Стари видеа и фотографии што се поврзуваат со актуелните случувања во изминативе два месеца, се дел од секојдневните дезинформации што се споделуваат во врска со вооружениот конфликт меѓу Израел и Палестина.
Овие лажни, погрешни и неосновани информации ги споделија и некои од поголемите медиуми низ светот и тоа предизвика сомнеж и збунетост. „Навивачките“ содржини пласирани од двете страни, воедно, го зголемија ризикот од разгорување на страстите и ескалација на конфликтот.
Помеѓу старите видеа од рускиот претседател Владимир Путин, кои беа лажно поврзани со конфликтот, циркулираа и видео со деца во кафези, фотографија со посмртни останки што нема никаква врска со цивилните жртви во Газа и слични, најчесто вознемирувачки содржини, на кои е лесно да им се поверува, а уште потешко да се докаже и да се разгласи дека се неточни. На социјалните мрежи се појавија и измислени профили на кои се ширеа лажни тврдења и сето тоа придонесе кон тоа тешко да може да се утврди фактичката состојба, односно да се види вистинската слика на случувањата на воените места.
Според Михајло Лахтов, специјалист за медиумска писменост, известувањето за конфликтот меѓу Израел и Палестина содржи неколку сериозно проблематични елементи. Тој вели дека иако дезинформациите се неизбежен дел како и за секоја тема од секојдневието, во овој случај тој не смета дека тие се еден од клучните проблеми.
Ако ги анализирате извештаите од првиот ден, па сѐ до денес, можете да забележите висок степен на небалансираност, навивачко информирање, зафаќање страна и презентирање факти и мислења што ќе ја поткрепат само тезата дека едните или другите се виновни, без воопшто да се анализира контекстот, историјата на конфликтот, моменталните политички околности и така натаму – вели тој.
Она што го изненадило и го разочарало, како што дополнува, е тоа што тој „наплив“ на емотивно, навивачко известување, не изостана ни кај најсериозните и најрелевантните светски медиуми, кои не се воздржуваа експлицитно да ја искажуваат својата пристрасност и поддршка.
Особено во првите неколку денови од конфликтот, во многу случаи бевме сведоци на прикажување на едната страна, па дури и реномирани еврејски и израелски научници и интелектуалци, како Чомски, Гидеон Леви, израелската новинарка Амира Хас, кои имаат критички однос кон официјалната израелска политика, мораа да бараат свој простор на алтернативните платформи и социјални мрежи за да го кажат своето мислење. Тука ќе додадам уште една мошне важна работа. Секогаш кога се зборуваше за Израел, го слушавме само официјалниот став на сегашната израелска политичка елита, без да се даде простор на јавното мислење, на интелигенцијата, на научната јавност во Израел. На мал број медиуми (обично на видеа на Јутјуб) можевме да видиме дека на протестите (во Европа и во САД) против акцијата на Израел, се придружуваат и многу Евреи и немавме можност да го слушнеме нивниот глас – образложи Лахтов.
Еден од најсериозните елементи што мора да биде анализиран од медиумско-комуникациски аспект, како што посочува, е кој добива можност да зборува, кој има пристап до мејнстрим медиумите, односно, како што вели, да се направи анализа на аспектот на привилегирани гласови. Врамувањето на целиот конфликт од мејнстрим медиумите, исто така, го нотира како проблематично.
Но, сепак, зборувам од аспект на набљудувач, а не некој што тоа го анализирал и може да понуди докази. Тоа што јас успеав да го забележам, беше врамување од типот „Хамас е најголемото зло, и мора да се уништи без разлика на цената“. Ваквиот наратив што доминираше во многу медиуми, придонесе и целата дебата да се води само низ таа призма – вели Лахтов.
Што се однесува до медиумите во Македонија, тој вели дека при обидот да преведат вести од странските новински агенции, тие не внимавале на сензационализмот.
За медиумите во Македонија, или пренесуваа вести од странските новински агенции, или како по обичај, се обидуваа да преведат нешто (главно неуспешно) од странските медиуми, во најголем случај од српските. И таа бркотница, да се објави што повеќе на сопствениот портал, придонесува да се преведува сѐ и сешто, но најчесто шунд, шокантни (често измислени) приказни и сведоштва, емотивни стории и фотографии. Како и обично, телевизиите организираа муабетни емисии (не би кажал дебатни, зашто тоа бара аргументирана дебата меѓу подготвени учесници) во кои најчесто се покриваше безбедносниот аспект – вели тој.
Според доцент д-р Весна Попоска, професорка по меѓународно право, деканка на правниот факултет при Меѓународниот универзитет „ВИЗИОН“, дезинформациите и лажните вести како тактика на војување не се новост, но добиваат нова димензија и значење како што се интензивираат начините на комуникација и како што напредува технологијата.
Медиумите влијаат врз креирањето на јавното мислење, особено по горливи прашања од јавен интерес за кои публиката не може секогаш да добие информација „од прва рака“ или да го посведочи преку лично искуство. На тој начин тие влијаат кон продлабочување на проблемите и на сегрегацијата, или кон пацифизација и градење либерално општество засновано на заемна поддршка и разбирање – вели таа.
Попоска појаснува дека на тој начин се влијае и врз политичката клима во државата, и во тој контекст, дезинформациите и лажните вести влијаат врз подривање на кредибилитетот на демократски избрани влади, а зајакнување на радикалната десница или прокси политички актери што одработуваат туѓи агенди од различни центри на моќ.
Често знам да кажам дека нивната цел е да го срушат светот каков што го знаеме, заснован на вредности за кои се залагаме без испукан куршум. Тие се само дел од низата тактики што се користат да се злоупотребат најмеките или најсензитивните точки во едно општество, како што е слободата на говорот – вели Попоска.
Таа дополнува дека нивната цел е да постигнуваат стратегиски цели преку поместувања на оперативно ниво, а како еклатантен пример го наведува лажното писмо наводно напишано од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг до министерот за одбрана на Литванија во екот на пандемијата.
Преку едукација за контекстот до критичка анализа на случувањата
Лахтов нагласува дека медиумите не емитуваат порака, туку тие се порака, или, како што вели, „човекова екстензија, нашите очила за далеку“. Тој порачува дека она што може секој од нас да го направи за да дојде до точна информација е да се едуцираме за контекстот и да се информираме од различни извори.
Пораката на социјалните платформи не зависи од нивната содржина, туку од нивната форма. Односно независно која е содржината на некој пост, видео или фотографија, главната порака на социјалните мрежи е дека сѐ може да стигне секаде, ништо не може да се скрие, сѐ се дознава. Или, денеска можеме да дознаеме што се случува на илјадници километри од нас, во секоја минута од денот. Тоа е една од најголемите промени што онлајн медиумите, а особено социјалните мрежи, ја внесоа во нашето живеење. Овој конфликт трае повеќе од 80 години, но никогаш како денес не сме биле во тек со сè што навистина се случува. Најголем проблем денес не е цензурата (која е невозможна) туку преголемиот број информации што ни се на располагање. Што да правиме со нив, како да ги исфилтрираме е основното прашање – нагласува тој.
Како дел од препораките, тој вели дека не треба да се залажуваме дека ние можеме нешто да направиме со тоа како медиумите ќе известуваат или дали некогаш ќе ја сфатат улогата што ние сме им ја замислиле, да бидат наш едукатор и информатор. Сепак, како што вели, многу поблиска му е тезата на Алтисер, дека тие се државен идеолошки апарат.
Тоа што можеме ние да го направиме е да читаме за овие работи, да се едуцираме за контекстот, да се информираме од различни места и медиуми, и критички да ги анализираме работите, а не емотивно и навивачки – вели Лахтов.
Попоска препорачува дека медиумите треба да останат доследни на сопствената професија и на нивото на задачата.
Да работат посветено и одговорно и да се држат до стандардите и нормативите на новинарското известување, секогаш земајќи ја предвид човечката димензија и етичкото постапување – вели таа.
Автор: Ангела Рајчевска
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Fostering Improved Media Standards”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).
Мислењата и ставовите изнесени во текстовите се на авторите и не секогаш ги рефлектираат позициите и ставовите на МИМ.