Нарушувања на принципот на почитување на приватноста

Се чита за 5 мин.

clen7cover op

Судирот меѓу правото на приватност и правото на слобода на изразување и информирање е честа појава. Во такви ситуации секогаш се прави баланс меѓу правото на заштита и приватноста и правото на јавноста да знае. Сепак, доколку надвладее правото на јавноста да биде информирана, односно се утврди висок јавен интерес за прашањето во кое одредена личност е инволвирана, тогаш ограничувањето на правото на приватност треба да биде во разумни рамки и до одреден степен. Затоа нема едно исто решение за секоја ситуација, тука сите случаи мора да се разгледуваат посебно. Ниту правото на приватност, ниту правото на слобода на изразување се апсолутни права. Ограничувањата се ценат во согласност со контекстот, степенот на јавен интерес и субјектот за кого станува збор.

Што  вели Кодексот на новинарите?

Правото на приватност во медиумите, во рамки на Кодексот на новинарите на Македонија, го разгледуваме низ призмата на јавниот интерес.

Член 7 „Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес.


Принципот на почитување на приватноста во професионалното новинарско известување, во согласност со Кодексот, опфаќа повеќе потточки. Овој член го посочува правото на јавноста да знае за луѓето кои се избрани да му служат на јавниот интерес, како носители на јавни функции, политичари, итн. Истовремено, посочува да се земат предвид повеќе ситуации во кои новинарите би требало да посветат повеќе внимание при одредување на границата и ограничувањето на правото на приватност. Дополнително, ја истакнува и должноста на новинарите „да ја почитуваат личната болка и жалост“, истакнувајќи ја на тој начин сензитивната природа на информациите кои задираат во приватноста кога се известува во вакви случаи. Па, така „информации за приватниот живот на одредена личност можат да бидат објавени само доколку однесувањето на таа личност во приватниот живот има влијание врз јавниот интерес. Во такви ситуации треба да се провери дали објавувањето на информацијата би можело да загрози некоја друга личност“.

Имајќи го предвид интересот на јавноста за јавните личности, честопати се прибегнува кон објавување на информации за нив кои не се релевантни за општата јавност. Овој член ја предвидел и таа ситуација, исклучувајќи ги како оправдани известувањата заради сензационализам, атрактивност, манипулација со емоции, итн.

Правото на приватност не е исклучено и да се разгледа делумно преку член 8, во ситуации кога се известува во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки, да се почитува пресумпција на невиност и да не се сугерира пресуда“.

Овој член повеќе е во насока на заштита на приватноста преку обработката на податоци за субјектите (имиња, фотографии, фотографии или снимки од настан, снимки од лице место, судски постапки, итн.) кои се дел од новинарските известувања во ситуациите кога се жртви на злосторства, несреќи, сторители, и др.

И во двата члена кои го третираат правото на приватност од различен аспект, новинарите се должни да прават баланс.

Што вели праксата?

Праксата покажува дека медиумите не прават соодветен баланс меѓу правото на приватност и јавниот интерес. Па така, се среќаваат примери кога за неименувано лице, кое не е ниту функционер ниту политичка личност, се објавуваат податоци за неговиот приватен живот, информации од приватниот живот и фотографии кои задираат во личниот живот на субјектот. Во оваа ситуација нема никаков интерес јавноста да ги знае тие информации. При заштитата на поединците се прави разлика меѓу заштитата на „обичниот“ граѓанин и заштитата на јавната личност. Во овој случај, се работи за поединец којшто не е дел од јавниот живот, ниту, пак, има овластувања над заштитени интереси во државата.

lp opВо друг случај, пак, иако се работи за позната јавна личност и секоја нејзина постапка беше следена во јавноста со висок интерес, поради функцијата која ја обавуваше, Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите одлучи дека во новинарското известување за погребот на нејзината мајка постои нарушување на член 7. Содржината на прилогот недвосмислено произлегува од јавниот интерес, но токму поради чувствителноста на темата, личната болка и жалост, новинарот мора да внимава на изборот на зборови, наместо да користи јазик кој содржи елементи на сензационализам. Правото на јавноста да знае не може да биде оправдување за потребата од сензација.

Во друг случај, пак, правото на приватност беше прекршено не водејќи сметка за правото на презумпција на невиност, односно никој не е виновен доколку не се докаже спротивното. Во овој пример, гаранциите се во насока на балансирање меѓу она што е од јавен интерес (судската постапка, инволвирани правни субјекти, поврзаноста на субјектите итн.), она што може да задира во високи јавни интереси заради заштитени државни интереси и спроведување на правдата, но никако не смее новинарското известување да претполага пресуда пред тоа да биде утврдено со правосилна судска пресуда. Во таа насока, новинарите мора да се залагаат за објавување на помал обем на податоци со кои би дошло до целосно идентификување на жртвите/извршителите и да се пристапи кон минимизација на личните податоци.

Освен новинарските текстови, тука се и фотографиите, но и видео снимките. Еден таков случај, лицата за кои веќе во текстот имаше доволно информации за нивната здравствена состојба, беа препознатливи и можеше да се направи физичко идентификување. Анонимизација на видео материјалот е техничка мерка која мора да се направи, во спротивно станува збор за прекршување на правото на заштита на податоци и правото на приватност.

Уште еден пример каде правото на приватност е прекршено, е објавата на фотографија, сликана на јавно место, на која физички може да се идентификува одредено лице, но не може да се поврза со насловот („Лето, сонце, забава на плажи“ ), ниту, пак, со содржината на новинарскиот текст. Овде има неколку прекршувања:

  • Преземање на фотографија без согласност од субјектот, кој не е јавна личност, ниту задира во општествениот живот од висок јавен интерес
  • Преземање на податоци, односно реобјава на податоци (фотографија од интернет, од друг портал) без негова/нејзина согласност
  • Неизвршена анонимизација на фотографијата.

 

Иако се работи за фотографирање на јавно место, сепак можноста да се идентификува за кое лице станува збор и ставањето во одреден контекст и тоа како ја нарушува приватноста и угледот на споменатото лице.

Истите стандарди важат дури и кога има ситуации на преземање фотографии од социјалните мрежи. Балансот со јавниот интерес и правото на јавноста да знае и да прима информации не смее да биде злоупотребено во насока на тоа, медиумот да презема и објавува лични фотографии од личен профил на Фејсбук.

Правото на приватност некогаш може да биде прекршено и за оние кои не се главна цел на новинарскиот напис, туку се дел од објавената информација (случајно или намерно). Праксата во однос на проценката за прекршување на член 7 покажа дека медиумите ретко, речиси никогаш, не прават проценка на влијание на нарушување на приватноста на останатите кои се дел од текстот, видеото или фотографијата. Овој случај конкретно ја имаше ситуацијата кога е прикажана фотографија со сите вработени на Универзитетот, иако текстот беше насочен само кон носителот на јавната функција, ректорот.

Во оваа насока, а и во контекст на горенаведените случаи, мора да се разбере дека правото на приватност е неприкосновено право, уставно загарантирано за секој поединец. Но, иако интересот на поединецот и на јавноста се секогаш во корелација со правото на јавноста да знае и се во постојана конкуренција, сепак новинарот е должен да го почитува правото на приватност на субјектите за кои пишува и за оние кои индиректно би можеле да бидат загрозени. Неспорно и недвојбено, мора да прави проценка на влијанието, тест на штетноста и целите на јавниот интерес, а не да се раководи од тоа што би било интересно за јавноста.

Автор: м-р Лилјана Пецова – Илиеска, член на Комисијата за жалби на СЕММ

 

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).