Новинарството во политичко - партиска недистанца

Се чита за 5 мин.

clen 14 cover

Појавата на голем број медиуми кои се поврзани со политички субјекти ја потврдува тезата дека тие, првенствено, се средство за постигнување политички цели и артикулирање политички интереси. Кај комерцијални телевизии и голем број портали постои извесна тивка, а во дел и јавна благонаклонетост кон одредени политички опции.

Преку својата работа, СЕММ се залага за заштита на независноста на медиумите, истовремено потсетувајќи ги на големата одговорност што ја имаат во заштитата и исполнувањето на јавниот интерес.

Што пропишува Кодексот на новинарите?

Саморегулаторен акт во земјата е Кодексот на Здружението на новинарите. Во него, во делот за Принципите на однесување, се истакнува:

 „Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и да го спречат искривувањето на вестите. Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот“.

 

Сега, кога се наоѓаме во изборен период, мошне е важно да се знае како треба медиумот да се постави во однос на политиката и влијанието на политичките партии. Во членот 14 на Кодексот се вели:

„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти“.

 

Во Прирачникот за етика во новинарството се нагласува дека медиумите имаат обврска критички да ги следат политичките процеси, што самото по себе подразбира дека тие мора да постават граница или дистанца во комуникацијата со политичките субјекти и да оневозможат какво било нивно влијание. Исто така, се нагласува и дека постои суштинска разлика и неспоивост меѓу новинарската професија и политичката пропаганда и, во таа смисла, новинарите се обврзани да прават јасна разлика меѓу новинарското известување и политичката пропаганда и односи со јавноста на политичките партии.

Во завршните одредби на Кодексот на Здружението на новинарите се истакнува и дека: „...новинарите ќе го прифатат судот во однос на професијата само од своите колеги и ќе бидат надвор од политичко и друго влијание“. 

Но, во практиката вестите на одредени медиуми често, од содржински аспект, личат едни на други. Пропагандистички текстови, со слична содржина, можат да се следат во многу портали, кои ја поддржуваат власта или, пак, опозицијата.

Одлуки на Комисијата за жалби

Комисијата за жалби при Советот за етика на медиумите често решавала за предмети во кои се констатира дека е прекршен Кодексот на новинарите, по основа на политичка неизбалансираност. До Комисијата стигнале голем број на жалби на граѓани или политичари кои се жалат на медиуми што известувале еднострано или, пак, неосновано навредувале или обвинувале политичари или новинари.

seferВо периодот од 2014 до 2017, статистичкиот преглед на Советот за етика во медиумите  покажува дека од 175 донесени одлуки 32 се однесуваат на прекршувањето на членот 14, односно за пристрасно и неизбалансирано известување за политичките и изборните процеси. Најчести подносители на жалби се политичките партии или политичари, односно носители на јавни функции. Најчести прекршители во медиумската сфера се онлајн-медиумите, потоа следуваат телевизиите и весниците.

Статистичките прегледи за 2018 и за 2019 година потврдуваат дека не е усвоена жалба во која некоја странка се жали по основ на политичка неизбалансираност и како резултат на ова констатирано е дека медиумите во земјата во овој двегодишен период не го прекршиле членот 14. Ова се должи и на фактот дека Комисијата во неколку наврати расправала за овој член и заклучила дека членот се однесува конкретно на политичка неутралност (со посебно нагласување во предизборниот период и денот на изборите) и прекршувањата во одредени медиумски текстови ги констатирала по основ на други членови. Освен тоа станува збор и за период во кој немало избори, кога се случуваат најмногу нарушувања на членот 14.

Комисијата за жалби при СЕММ кога постоела фактичка состојба донела и одлуки за прекршување на членот 14. Во 2020 е забележано дека овој член е прекршен од страна на одредени медиуми кои пишувале дека две министерства за четири дена среде криза (пандемијата на вирусот Ковид 19) потрошиле 2,5 милиони денари за патување во странство. Комисијата во оспорениот текст препозна елементи со политичка заднина, кои се косат со начелата од членот 14 од Кодексот на новинарите. Ваквото прекршување е забележително во следните неколку реченици од текстот: „Според листата институциите потрошиле 50.053 евра во период кога лидерот на партијата на власт, Зоран Заев предлага кратење на платите на администрацијата поради кризата во која се наоѓа земјата со корона вирусот... Повторно на врвот е Министерството предводено од Димитров – 1.100.058 денари, а потоа Одбрана на Шекеринска со 361.183 денари. За ова вечерва во своето гостување во МТВ зборуваше и лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.“

Решенија за надминување на политичката контрола врз медиумите

За жал, не само комерцијалните медиуми (традиционални или нови/ онлајн), туку и јавниот радиодифузен сервис често не ги почитува професионалните стандарди, кои пропишуваат дека професионалното новинарство мора критички да ги следи политиките на власта и да обезбеди рамнотежа во известувањето за различните политички актери и групации.

Декларативно имавме заложби од власта дека приоритет ќе ѝ бидат реформите во медиумите (укинувањето на радиодифузната такса, иако има дилеми за таквиот чекор, укинувањето на владините реклами, кои ги „корумпираа“ дел од медиумите, новите законски решенија за реформи во јавниот радиодифузен сервис и Агенцијата за медиуми), со тоа што формално - правно се обезбедува транспарентен процес за избор на новите членови на Советот на МРТ и на Советот на Агенцијата на медиуми како регулаторно тело. Покрај дијалогот со медиумите и граѓанскиот сектор, покрај фактот што се земени предвид барањата на ЗНМ и медиумската заедница, сведоци сме дека реформите тешко се реализираа во мандатот на владината коалиција (2017 - 2020). Се уште имаме јавен сервис кој функционира како државен медиум, кој многу малку е отворен форум за различни општествени групации и кој се задоволува со површно известување, редовно пренесувајќи го дневниот развој на настаните. Имено, јавниот сервис како врвен приоритет треба да го има јавниот интерес, а не да биде само трансмитер, односно продолжена рака на политиката.

Темите и актерите кои се дел од информативните изданија покажуваат дека доминира политиката и политичарите, а во доволен процент се застапени изјави и протоколарни билатерални средби, во кои има сувопарен дипломатски речник, наместо истиот информативен простор да се надополни со третирање на теми од јавен интерес. Без разлика што власта се смени, медиумите не успеваа да стануваат портпароли на јавноста или самите да покренуваат јавни прашања, туку продолжуваат да бидат ако не директни гласноговорници на власта, на политиката сигурно.

Секако, ова се должи на фактот што политичкиот систем сè уште е надреден над медиумскиот, а авторитетите имаат големо влијание врз уредувачката политика на телевизиите. Затоа во Прирачникот за новинарство од јавен интерес, чиј издавач е Високата школа за новинарство и односи со јавноста и Институтот за комуникациски студиии се истакнува „Неретко, разни субјекти во општеството, државните институции и политичките партии им забележуваат на медиумите објавување, односно необјавување на некоја информација. Притоа се истакнува дека, „медиумите останале неми“ за некој настан или акција. Забораваат дека медиумите не се ниту гласило на државните институции, ниту портпароли на партиите. Улогата на медиумите не е да информираат за сето она за што некој проценил дека би требало да се информира. Улогата на медиумите е да ја информираат јавноста за прашања од јавен интерес, за она што е од интерес и што влијае врз животот на повеќето граѓани. За да му служат на единствениот етички прифатлив господар – јавниот интерес, медиумите мора да се занимаваат со сите важни прашања во општеството и да отворат простор за различни коментари и мислења на публиката“.

Што може да биде гарант за уредувачката независност на медиумите, односно таа да биде на повисоко професионално ниво? Секако дека во оваа насока голем придонес може да даде саморегулацијата. Таа има за цел да ги поставува и да ги брани принципите на етичкото, точното, објективното новинарство кое ги почитува човековите права, при што целосно се запазува слободата на уредувачката политика што и како ќе биде презентирано од страна на медиумот. Одговорното и етичко новинарство никогаш не е резултат само на законски решенија и државни прописи, туку на доброволно почитување на кодексот, кој е создаден од самата медиумска заедница. Само целосно слободни медиуми можат да бидат целосно одговорни и политички неутрални.

Автор: Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби при СЕММ

 

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).