Онлајн медиумите и промените во јавното информирање

rev cover 1

Фото: Unsplash.com


Комуникациските технологии не се неутрални кон информациите

Една од основните поставки во комуникациските науки е дека медиумот не е неутрален кон информациите што ги пренесува. Медиумите не само што ги пренесуваат пораките, тие и ги обликуваат самите информации и влијаат како тие се примаат и се толкуваат. Начинот, пак, на кој се обликуваат медиумските пораки во едно општество, значајно влијае врз тоа како го разбираме светот околу нас. 

Овој отклон од неутралноста на медиумот може да има различни облици, како на техничко, така и на човечко рамниште. Од техничка гледна точка, иста вест или информација добива различни форми и формати, на пример, во печатен весник, во телевизиски прилог или во вест објавена на некоја веб-страница. Според медиумските стручњаци, читањето весник е повеќе погодно за анализирање, промислување и критичко контемплирање за информациите што се примаат.

Од друга страна, телевизискиот прилог ја забрзува комуникацијата и ја диктира еднонасочната комуникација меѓу медиумот и гледачот, така што му остава помалку време и можност на гледачот за подлабока анализа на информациите што ги следи. Сложени теми во телевизиските прилози се „набиени“ во времетраење од две до три минути, а некогаш и помалку. Дополнително, истражувачите потврдуваат дека во ТВ-прилозите доминира визуелната страна на информацијата. На пример, прикажувањето осомничено лице со лисици на рацете во телевизиски вести, значително влијае врз ставовите и реакциите на гледачите. Ваквиот визуелен приказ ги наведува да поверуваат дека осомничениот е виновен, пред да бидат познати другите информации. Во ваков тип случаи, медиумската форма на информацијата може негативно да влијае врз презумпцијата на невиност на обвинетото лице, особено ако новинарскиот приод го експлоатира овој визуелен аспект на телевизијата како медиум. 

Во ерата на телевизијата и на визуелните медиуми за публиката станува особено важно не само што се кажува, туку и како изгледа оној што се обраќа преку медиумите. Од првата телевизиска дебата за претседателските избори во САД во 1960 година помеѓу Џон Ф. Кенеди и Ричард Никсон, во политичката комуникација расте влијанието врз гласачите не само од она што го кажуваат политичарите, туку и како го кажуваат тоа, а и како изгледаат тие. 

Овие варијации во влијанието на медиумите врз самите информации и содржини, еден Маршал Меклуан, еден од најпознатите теоретичари на медиумите, ги нарекува „латентни функции на новите технологии“. Во нив се огледа длабинското, но и дополнителното или несаканото влијание на медиумите врз комуникацијата и информациите. 

Како онлајн медиумите го менуваат јавното информирање

Под онлајн медиуми се подразбираат уреди и содржини што се достапни преку интернетот. Некои од главните придобивки во информирањето преку онлајн медиумите се: достап до голем број информации, 24-часовно објавување и ажурирање на информациите, најголем дел од информациите се бесплатни, а многу важна е и лесната достапност на информациите на различни локации преку мобилните уреди. 

Главната промена што интернетот ја носи во информирањето, пред сè, е извонредно големото количество нови информации. На големиот број телевизиски канали што им се достапни на гледачите преку локалните и сателитските оператори, за публиката дополнително стануваат достапни и огромен број онлајн извори на информации. Овој квантитативен (и квантен) скок на информациите е проследен со редица појави што влијаат врз квалитетот на информирањето. Според студијата на Универзитетот во Калифорнија - Сан Диего, дневно примаме повеќе од 34 гигабајти информации, во форма на текст, звук или слика. Во студијата се наведува дека „нашиот мозок е способен да ги прими и да ги обработи овие информации, но одредени штетни последици од ваквиот наплив не можат да се исклучат“. Овој зголемен комуникациски наплив и тенденција да консумираме што повеќе информации влијае врз тоа како ги примаме и колку квалитетно ги обработуваме информациите. 

Американскиот психијатар Едвар Халовел (Edward Hallowell), според истиот извор, наведува: „Никогаш порано во историјата на човештвото нашите мозоци не биле подложени на таква напорна работа во примањето информации. Денес имаме генерации луѓе што со часови поминуваат пред мониторите на своите компјутери, таблети и паметни телефони, и кои се толку зафатени со процесирање на овие информации, што се случува тие да почнат да ја губат способноста да мислат и да чувствуваат. Најголем дел од овие информации ги примаат површно. Луѓето го напуштаат целовитото информирање, емоционалното поврзување и врските со другите луѓе“. 

Големиот број информации го отежнува процесот на нивно поврзување во посложени целини, кои можат да ни дадат појасна слика за општествената реалност и за случувањата за кои се информираме. Денес луѓето знаат сè повеќе за сè помалку работи, а квантитетот на информациите суштински го усложнува квалитетното информирање. Ако телевизискиот прилог го забрза информирањето од десетина минути потребни за читање подетална статија во весник, на две-три минути гледање ТВ-прилог, тогаш онлајн медиумите ова време дополнително го забрзаа и го скратија времето за информирање. Читањето одредена вест онлајн, често се сведува на само неколку секунди, колку што им е потребно на корисниците да прегледаат некоја објава на интернет. 

Треба да се издвојат неколку главни причини за овие процеси. Пред сè, форматот во објавите на информациите, на пример на социјалните мрежи, има големо влијание врз тоа како се информираме за сите теми преку овие платформи. За преглед на објавите на т.н. „персонализирани фидови“ на социјалните мрежи, доволни се само неколку секунди. Истражувањата потврдуваат дека на социјалните мрежи одвојуваме приближно исто време за преглед на некој статус или фотографија, како и за читање вести. Помалку од 15-20 проценти од вестите пренесени преку социјалните мрежи се читаат целосно, во зависност од интересот на корисникот за темата на веста. Сличен комуникациски контекст за вестите опстојува и на веб-страниците каде што преовладува форматот на натрупаност на вести и линкови на почетната страница на онлајн медиумите.

Оваа квантификација и забрзување во примањето информации, комуниколозите го опишуваат како главна причина за „трансформација на симболот преку знак во сигнал“. Со други зборови, многубројните и комплексните информации се поедноставуваат и преминуваат во сигнални информации проследени со „редуциран тип предусловени реакции“ на читателите. На ваквите сигнални информации реагираме недоволно свесно и автоматски. Поедноставено кажано, замислете како се движите со голема брзина по автопат и се обидувате да ги читате написите на билборди покрај патот. Она што можете да го примите како информација е многу ограничено и предусловено од брзината со која ги проследувате пораките. 

Социјалните мрежи ја приближуваат публиката кон медиумите, но медиумите за тоа плаќаат одредена цена. Понекогаш цената е изразена во пари, кои медиумите им ги даваат на социјалните мрежи за платени објави до поголема публика, но цената за лесен достап до многубројна публика многу почесто се драстични промени во формата и содржината на вестите. Овие промени покажуваат тенденција да ги деформираат новинарските формати и стандарди. На пример, честа практика е веста да се изедначува со насловот, а целата информација што авторот сака да ја пренесе да биде дадена во насловот. Па, така, во насловите може да најдете не само проширени реченици, туку и сложени реченици и цели пасуси. Исто така, во насловот често се сместува не само веста, туку и информација за рубриката, заклучокот и коментарот на авторот (ФОТО+ВИДЕО, СКАНДАЛ, НЕМА ДА ВИ СЕ ВЕРУВА и други слични кованици).

rev 1

Вообичаена практика кај онлајн медиумите е насловот да се приспособува во своите граматички форми (како извик или во императивна форма), со цел да го привлече вниманието на читателот. Во овие појави на т.н. „кликбејтинг“ (мамење кликови) можат да се регистрираат случаи кога содржината на насловот е во спротивност со самата содржина на веста, со единствена цел да се намами читателот да ја прочита веста.

rev 2   rev 3

Онлајн медиумите ја менуваат содржината со цел да ја приспособат за објавување на интернет и за социјалните мрежи, па, на пример, ако една новинарска сторија вклучува три релевантни страни, во практиката на онлајн медиумите ова се разрешува така што нема да се вклучат трите страни во една новинарска објава, туку тие ќе се поделат на неколку објави, во кои различните страни можат, но и не мораат, да имаат свои посебни изјави и коментари. Ова на онлајн медиумите им носи поголема посета и кликови, но во суштина ги деформира и ги обесмислува новинарските формати и професионалните стандарди за тоа како се прави вест. За жал, ваквите „трикови за кликови“ ги диктираат стандардите како се пишуваат вести, само затоа што носат поголема посетеност.

Исто така, квантификацијата на информациите ја еродира авторската позиција во онлајн медиумите. Објавување на името на авторот е вистинска реткост во македонскиот онлајн простор, голем дел од содржините се копираат и се преобјавуваат, и се случува парадокс да има повеќе вести, но помалку информации. Ова бледнеење на позицијата на новинарот како автор носи низа негативни последици и отвора простор за различни манипулации и објавување политичка и економска пропаганда во форма на новинарски содржини.

Каков приод е потребен кон информирањето и онлајн медиумите?

Од наведените примери е јасно дека покрај многубројните предности, онлајн медиумите длабински го менуваат процесот на информирање, а дел од овие промени имаат изразено негативно влијание врз професионалното новинарство. Таблоидизацијата на традиционалните медиуми кај онлајн медиумите се засилува и станува норма за информирањето. Забрзувањето, визуализацијата и минимизацијата на новинарските формати име сериозни негативни последици врз практикувањето на професионалните стандарди во информирањето.

Дополнително, во истражувањето на Институтот Ресис се наведува дека „За публиката на возраст од 15-18 и од 19-29 години, карактеристично е тоа што интернетот е доминантен извор на информирање за домашните настани (85 отсто)“. Кај другите демографски групи од 30-39 и од 40-49 години, се забележува релативно балансирано информирање и од телевизијата и од интернетот, а кај третиот сегмент, испитаниците на возраст над 50 години, телевизијата е најчест извор на информирање. 

Ваквото растечко влијание на онлајн медиумите во информирањето бара соодветни приспособувања и промени не само на медиумите туку и во општеството. Oва е особено важно за земји како С Македонија каде што онлајн медиумите веќе неколку изборни циклуси се вклучени во Изборниот законик за добивање субвенции од државата во изборниот период и се заведени под терминот „електронски медиуми (интернет-портали)“.

Граѓаните, а особено младите што се наоѓаат во фаза на оформување на своите навики за информирање, немаат системска или поорганизирана поддршка во едуцирањето како правилно да се информираат преку интернет и како да се заштитат од манипулациите. Оваа проблематика е препуштена на активности во граѓанскиот сектор и на други приватни иницијативи. Сè поголемото влијание на онлајн медиумите едноставно не дозволува негово игнорирање од образовниот систем, но и од самото општество. Образованието е најдобар приод, кој во комбинација со јакнење на медиумската култура и медиумскиот професионализам, може значително да помогне во надминување на главните предизвици и проблеми во јавното информирање. Неопходен е повеќестран и инклузивен пристап за да се приспособи општеството кон овие длабински промени во медиумите, сè со цел да се утврдат новите норми и стандарди што ќе го заштитат јавниот интерес и професионализмот во информирањето.

Автор: Сеад Џигал

 

-------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).