Граѓанските организации како креатори на медиумски содржини

Како граѓанските организации можат да ги користат медиумите, да ги заштитат своите активности и да се борат против говорот на омраза и дезинформациите? На кој начин, со помош на современите дигитални технологии тие можат да подготвуваат медиумски содржини за своите активности и каузи? Ова беа главни теми на дводневната обука за граѓански организации за продукција на медиумски содржини.

ob1 1Под водство на обучувачот Лук Стеинберг од Институтот за различности и медиуми, претставници на 6 граѓански организации ги изучуваа техниките и алатките за развивање на визуелен идентитет и се запознаа со концептот „Моџо“ (MoJo), кој подразбира сет на алатки и техники за продукција на медиумски содржини со користење на мобилен телефон (mobile journalism).

Освен теоретскиот дел и дискусиите, учесниците практично ги совладуваа „Моџо“ апликациите и развиваа идеи за видео приказни. Тие вежбаа како правилно да снимаат  видеа со мобилен телефон, како да обезбедат квалитетен звук и на кој начин да го едитираат снимениот материјал.

ob2 2Дополнително, учесниците се запознаа со принципите за фер употреба на интернет содржини и со концептот на „креативни заеднички содржини“ (creative commons).

Ова е претпоследна обука во рамки на тренинг-програмата наменета за грантистите на проектот „Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“. Проектот го спроведува МИМ во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности и медиуми од Лондон, со финансиска поддршка од Европската Унија.