, но исто така не треба априори да се оспорува Фатмир Битиќи, кој важи за еден од најумерените политичари што знаат за што зборуваат, плус заедно со министерот за економија Крешник Бектеши го има еден од најдобро поставените кабинети во Владата кои сериозно и транспарентно работат. Секако, може премиерот Ковачевски да ни е политички или идеолошки симпатичен или не, но и тој се разбира од економија и во бројки.

Затоа, грешките треба да се коригираат, а јавната расправа да се турка единствено во насока што значат вистинските податоци и како тие ќе се рефлектираат на нашето живеење, а не на тоа кој згрешил, секако, ако грешките се случајни, а не континуирано да се повторуваат за да се манипулира јавноста. Но, ова е друга тема.

 

Автор: Горан Теменугов


Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.