Започна работилницата „Нека се чуе вашата порака!“ за лицата со попреченост

Се чита за 0 мин.

„Нека се чуе вашата порака!“  е насловот на тридневната работилница која почнува денеска во Скопје и е наменета за граѓански организации што ги застапуваат правата на лицата со попреченост во земјава. Двајца домашни и странски обучувачи ќе им помогнат на учесниците да ги подобрат своите комуникациски вештини користејќи ги онлајн и традиционалните медиуми.

Претставници на четиринаесет граѓански организации од земјава кои што работат со лица со попреченост ќе бидат запознаени со медиумските алатки и техники за подигање на видливоста на нивните организации, преку практичен пристап, развивање на медиумска кампања, како и менторска поддршка за сите граѓански организации при натамошно развивање и имплементирање на нивните идеи за медиумските кампањи.

Оваа активност е дел од проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, имплементиран од Институтот за медиуми и различности од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, а финансиски поддржан од Европската Унија. Целта е да се зголеми видливоста преку медиумите и да се подобри јавната перцепција на лицата со попреченост, како неопходен предуслов за нивно активно учество во јавниот живот и за еднаков третман при практикување на правата и слободите.

Работилницата почнува на 3 Мај, Денот на слободата на медиумите, со што симболично се испраќа порака дека медиумите треба да овозможат поголем простор и видливост со цел да се слушне гласот и на маргинализираните и ранливите групи, што е важен сегмент од слободата на изразувањето на сите сегменти во едно демократско општество.