Одредени медиуми комуницираат неетички со јавноста

Се чита за 3 мин.

cover clen15

Новинарството во последните години се соочува со голема професионална и етичка криза, која се одразува преку кршењето на основните стандарди, но особено се одразува и во доменот на непочитувањето на етичките принципи во културата на говорот на медиумскиот простор.

Што пропишува Кодексот на новинарите?

Во членот 15 на Кодексот на новинарите се вели експлицитно: „Новинарот мора да ја негува културата на говорот и етиката. Неспоиво со новинарската професија е непримерната комуникација со јавноста.“

Во Прирачникот за етика во новинарството се нагласува дека овој член содржи три битни столбови, кои се исклучиво од етичка природа, без да се наруши слободата на изразувањето.

  • Новинарот мора да ги има на ум моралните стандарди на публиката на која ѝ се обраќа.
  • Новинарот не треба да користи непримерни, вознемирувачки или порнографски содржини во својата работа.
  • Овој принцип, секако, не би требало да го детерминира или ограничи на каков било начин правото на авторот да го избере својот сопствен стил на изразување, се’ додека тој не е навредлив и непримерен за публиката.

Според статистичкиот преглед на одлуки на Комисијата за жалби за 2014 - 2017 година од 175 одлуки, 16 (9.2 %) се за членот 15. Во прегледот за 2018 година од 68 одлуки, 5 (13.1 %) се за овој член, а во прегледот за 2019 година, од 83, само 9 (15 %) се за членот кој го анализираме.

Во 2020 година, заклучно со месец јуни, од 84 одлуки, 3 се за само еден портал, познат по прекршувањето на овој член.

Примери на неетичко комуницирање во медиумската сфера

Во два текста без автор, објавени кон крајот на минатата година, Комисијата за жалби при СЕММ констатираше дека се прекршени основните новинарски и етички стандарди. Станува збор за текстови со наслови: „Директорот...си ја вдоми швалеркатаи  „Директорот има швалерки..“. Кога се вакви насловите може да се претпостави содржината на текстовите. „Новинарските“ производи се тенденциозни, сензационалистички, еднострани, но и вулгарни“, беше ставот на Комисијата. Во овие текстови е направена отстапка од Кодексот не само во насловите, туку и во содржината, кои ни одблиску не се обработени новинарски, а Комисијата ги разгледува и донесува одлуки за нив поради фактот што тежнее да ја известува јавноста дека одредени медиуми работат тотално неетички.   

За двата текстови медиумот посочи дека нема намера да одговори и дека за вакви прашања постојат судови. При одлучување, Комисијата ги зеде предвид и:

- Членот 25 од Уставот, во кој се вели дека на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

- Пресудата на Европскиот суд за човекови права Вон Хановер в. Германија, 2004, 60 и Декларацијата на Комитетот на министри при Советот за Европа за слободата на политичката дебата во медиумите.

seferЕтичката криза на новинарството во дел од медиумите ја отсликува еден случај кој ни покажува дека новинарите самите свесно си го кршат Кодексот во делот на културата на говорот и етиката во јавната комуникација. Прекршувањето на членот 15 е констатирано во една емисија емитувана на 13 февруари, 2019 година, на приватна телевизија. Комисијата одлучи по жалба поднесена од страна на регулаторниот орган во медиумите, што докажува дека саморегулацијата и регулацијата, преку соработка, можат да воспоставуваат професионални и етички стандарди во медиумите. По жалбата, авторот на емисијата, се извини во самата емисија, емитувана на 12 март, 2019 година.

Почитувани, јавно извинување. По сознанијата и поплаките, кои сте ги добиле во врска со моето однесување на посочениот датум, уште еднаш изразувам жалење и давам јавно извинување до гледачот и јавноста и секој оној кој се почувствувал навреден од моите искажувања и некултурниот однос во живо во емисијата. Со должна почит кон гледачот и кон вас како институции, како и моите колеги од телевизијата, изјавувам дека сум спремен да ги сносам последиците од овој мој чин„!

Во забавно - контактната емисија, односно нејзиниот завршен дел, при вербална комуникација со еден од гледачите, авторот користи непримерен и навредлив јазик, кој содржи елементи на подбив и исмејување. Ова прекршување е нагласено во следните коментари на водителот упатени кон гледачот:

Гледач: Не, бе брат, онака од радозналост.

Водител: Не, не ја онака те прашувам. Пошто имаш тема, ама очигледно немаш, толку ти е паметот. не знаеш што да кажеш, па бараш, јас да зборам место тебе, така?

Гледач: Не, бе брат. чудно...

Водител: Не, бе брат, не сме браќа ја и ти, не, не, ти си топол брат. Јас со топли браќа, овака, на дистанца.

Водител: Јок, јок, јок. Добра плата имаш!

Гледач: А?

Водител: Дали имаш добра плата? Не се прај будала дека не ме слушаш! Не ми глуми!

Гледач: Слушај...

Водител: Затоа што си глуп! Затоа што нема што да кажеш! Оди земи од тоа винцето малце од најлон кеса - толку ти е со паметот.

Комисијата заклучи дека новинарот мора да биде свесен за последиците и ефектите на неговите зборови и мора да внимава на нивниот избор. Комсијата го поздрави извинувањето, иако тоа не ја намалува моралната одговорност, сепак, на тој начин новинарите го штитат интегритетот на медиумот, но и на професијата новинар.

Автор: Сефер Тахири, член на Комисијата за жалби на СЕММ

 

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е дел од серијалот анализи „Новинарските стандарди под лупа“, во кој медиумски професионалци пишуваат за најчестите прекршувања на Кодексот на новинарите на Македонија.

--------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Подготовката на текстот е овозможена преку проектот „Разоткривање на дезинформациите во Југоисточна Европа“, што го спроведуваат „Transition Online“ и „Мрежата на Југоисточна Европа за професионализација на медиумите (СЕЕНПМ)“, со финансиска поддршка од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy - NED).