Новинарското известување во пандемијата: каде скршнавме од патот?

Се чита за 3 мин.

cover m t

Известувањето за пандемијата на коронавирусот и болеста КОВИД – 19 ги соочи медиумите со голем предизвик. Од морето информации кои се менуваа(т) од миг во миг, од нив се очекува да ги пренесат оние кои што ја даваат вистинската слика на случувањата, но и да информираат на начин што нема да поттикнуваат непотребна вознемиреност и загриженост кај јавноста. Од етичка перспектива ваквата задача е прилична комплексна. Особено во услови кога на сцена се појавуваат разновидни „гласноговорници“, дел од нив легитимни и веродостојни извори на информации, но и такви чијашто определба е ширење шпекулации, полувистини, пропагандни информации. 

Оттука, една од првите ‘жртви’ на кризата е и вистината. Некои медиуми скршнаа од патот на вистинитоста и станаа алатка за ширење полувистини, лаги и дезинформации. Бројни содржини од социјалните мрежи го најдоа својот пат во дел од медиумите, најчесто во оние од онлајн сферата, коишто не ја проверуваа нивната вистинитост и не размислуваа за последиците од објавувањето. Се заборави на основниот и најважен член од Кодексот на новинари – проверка на вистинитоста на информацијата, односно на фактите. Се потврди и дека во околности кога постои голем степен на ризик, во комбинација со традиционалната пристрасност во новинарството и потрагата по сензации и новитети, медиумското известување станува манипулативно и шпекулативно.

Граѓаните зачестено се жалат, прашувајќи се кому да му веруваат. Каде да се најдат вистинските информации? Тоа неминовно води и до прашањето - дали јавноста се подготви да се справи со ширењето на коронавирусот како резултат на информирањето на медиумите?  

Но, да видиме на што упатува статистиката. До Советот за етика во медиумите (СЕММ), како тело за медиумска саморегулација, многумина реагираа и продолжуваат да реагираат на случаите на неетичко и непрофесионално известување. Во најголем дел на едностраното и шпекулативно известување.

Од моментот на прогласување на вонредната состојба до денес, до Комисијата за жалби при СЕММ се пријавени педесетина случаи на непрофесионално и неетичко известување. Од нив, најголем дел (66 отсто од случаите) се однесуваа на известувањето околу пандемијата на коронавирусот. Прекршување на членот 1 од Кодексот на новинарите, кој се однесува на објавувањето точни и проверени информации е утврдено во 46% од пријавените случаи, додека прекршување на членот 8, односно сензационалистичко информирање е утврдено во 31% од пријавените случаи. Неспорно е дека едностраното и шпекулативното известување во вакви услови може дополнително да ја зголеми вознемиреноста и паниката и да поттикне нерационално однесување од страна на граѓаните.


Реакции следуваа и за обидите за политизирање на кризата околу коронавирусот во медиумите. Во дел од пријавените случаи до СЕММ утврдено е дека новинарите не обезбедуваат професионална дистанца од политичките субјекти, односно се прекршува член 14 од Кодексот на новинари (37%). Оттука, СЕММ укажа дека медиумите не смеат да бидат искористувани за поделба на луѓето преку различни политички пресметки, а коронавирусот не смее да биде ‘оружјето’ што ќе се користи од кои било политичари, без разлика дали станува збор за власт или опозиција, за политичко поентирање.

Ниту, пак, на медиумите треба да им се ограничи пристапот до информации. Во согласност со Насоките на Советот на Европа за заштита на слободата на изразување и информирање во услови на криза, кризната ситуација не треба да се користи како  изговор за ограничување на пристапот на јавноста до информации. Ниту една држава не треба да воведе ограничувања на слободата на медиумите над ограничувањата што ги дозволува член 10 од Европската конвенција за човекови права.

marina 1Советите за етика во медиумите имаат клучна улога во поттикнувањето на медиумите да се посветат на професионалните стандарди, да избегнуваат да шират шпекулации за вирусот, па дури и да помогнат во откривање на лагите и дезинформациите во социјалните медиуми. Сега, повеќе од кога и да е, неопходно е новинарство со интегритет, коешто ќе почива на стандардите на професионална етика, редовно и навремено ќе ја информира јавноста и ќе ги преиспитува мерките што се преземени како одговор на глобалната закана по здравјето.

Во рамки на заложбите да се поттикне значајната улога на медиумите во правилно разбирање на појавата на коронавирусот, последиците од неа и начините на ефективна превенција, СЕММ и ЗНМ публикуваа „Насоки за безбедно и етичко известување за коронавирусот“. Насоките се засноваат на препораките на меѓународни организации, како што се Poynter, First Draft, Journalist’s Resource, Open Notebook, Reframe, Светската здравствена организација (СЗО), искусни новинари, научници и експерти. Овие Насоки се наменети да им помогнат на новинарите и медиумските работници, пред сè, да се самозаштитат, но и да ги заштитат останатите околу нив, за време на извршувањето на своите работни обврски. Медиумите, освен преку етичното известување за ситуацијата со пандемијата на коронавирусот, јавноста ја едуцираат и преку својата одговорност, при што се дел од решенијата за справување со кризата.

Новинарството не треба да биде “генератор“ на страв и недоверба кај публиката, особено во моменти кога треба да владее рационалноста, добрата проценка и надежта. Во тие заложби, поддршката на саморегулацијата е единствениот сигурен начин медиумите да ги подобрат своите практики на известување, притоа заштитувајќи ја слободата на изразување и известување, без да соочат со други механизми на контрола или „судење“ за нивната работа.

Автор: Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ

 

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).