Медиуми крадци!

cover clen 12

„Објавив вест по добиен одговор од Министерството за здравство даден за мојата редакција. Веста ја украде друг портал не наведувајќи го изворот, а по него и трет, повикувајќи се на крадецот како извор. Толку од авторството во македонското новинарство...“ Изјавава од една наша новинарка, искажана неодамна, го отсликува македонското медиумско небо. На него сè повеќе се исцртани медиуми-крадци. И тоа во серии.

Во зборникот „Одговорно и професионално новинарство“ стои дека  „Препишувањето и кражбите при известувањето во медиумите за јавно информирање е проблем откако постојат медиумите...“ Не знаеме како било пред сто години, но како е кај нас денес е јасно како ден. Новите технологии си го прават своето, па онлајн медиумите, најчесто со два клика (copy–paste), преземаат-крадат и објавуваат вести, текстови, фотографии... Академските сфери тоа го викаат плагијаторство. За него има многу дефиниции. Еве една:

„Недозволеното присвојување на туѓа интелектуална сопственост, односно секое користење на туѓи идеи, мислења или теории, било буквално, било парафразирано, во кое не се наведува авторот, односно изворот на информацијата“.


Некои од македонските медиуми се соочија со големо изненадување кога добија тужби за украдена фотографија. Авторот бил од Белград. Еден од сопствениците на медиум лично ми кажа дека веднаш, уште на првото рочиште во судот, ја признал вината. Сè со цел да не се трупаат судски трошоци, кои со одолговлекување на процесот би станале поголеми од казната што би ја добиле за украдената фотографија. И нашите фоторепортери се обединија во напорите да се обезбеди почитување на нивниот труд и авторство. Според еден од нив, денес, објективно крадењето сè уште е присутно, но е многу намалено. Инаку, заштитата на авторското право е регулирана со закон. Што значи дека има права, има обврски, но и казни за нарушено право. Потребно е само доследно спроведување на законот.

Советот за етика на медиумите во Македонија е саморегулаторно тело кое се обидува преку одлуките на Комисијата за жалби да придонесе во ставањето ред во оваа област. Казните се морални. Но, на ниту еден медиум, колку и да се однесува игнорантски, не му е сеедно да биде ставен во списокот на нарушувачи на професионализмот и етиката. Тоа го потврдува и практиката од работата на Комисијата.

Комисијата за жалби во својата работа се води од Кодексот на новинарите на Македонија. На кражбата на авторски текстови и фотографии е посветен членот 12 од Кодексот. Тој гласи: „Плагијаторството е неприфатливо. Цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот“. Во насоките за негова примена стои дека: „непочитувањето на авторските права  се смета за грубо кршење на етичките правила“. Исто така, се нагласува дека при преземање или парафразирање на информации, авторско дело или истражување мора да биде наведен изворот, зашто, во спротивно, станува збор за плагијатор, а не новинар.


Еден жалител од Охрид поднесе до Комисијата за жалби претставка против пет портали одеднаш. Тој на својот Фејсбук профил објавил слика/запис. И сите пет портали ја презеле содржината од профилот без да побараат согласност од подносителот на жалбата. Ниту, пак, не го навеле авторот на записот, иако на самата слика бил вметнат негов воден жиг, кој треба да сведочи за авторството на жалителот. Сите пет медиуми не ја ни промениле содржината на објавата. Четири медиуми не одговорија на претставката, што значи дека се свесни дека го нарушиле авторското право. Петтиот медиум, во меѓувреме, му се извини на жалителот и го објави авторството. Комисијата утврди дека медиумите присвоиле туѓа содржина и ја претставиле како своја, независно што била објавена на социјална мрежа. Обврска на медиумот било да побара дозвола од жалителот за да ја преземе сликата/ записот или барем да го наведе нејзиниот сопственик.

mirce f1 1Комисијата, во својата работа, често пати не наоѓа нарушувања кои ги посочил жалителот. Но, затоа, пак, утврдува дека има нарушено принципи кои тој не ги навел. Така институција од Скопје се жалеше дека во објавен текст во портал се содржи неточно и нефер известување и е нарушен принципот на пресумпција на невиност и заштита на сведоци. Според подносителот на жалбата, насловот на текстот не соодветствува со неговата содржина. „Имено, насловот погрешно ја информира јавноста за тоа што го изјавил сведокот на рочиштето, односно неговата изјава е извадена од контекст, а со цел да послужи за поголема читаност на веста, објавена на медиумот“, посочуваа од институцијата. Комисијата, разгледувајќи го текстот, барајќи ги нарушените принципи нагласени од подносителот на претставката утврди и дека оспорениот текст е целосно преземен од друг медиум, од веб-страницата на една телевизија, без притоа воопшто да се наведе изворот од каде што е преземена информацијата.

Во практиката на Комисијата за жалби се среќаваме и со медиуми-портали на кои око не им трепнува да украдат текстови. Можеби во некоја натамошна студија би можело да се анализира и кои медиуми се најчести нарушувачи на членот 12. Ќе биде интересно да се види дека има медиуми претплатени на крадење авторски текстови. До Комисијата во рок од една недела дојдоа две претставки од еден печатен медиум. Се жалеа дека портал им ги краде содржините. Станува збор за колумни од долгогодишен надворешен соработник.  „Имајќи предвид дека ова не е прв пат да се преземаат наши текстови без да се наведе изворот, бараме да се преземат соодветни мерки против сопствениците и уредниците на порталот“, се вели во поднесената претставка. И се додава дека со тоа на весникот му се прави сериозна штета и се доведуваат во заблуда читателите.

Комисијата утврди дека се работи за грубо кршење на професионалните и етички стандарди од страна на порталот на начин што комплетно презел и објавил колумни од весникот. Преземена е туѓа содржина и претставена како содржина на порталот. Дури и со фотографија од редовниот колумнист на весникот. Плагијаторство и невешт начин да се манипулира со читателите.

Инаку, весникот има свои правила за преземање на текстови кои се јасно назначени и во неговиот портал. Но тие очигледно не важат за крадецот-плагијатор. Нему очигледно не му беше сеедно за одлуката на Комисијата. Жалбата вроди со успех. Порталот веќе не презема колумни од весникот.

Кон крајот на минатата година Комисијата за жалби беше сведок на користење на плагијаторството во производство на чист сензационализам и грубо дезинформирање на јавноста. Во добиената претставка се велеше дека портал презел текст од друг портал, стар три години! Комисијата утврди дека крадците на текстови малку го измениле насловот и текстот го пласираат како сосема нова содржина! Ниту буква не е сменета во стариот текст. На тој начин се прави грубо кршење на професионалните и етички стандарди и тенденциозен обид за заведување на јавноста.

Ова уште повеќе што се работи за исклучително сензитивен и чувствителен текст, чие непромислено реобјавување може да предизвика негативни ефекти и да влијае врз чувствата на членовите на семејството, чиј социјален статус бил тема на обработка на текстот пред три години. Оттука, Комисијата најде дека со објавувањето на текстот прекршен е членот 12 од Кодексот на новинарите.

Инаку, подносителот на претставката, меѓу другото, посочи дека по јавната реакција на нивниот портал, интернет-порталот кој го направил плагијатот, го отстранил текстот, но дека содржината и натаму била активна на еден агрегатор. Што отвора нова тема за расправа. Агрегаторите како соучесници во плагијаторството.

Ќе беше убаво колешката спомената на почетокот од текстов да се обрати до Комисијата за жалби при СЕММ. Па, да видевме како ќе реагираат плагијаторите-крадци, кога морално ќе ги осудиш затоа што не го почитуваат авторството во македонското новинарство.

Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ

 

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).