Социјалните мрежи извори на вести, но и на неетичност

Се чита за 4 мин.

coveri sm

Социјалните мрежи полека го заземаат медиумскиот простор. Младите сè повеќе се информираат од нив. Ширењето на вести од овие мрежи ја шири и неетичноста. Многу медиуми „препишуваат“ од нив. Сè и сешто. И квалитет и ѓубре. Земјите преземаат напори медиумски да го описменат населението. Но, губат здив зашто не можат да го добијат натпреварот со непрофесионализмот што извира од социјалните мрежи.

Една анкета на Институтот за дигитални студии на Ројтерс, направена да се види како се известува на социјалните мрежи за коронавирусот, покажува дека користењето на Инстаграм за вести е двојно поголемо во споредба со 2018 година. Се очекува наскоро да го надмине Твитер. Според анкетата, овој тренд е најприсутен кај младите. Се наведува дека речиси четвртина Британци меѓу 18 и 24 години го користат Инстаграм како извор за вести за коронавирусот. Но, истовремено, како извор на информации на социјалните мрежи најмалку им се верува. Им веруваат околу 26 проценти од испитаниците. За разлика од нив, околу 59 проценти од испитаниците им веруваат на националните влади и на „старите“ медиуми кога станува збор за вести за коронавирусот.


Во САД се отвори „војна“ меѓу претседателот Доналд Трамп и сооцијалните мрежи, кои ги „цензурираат“ неговите пораки, поради постоење говор на омраза, дискриминација и др. Преземањето на пораките на Трамп од медиуми, без критички приод кон нив, веќе зборува за нарушување на етички стандарди. Социјалните мрежи на тој начин стануваат уредници, што значи и за нив можеби ќе важат истите правила на однесување кон содржините, како и за традиционалните медиуми. Но, тоа е посебна тема.

И медиумите кај нас не се имуни на преземањето на информации од социјалните мрежи. Но, притоа се прават по неколку прекршувања на Кодексот на новинарите. Самото преземање содржини од социјалните мрежи не се третира во Кодексот. Понекогаш се санкционира како плагијат. Но, многу повеќе се санкционираат случаите на ширење невистини, коментирање на таквите содржини, дискриминацијата и говорот на омраза, нарушување на приватноста...

mirce f1 1Вести поврзани директно или индиректно со коронавирусот кај нас се преземаат без око да му трепне на медиумот. Комисијата доби претставка за текст без автор чија содржина се базира единствено на документ/инфографик, наводно објавен на социјалните мрежи, а кој го прикажува процентот на граѓани според етничката припадност кои добиле владини ваучери за помош поради коронавирусот. Текстот е од јавен интерес, но не и на начинот на кој е обработена информацијата. Со оглед дека социјалните мрежи се чест извор на лажни и непроверени вести, авторот на текстот морал да ја провери веродостојноста на инфографикот од „релевантен извор“, во случајов, од Владата. Ова уште повеќе што во самата содржина се наведува дека документот потекнува од владината електронска дата база, но без да се обезбеди каква било официјална потврда за тоа. Комисијата утврди нарушување на два члена (1 и 10) од Кодексот.

Новинарскиот производ е едностран, а начинот на кој е обработен нуди готови заклучоци и судови, кои лесно можат да предизвикаат негативни ефекти, дури и подгревање на меѓуетнички тензии. Затоа, во отсуство на официјална потврда на информацијата, авторот морал да изрази резерва, воздржаност и сомнеж кон изворот на документот. „Близу две третини или 64% од добитниците на владините ваучери за помош поради коронавирусот се етнички Албанци, ова го покажува докуменот кој се појави на социјалните мрежи, а потекнува од владината електронска дата база“, вели непознатиот автор. А, потоа тврди: „Според изворот на инфографиката, со овој план се прави обид за изборен поткуп преку идентификација на гласачи кои за возврат за добиен ваучер ќе го дадат својот глас за СДСМ“.

На една телевизија имаше издание на емисија посветено на модата. Водителот јавно го коментираше изгледот и начинот на облекување на повеќе девојки, вклучувајќи и некои кои поднесоа жалби до Комисијата за жалби при СЕММ. Авторот на емисијата користеше фотографии преземени од нивните профили на Фејсбук или Инстаграм, а потоа коментира, честопати со потсмев.

Медиумот ги отфрли сите наводи на жалителките, вклучително и за нарушување на приватноста. Велат дека фотографиите, кои се предмет на коментар на водителот, се преземени од Инстаграм и оти правилата на социјалните мрежи налагале дека, со објавувањето на приватните фотографии, жалителката прифатила тие да станат јавна информација која може секој да ја види. Во еден одговор се вели: „Со тоа, жалителката потврдила дека разбира и се согласува дека (Фејсбук и Инстаграм) се платформи за објавување на содржини, вклучувајќи фотографии, коментари и други материјали, кои јавно ги споделуваат овие содржини и дека другите корисници можат да бараат, да гледаат, да користат или да споделат некоја од нејзините кориснички содржини“, појаснуваа од телевизијата.

Комисијата констатира дека авторот воопшто не добил дозвола за објавување на фотографиите од засегнатите страни, ниту, пак, ги контактирал да побара дозвола, што била негова професионална должност. Комисијата најде дека со таквата постапка е нарушен Законот за заштита на личните податоци, во кој се вели дека обработката на личните податоци може да се врши по претходно добиена согласност на субјектот на лични податоци. А, и фотографиите се сметаат за личен податок. Комисијата, воедно, утврди и дека личниот живот на жалителките, кои не се ниту избрани, ниту именувани функционери, ниту политички личности, не може да се смета за јавен интерес за да преовладува над приватниот интерес, кој е заштитен со чл.4-а од истиот Закон. Оттука, беше донесена одлука за нарушување на неколку членови (7 и 16) на Кодексот на новинарите.

Може ли во информација од две реченици да се наруши Кодексот? Кога се преземаат информации од социјалните мрежи сè е можно. До Комисијата за жалби беше доставена претставка за неточна информација, непроверена и фалсификувани документи. Како и кај многу други преземања на информации од социјалните мрежи, и овде текстот е без автор. Медиумот-портал текстот го базира единствено на објава на корисник на социјалната мрежа Твитер, кој објавил документи од набавка, кои наводно потврдуваат дека државен секретар на МВР нарачал два мобилни телефона „Ајфон“. Несомнено е дека јавните функционери треба да подлежат под силен јавен надзор и не смеат да бидат изземени од теми за кои јавноста има право да биде информирана. Затоа, текстот произлегува од јавниот интерес, но не на начинот на кој е обработена информацијата. Новинарскиот производ е едностран, зашто авторот воопшто не се потрудил да обезбеди целосно објективна и проверена информација и да ги согледа сите значајни аспекти на темата за која се говори. Во содржината е изоставено основното новинарско правило да се побара став од засегнатите страни. Згора на тоа, објавата во социјалните мрежи се користи и за политичка пресметка. Тоа е видно од цитатот: „Откако во провладините медиуми беше објавена лажна вест дека министерот за внатрешни работи набавил „Ајфон“ мобилни телефони, што излезе дека е целосна дезинформација за политички цели, на социјалните мрежи излезе дека такви набавки прави кадар на СДСМ и на техничкиот премиер“ Комисијата и овде утврди нарушувања на Кодексот (член1).

Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ

 

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).