Светоста на „втора страна“, исклучоци и разумно време за одговор

Се чита за 6 мин.

coveri tbt

Обезбедување „втора страна“ во новинарството е базичната новинарска техника која овозможува да се исполни основниот новинарски принцип – потрага за вистината и нејзино пласирање преку медиумите во различен тип производи. Овој базичен принцип е од „памтивека“ и тој е кодифициран и од Меѓународната федерација на новинари, од Здружението на новинари на Македонија, а е методолошка единица која се изучува во сите школи за новинарство, од почетни курсеви до дипломски и постдипломски студии.

Тоа значи дека секој новинарски продукт, со мали исклучоци, за да биде професионално добро обработен и да ги исполни етичките норми на професијата, мора во себе да содржи „втора страна“, односно информацијата што се пласира во која било форма, треба да има најмалку два извора за да може да се цени нејзината веродостојност.

Различни школи варираат од бројката два или три, независни еден од друг, извори, но во секој случај минимумот под кој не може да се оди е два извора. Од овие причини, во Кодексот на новинарите на Македонија, во основниот член 1 е употребена формулација која упатува на тоа дека информацијата треба да се провери од што е можно повеќе извори, иако самата реченица е малку несреќно составена: „Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“[1].

Генерално, колку повеќе независни/различни извори има во информацијата, тогаш веродостојноста е процентуално уште поголема, кредибилноста расте, а со тоа новинарот или медиумот можат да кажат дека својата работа ја извршиле по сите новинарски професионални правила и етички стандарди.

Нема оправдување за отсуство на „втора страна“

Информациите, особено оние од јавен карактер, се јавно добро и основно човеково право. Тие се запишани и во Универзалната декларација на човековите права (чл. 19) на ООН и во Европската конвенција за човекови права (член 10) и во Уставот на РСМ (член 16), како и во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Претпоставка е дека сè што работат новинарите работат поради задоволување на јавниот интерес, па оттука и овие широки гаранции. Но, дури и ако работат за интересот на јавноста, што е драстично потесна и многу различна категорија од јавниот интерес (без намера да ја квалификуваме како помалку вредна), дури и тогаш, мора да биде обезбедена втора страна, односно информацијата да биде потврдена или демантирана од други извори. (Тука, пред сè, се мисли на текстовите во медиумите кои се сместени или припаѓаат на рубрики како што се естрада, стил, здравје и убавина итн.)

Исклучоци

Единствени исклучоци од ова правило се релативно малку. Такви се три.

Првиот исклучок - ако новинарот е сведок на некој настан – земјотрес, пожар, поплава, сообраќајна незгода, големо нарушување на јавниот ред и мир (тепачки, убиства, итн.), дозволено му е веднаш да ја извести јавноста со збор, фотографија или други аудио-визуелни техники за настанот. Тој треба да посведочи лично дека е основен извор на информацијата, дека тоа се случува пред него додека известува/известил. Притоа, мора да нагласи, што е многу важно, дека тоа што го гледа или што го пласира преку фотографија, видео или звук е максимално објективна перцепција од позицијата во која се наоѓа. Во такви случаи не смее претерано да се впушта во сопствени проценки („урнати се сто згради“, „гори цела планина со 1000 хектари површина“, „има многу загинати и повредени“, итн.). И НАЈВАЖНО: После ваквото пласирање на информацијата во јавноста, новинарот/медиумот се должни ДА НАГЛАСАТ дека веднаш ќе бараат „втора страна“, односно дополнителни информации од релевантни извори – службени лица, институции!

Комисијата за жалби при СЕММ минатата година имаше ваков случај, кога при јавни немири беше пласирана неточна информација од медиум, но вината во овој случај ја сноси и „втората страна“, кога не одговорила на прашањата на новинарот.

Вториот исклучок повторно е врзан со брзината на пласирање на информацијата, која е многу важна за јавниот интерес, но новинарот/медиумот имаат време и веднаш се јавиле кај носителите на информацијата да ја проверат, но не добиле никаков одговор. Пример – новинарот гледа помала или поголема група мигранти како се движат по локален пат, железничка пруга или влегуваат во цивилно возило – кола, комбе, камион... Или пример, сведоци се на група неидентификувани лица во униформи или без, но видливо вооружени со оружје кое не е спортско-ловечко (автоматски пушки)...

Во вакви случаи кога новинарот побарал информација, но не добил никаков или добил неупотреблив одговор, етички гледано, може да ја објави информацијата. Новинарот и медиумот се убедени дека информацијата што ќе ја пласираат е во јавен интерес. Но, и тука важи правилото споменато погоре – јавноста мора да биде известена дека тоа е првичната информација за која сведок е новинарот, дека е направен обид да се потврди информацијата, но дека во тоа не се успеало и дека и натаму ќе се инсистира на обезбедување „втора страна“.

Третиот исклучок е поспецифичен од претходните. Станува збор за намерно игнорирање или недавање одговори поставени од новинарите/медиумите. Пример, новинарот според свои сознанија или информиран од основен извор, истражува некоја тема, ден/два, но најчесто подолго време, недела, две, месец.... Бара одговори од институциите за да ги потврди, демантира или појасни сознанијата што ги добил од основниот извор. Ги употребува сите можни пристапи – усно, писмено и на крај, постапува по одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Ништо од ова не дава резултат. Во тој случај, новинарот/медиумот, може и треба да ги пласираат сите сознанија што ги имаат. Но, и тука важи правилото да се нагласи дека е пробано еднаш или повеќе пати да се обезбеди „втора страна“ и, не помалку важно, да се нагласи дека новинарот/медиумот ги чува доказите за обидите да дојде до втората страна!

Всушност, кај исклучоците од правилото за втора страна, два и три во овој текст, задолжително е да се чуваат докази дека е направен обид за обезбедување втора страна.

„Разумното време за одговор“ мора да се почитува

При користење на етичкиот и професионалниот стандард „втора страна“ има една специфика што се забележува кај дел од новинарите и медиумите, која се повторува одвреме-навреме и која укажува на погрешно постапување. Станува збор за „разумното време за одговор“. Можеби ова да се чини претенциозно што е ставено во наводници, но праксата покажува дека овој термин треба да влезе во обработка и во теоријата и во практиката на доброто новинарство.

Терминот подразбира дека новинарот секогаш мора да го има предвид времето што и е потребно на „втората страна“ да ја достави информацијата. Ова е поврзано и со исклучоците споменати погоре, но и со правилото дека брзината на објавување на информацијата не е оправдување за нејзината неточност, односно вистинитост. Притоа, има два аспекта на „разумното време за одговор“, кога станува збор за дневното новинарство и за поекстензивното, периодично, ако станува збор за осврти, анализи или класични истражувачки текстови.

teo blazevski 2Во дневното новинарство се подразбира дека изворот на информации кој припаѓа на т.н. „втора страна“ би требало да е достапен и секогаш и во секое време да обезбеди брз одговор на прашањето на новинарот. Тоа е поврзано и со пасивната и со активната транспарентност на институциите, а е влезено и во еден член од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Но, сепак, тоа не значи дека ако новинарот завртел на телефон, да речеме кај портпарол или друго јавно или приватно лице за да ја обезбеди „втората страна“ и ако не му се одговори веднаш на повикот или не добие одговор веднаш, туку „чекајте да проверам, па ќе ви јавам“, дека со тоа е завршена работата. Новинарот мора да претпостави разни ситуации – од тоа дека не му одговориле на телефонскиот повик затоа што лицето е објективно недостапно во моментот, што не значи дека за час-два ќе биде недостапно или, пак, дека едноставно можеби е физички спречено да одговори. При вакви ситуации, новинарот е ДОЛЖЕН да му отстапи „разумно време“ на изворот од „втората страна“ за да ја добие бараната информација.

Еве еден претпоставен пример. На утрински колегиум или во договор со уредникот, новинарот треба да направи краток прилог/текст за ТВ, портал или за весник, за впечатокот дека е зголемен бројот на загинати и повредени мотоциклисти и други учесници во сообраќајот со почеток на летото. Тој се обраќа на „втората страна“, во случајов, портпарол на МВР. Новинарот треба да има знаење/разбирање дека портпаролот мора да провери во соодветниот сектор, па да провери со службите за аналитика дали имаат статистики од последниот месец, дали тоа може да се спореди со статистиката од истиот период во претходните години и слично. За сето тоа можеби ќе бидат потребни повеќе часови, до крај на работното време во институцијата. Можеби ќе го добие одговорот, а можеби ќе му биде кажано, „ни треба време до утре“.

Е-пошта во недела навечер

Вториот пример, кога станува збор за аналитички или истражувачки текст, е директно инспириран од случај што го имаше Комисијата за жалби при СЕММ, не многу одамна. Прекрасен истражувачки текст посветен на сензитивна материја што се однесува на безбедноста на земјата, преполн со податоци и извори од една страна, кои се чинеа веродостојни, не ја поседуваше втората страна, односно човекот за кој се пишуваше со име и презиме. Но, новинарот нагласил дека ја побарал втората страна и немало одговор.

Произлезе дека е точно дека новинарот ја побарал втората страна. Но, барањето упатено по е-пошта било во недела на крај на денот, а текстот беше објавен во понеделник малку после пладне. Притоа, во обраќањето до втората страна беа поставени повеќе сложени прашања, за кои на втората страна, за кредибилно да го поткрепи својот одговор ѝ требало време (собирање документи, фото-копии и слично, а да не зборуваме дека не мора секој во недела навечер да си го проверува своето електронско сандаче).

Впечаток е дека во вакви типови на барање на „втора страна“, каков што е првиот пример со дневното новинарство или вториот, намерно или ненамерно, се прават повреди на професионалните и етичките стандарди и не се води сметка за прашањето што го дефиниравме како почитување на „разумно време за одговор“, што е, пак, многу битен аспект за да може целосно да се испочитува основното правило во новинарството, дефинирано и во нашиот Кодекс во првиот член – информацијата треба да содржи и „втора страна“.

Автор: Теофил Блажевски, член на Комисијата за жалби при СЕММ

[1] ЗНМ – 2001 – Кодекс на новинарите на Македонија – Член 1 – (достапно на https://znm.org.mk/kodeks-na-novinarite-na-makedonija/)

 

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).