Онлајн обука за ГО: Медиумска писменост и продукција на медиумска содржина со мобилен телефон

Се чита за 0 мин.

Што е медиумска писменост и зошто е таа важна, што претставуваат информациски нарушувања, како се создаваат претставувањата и стереотипите во медиумите беа само дел од темите на првиот дел од онлајн обуката за претставници на граѓанските организации што ја организираше Македонскиот институт за медиуми.

Учесниците имаа можност да научат и како се креира релевантна содржина со помош на мобилен телефон и нејзино прилагодување за различни социјални медиуми. Дел од темите опфаќаа и употреба на апликациите за снимање и едитирање на мобилен телефон, како и запознавање со основите на монтирање на снимениот материјал.

Делот од обуката што се однесуваше на теми поврзани со медиумската писменост го водеше Михајло Лахтов, обучувач и експерт за медиумска и информациска писменост, а Александар Манасаев, долгогодишен новинар и уредник, ги воведе учесниците во основите на создавање медиумска содржина со помош на мобилен телефон.

Обуката беше последна од серијалот обуки за медиумска писменост наменети за граѓански организации што се организираа во рамки на регионалната програма „Медиуми за граѓаните – граѓаните за медиумите: Зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за развој на МИП во земјите од Западен Балкан", со поддршка на Европската Унија.