Преку континуирана соработка и дебата до ефективна заштита на човековите права

Продлабочување на релациите меѓу граѓанските организации и медиумите со цел поттикнување заеднички граѓански иницијативи и развивање истражувачки приказни кои се однесуваат на прекршување на човековите права, се некои од клучните поенти истакнати на Конференција „Унапредување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за промоција на човековите права“, што ја организираше МИМ на 18 април 2013г.

Во рамки на настанот, претставниците од двата сектора ја истакнаа потребата од зајакнување на комуникациските вештини на граѓанските организации со цел зголемување на нивната видливост и влијание во јавноста, како и од поголема иницијативност од страна на новинарите и продлабочување на нивните знаењата за областа на човековите права. Учесниците на конференцијата нагласија дека треба да се иницира и поттикнува дебатата меѓу ГО, медиумите и институциите за граѓански теми и теми поврзани со прекршување на човековите права.
За човековите права од аспект на слободата на изразувањето и говорот на омраза, во рамки на конференцијата говореше Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, додека, пак, за комуникациските алатки и употребата на новите медиуми во насока на развивање на граѓанскиот активизам зборуваа Зоран Бојаровски, уредник во ТВ Алфа и Петрит Сарачини, граѓански активист. На настанот учествуваа и експерти од Центарот за независно новинарство од Романија, којшто е партнер на МИМ во проектот. Пол Раду, новинар истражувач и обучувач за човекови права зборуваше за важноста на соработката меѓу новинарите и граѓанските организации за развивање на истражувачки приказни, додека, пак, Јоана Авадани, граѓански активист за слобода на изразувањето, ги презентираше европските искуства поврзани со соработката меѓу граѓанскиот сектор, медиумите и институциите. На конференцијата беа претставени и Клучните наоди од квалитативното истражување на ставовите и перцепциите на претставниците од двата сектора, што МИМ го спроведе во периодот февруари-март 2013.

Конференцијата е дел од проектот „Зајакнување на соработката помеѓу граѓанските организации и медиумите за унапредување на човековите права и слободата на изразување“ што МИМ го имплементира со поддршка од Европската Унија преку ЕИДХР.

Сите работни материјали од конференцијата се прикачени во прилог.