Новинарските стандарди под лупа: Тешко е да се признае грешката

Се чита за 5 мин.

clen3 cover

„Ние сме комерцијален, а не приватен медиум“. „Одбивам медијација“. Игнорирање на барања за објавување демант и јавно извинување за навреда и клевета. Демант објавен, ама со полемички коментари. Отстранување на текст за „бегање“ од одговорност. Ова се некои ставови и потези на одделни медиуми сè со цел да се избегне признавањето на грешката – нарушување на член 3 од Кодексот на новинарите на Македонија, кој зборува за правото на одговор.

Накусо, членот 3 е принципот кој треба да го почитуваат новинарите. Тој гласи: Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата. Но, објавувањето демант како да е болка за медиумите. Да, тоа е морална казна за оној медиум што ги нарушил професионалните и етичките норми. Но, од друга страна е и доблест. Признавање дека при обработката на темата се згрешило. Нарушувањето на овој член од Кодексот обично оди заедно со други нарушувања, едно или повеќе.  Барањето за демант најмногу е последица на објавување на неточни информации. Според податоците на СЕММ, објавувањето неточни информации е водечко нарушување на Кодексот на новинарите во 2019 година. Членот 3, според бројот на нарушувањата, е на шесто место. 

Освен Кодексот на новинари, со правото на одговор се занимава и Уставот на државата. Во член 16 од Уставот се вели:„Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање“. Оваа материја, правото на одговор, е опфатена и со Законот за медиуми и Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда. Во нив се уредени и правото на барање демант, исправка, извинување... А, медиумите како да забораваат дека онаму каде што има законско регулирање има и казни. Тие се парични, но не се мали. Се бројат во илјадници евра. Доволно дури и за затворање на некој помал медиум.

mirce f1 1Токму затоа, медиумите треба да водат сметка кога се бара демант или исправка. На тој начин, тие се штитат себеси, но и својот интегритет. Со едноставното признавање дека згрешиле. Практиката на СЕММ покажува дека медиумите водат малку грижа за нивниот интегритет. Па, затоа адвокатите „трчаат“ да ги земат одлуките на Комисијата за жалби и да состават тужби за клевета или навреда против некој медиум. Според Здружението на новинари на Македонија, во земјава се водат триесетина судски постапки против новинари за клевета и навреда.

Кога веќе се спомена практиката на Комисијата за жалби при СЕММ, таа е разнородна. Како според барањата за деманти, така и според одговорите на нив. Некои медиуми се лутат, некои се гневни, па ги коментираат демантите, трети, пак, се согласуваат и се помируваат со жалителите, објавувајќи извинување и демант.

Една државна институција поднесе жалба за необјавено нејзино реагирање на неточно, според нив, тврдење. Комисијата за жалби побара одговор од телевизијата, како што е предвидено со Правилникот за работа. Националната телевизија против која беше поднесена претставката до Комисијата за жалби ја отфрли жалбата. Од медиумот тврдеа дека оспорената содржина е нивен прилог, но станува збор за пренесен извадок од прес- конференција на една политичка партија, а не за став на телевизијата. Оттука, тие како комерцијална телевизија сметаат дека жалителот сака да им наметне уредувачка политика, користејќи го СЕММ. Според телевизијата „Вакви реакции Советот за етика може да процесуира за Македонската радио и телевизија, која е јавен радиодифузер, а не на приватен медиум“. Очигледно, се заборава дека барањето објавување реакција од институцијата, која се смета за засегната со објавеното на телевизијата е гарантирано и со устав и со закони, независно од видот на медиумот, јавен или комерцијален.

Комисијата најде дека, со необјавувањето на писмената реакција од институцијата, телевизијата го прекршила Кодексот на новинарите во членот 3, според кој новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информација

Има жалители кои се повикуваат на законите, кога станува збор за објавувањето на демант или извинување. Па, така еден жалител вели: „Во согласност со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, упатено е барање за извинување и јавно повлекување на текст. Побарано е извинувањето и повлекувањето да се сторат во рок од 48 часа од моментот на примањето, по што медиумот и сопственикот се известени дека против нив ќе биде поднесена тужба пред надлежниот суд“. Комисијата ја почна постапката и понуди медијација, која беше прифатена од медиумот, но жалителот беше категорично против. На крајот, Комисијата најде дека медиумот, интернет–портал, не го објавил барањето за извинување и јавно повлекување на текстот упатено од жалителот. Наместо тоа, барањето е објавено со полемичен и навредлив коментар, што се коси со членот 3 од Кодексот на новинарите.

Еден портал имаше безобразна храброст, па вест стара три години, објавена во друг медиум, ја пласираше како своја и нова. Откако се крена врева во медиумите, порталот целосно го повлече текстот што, недвосмислено, упатува на тоа дека медиумот бил свесен за грешката и свесно се обидел да „побегне“ од одговорност. Членовите на Комисијата за жалби при СЕММ најдоа дека со повлекувањето на содржината медиумот го прекршил и членот 3 од Кодексот на новинарите. Генерално, треба да се избегнува повлекување на еднаш објавениот материјал на интернет, а доколку тој се измени или тргне тоа мора да биде јасно назначено. Но, безобразието беше мултиплицирано. Многу други портали ја објавија истата вест.

Жалител поднесе претставка до Комисијата за жалби со образложение дека медиумот, портал, објавил невистини, а потоа и неговиот демант, ама со сопствени коментари. Комисијата за жалби констатира дека демантот е објавен, но не на начин како што наметнува новинарската професија. Комисијата заклучи дека објавениот демант изобилува со полемични коментари и повеќе наликува на критички новинарски текст. Па, меѓу другото, во одговорот може да се прочита: „Скандалозен демант...“, „Директорот на... не престанува да изненадува“, „Демантот на... ги потврдува нашите наводи…“, „Повторно не е јасно која лага сме ја изнеле во текстот... за волја на вистината, искуството покажа дека не сме ние тие што изнесуваат невистини“.

Очигледно, уредниците во порталот не знаат дека исправка се објавува, без измени и дополнувања, на исто или соодветно место во содржината на медиумот и на ист или соодветен начин на оној на кој била објавена информацијата. Исправката може да се објави во изменета форма само доколку на тоа се согласи подносителот на барањето на исправката. Исправката мора да биде објавена на начин што од самиот наслов може да се види дека се работи за исправка. Исправка без согласност на подносителот на барањето не смее да се објавува меѓу реакции или писма на читателите, гледачите или слушателите.

Конечно, и една жалба повторно за портал, за неточно информирање, ширење лажна вест и клевета. Жалителот, меѓу другото, потенцира и дека се обидел, но не успеал да оствари средба со уредникот на интернет-порталот за да ги надминат недоразбирањата околу спорниот текст. Тој наведува и дека од медиумот побарал и објавување демант, како и јавно извинување за навреда и клевета.

Во таа жалба се потврдува дека барањата за демант се поврзани и со други прекршувања на Кодексот на новинарите. Жалителот бараше од Комисијата за жалби при СЕММ да утврди и неточно информирање, ширење лажна вест и клевета. Комисијата, меѓу другото, констатира дека интернет–порталот не го објавил и демантот што до редакцијата го испратил жалителот. Со тоа, медиумот го прекршил и членот 3 од Кодексот на новинарите. При одлучувањето Комисијата го зеде предвид и членот 17 од Законот за медиуми (Право на исправка на објавена информација), во делот во кој се вели:Секој има право од издавач на медиум, односно од одговорен уредник на издавач на медиум да бара, без надоместок, да објави исправка на објавената информација во која се наведуваат неточни факти објавени во информацијата, а со кои биле повредени неговите права или интереси. Право на исправка имаат и правните лица и другите организации и тела, доколку со информацијата биле повредени нивните права или интереси“.

Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ

 

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).