За разликата помеѓу фактите, мислењата и убедувањата
Фактите се проверливи информации, чија точност може да се испита и да се потврди. Точноста на фактите не зависи и не може да биде порекната од ставови и од мислења што се однесуваат на самите факти. На пример, „Во Клиниката за инфективни болести во Скопје на 26 февруари 2020 година е регистриран првиот случај на коронавирусот во Македонија“ (Ф1) е фактичка информација, која може да се провери и да се потврди. Мислењето е лична или групна процена или став кон фактите.
Мислењето и ставовите произлегуваат од обидите или од потребата да се коментираат фактите, да им се даде пошироко значење и смисла на фактите, или, пак, да се изведе некој заклучок. Од горенаведената фактичка информација можат да се изведат различни мислења, ставови или заклучоци (М1: Првиот случај на коронавирусот во Македонија е брзо идентификуван поради добро организираните здравствени протоколи и превентивни мерки, М2: Македонија дозволила влез на заразени лица во земјата поради лошо организираните здравствени протоколи и превентивни мерки). Значењето на самото мислење или став зависи од начинот на кој се толкуваат фактите. За да мислењето и ставот бидат уверливи или убедливи, потребно е на читателот да му биде јасно презентирано од кое стојалиште се толкувани фактите и како се изведени заклучоците.
Убедувањето, или верувањето, пак, е широко проширен став или верување што се засновува на лична или на групна верба како дел од одредена култура, морален код или вредносен систем. За верувањата и убедувањата најчесто е тешко да се спори бидејќи тие се засновуваат на определба и верба во нешто што го сочинува личниот или групниот идентитет и култура. На пример, верувањето на скиентолозите дека животот на Земјата потекнува од вонземјанска животна форма наречена Ксену е тешко проверливо во фактографска смисла, слично како и верувањето во Индија дека кравата е свето животно.
Без да навлегуваме премногу во антрополошките и во филозофските аспекти на овие поими, важно е за потребите на оваа анализа да се каже дека улогата на медиумите денес во формирањето на мислењата, ставовите и убедувањата е исклучително важна. Огромен дел од нашите ставови се засновани на информации што ги добиваме од медиумите и ако во нив не постои правилно филтрирање на фактите од погрешните и од лажните информации, сите овие важни процеси, какви што се оформување ставови и мислења, можат сериозно да бидат поткопани и нарушени.
Медиумите ја имаат особеноста преку избирање на информациите и на содржините што ги објавуваат (т.н. „програмска рамка“ или „agenda setting“) да одредуваат и да насочуваат какви ставови и расположенија ќе преовладаат во општеството. Една од основните комуникациски теории за медиумите вели дека „Медиумите денес не можат да ви наложат ШТО да мислите, но можат многу лесно да ви наложат НА ШТО да мислите“. Така тие го условуваат, но посредно и го наложуваат, оформувањето на јавното мнение. Информациите што се сеприсутни во медиумите, по пат на повторување и условување, лесно стануваат проширено убедување или став, често и без да бидат фактички издржани. Во такви ситуации велиме дека медиумската реалност надвладеала и станала општоприфатено убедување во општеството. Овој ефект на сеприсутност на одредени информации многу е полесно да се постигне денес во ерата на онлајн медиумите. Информациите не само што лесно се пренесуваат, туку и многу лесно се реплицираат и се умножуваат на различни платформи и во различни медиуми. Токму затоа треба да се напомене дека новиот тип т.н. „копи-пејст новинарство“, каде што одредени вести автоматски се копираат и се објавуваат на голем број медиуми, има и свои подлабински медиумски ефекти. Вообичаено, тоа е креирање широко прифатени мислења само врз основа на автоматско умножување и ширење, што може да предизвика лажно убедување дека сеприсутноста на овие информации, всушност, значи дека станува збор за факти.
Кој утврдува што се факти, а што дезинформации?
Во медиумските содржини има многу информации што не е можно докрај да бидат проверени и тие мора да бидат надополнети со мислења или претпоставки. Исто така, новинарите и медиумите, поради свои лични убедувања и интереси, често ги мешаат информациите и мислењата, или ги презентираат личните ставови како информации, што доведува до нарушување на објективното, или поточно кажано, непристрасното информирање.
Во ваква ситуација се потпираме на ставовите на поединци или групи во кои имаме доверба. Довербата е клучен фактор во оформувањето на ставовите затоа што го поедноставува и го олеснува тој процес. Секако, довербата е флуктуирачки поим, т.е. довербата може да ја стекнеме или да ја загубиме во некого или во нешто зависно од нашето искуство. На пример, авторитетот на црквата во средниот век бил пресуден да преовлада убедувањето оти тврдењата на Џордано Бруно дека Земјата е топка се лага и ерес. Џордано Бруно, иако ги поседувал своите проверени факти, сепак бил соочен со отпорот на проширеното убедување дека Земјата е рамна и дека таа е центарот на универзумот. Можеме да заклучиме дека проширените убедувања често имаат потенцијал да ги надвладеат фактите. Токму затоа е многу важно како се одвива процесот на селектирање на фактите и филтрирање на информациите во медиумите, како и бирањето на тоа кои теми треба да бидат покривани од медиумите.
Вистината во една општество, најчесто, се сведува на она во што верува мнозинството. Важно е тука да се напомене дека оној кој одредува што се факти и лажни информации во едно општество, треба да ја заслужува довербата во овој процес на филтрирање на информациите. Довербата кон овие чинители во општеството подразбира одговорност и грижа за општиот и јавен интерес, бидејќи без доверба општеството не може правилно и ефикасно да функционира. На првата линија на оваа одговорност да обезбедат доверба во кредибилитетот на јавните информации се институциите на системот, стручните служби, науката, едукаторите, истражувачите, експертите, припадниците на граѓанскиот сектор кои имаат искуство и работат во различни области од јавен интерес, и секако новинарите, кои треба да бидат прв сојузник на граѓанинот во точното информирање.
Кој утврдува што се факти, а што дезинформации во Македонија?
Во подготовките за моето учество на Меѓународната конференција за општествени науки во Скопје (ICSSH2021) во текот на мај и јуни 2021 меѓу другото истражував и како јавноста во Македонија се информира за дезинформациите и за лажните вести, односно кои чинители во општеството проверуваат, утврдуваат и потврдуваат што е лажна вест или дезинформација. Исто така, во истражувањето една од клучните цели беше да се утврди дали критички и аналитички се следи овој процес на проверување на информациите и на јавното информирање за нив, кои извори се користат, и генерално дали постојат корективи како се употребуваат овие поими во јавниот дискурс и во информирањето.
Во дел од анализираните податоци за периодот од 01 мај до 8 јуни 2021 година, добиени се следните резултати:
Графикон 1: Извори за тврдења за тоа што е дезинформација или лажна вест
Во 30 отсто од објавените вести и јавни информации во медиумите во кои се тврди дека нешто е дезинформација или лажна вест, извори за овие информации се политичари. Дополнително, во 15 отсто од објавените вести, извор за тоа што е дезинформација или лажна вест се политички партии. 18 отсто од овој корпус на информации припаѓаат на јавните институции, по 6 отсто на новинарите и на невладините организации, и само 2 отсто за експертите и 1 отсто за проверувачите на факти. 21% наведени во графиконот потпаѓаат под интервенциите и маркирањето на онлајн платформите, како на пример, Фејзбук и Твитер, за тоа што е дезинформација или лажна вест.
Дополнително, во ова истражување, покрај распределбата во користењето на овие извори, беше утврдено дека во над 95 отсто од случаите овие извори се единствениот користен извор, односно нема дополнителна новинарска обработка на информациите во објавената вест. Тврдењата на овие извори дека нешто е лажна вест или дезинформација не се проверува дополнително и не се вклучува втор или трет извор што би дал дополнителни информации.
Конкретните бројки во ова истражувања варираат во зависност од општествените актуелности, на пример, дали се работи за предизборен период или не, но тенденциите се мошне јасни. Во утврдувањето на тоа што се дезинформации, најголемо влијание имаат политичките субјекти (речиси во половина од случаите), а медиумите многу слабо се посветени на проверката на овие тврдења и на нивното преиспитување. Експертите и проверувачите на факти се вклучени во само 3 отсто од вестите за дезинформациите. Овие трендови се загрижувачки и ја покажуваат тенденцијата на политичките чинители да го контролираат не само креирањето на дезинформациите за политички потреби и интереси, туку и да го преземат приматот и контролата врз тоа што се прогласува за дезинформација и лажна вест.
Главните причини за ова, секако, се недоволното професионално работење на поголемиот дел од медиумите, слабата критичка свест во јавноста и растечкото влијание на интернетот и на онлајн медиумите, каде што токму овие стандарди, на пример на вклучување повеќе релевантни извори во една вест, сè помалку се почитуваат. Општествената свест за важноста на овие процеси мора континуирано да се подобрува и неопходно е да се зголемат напорите за зајакнување на професионалноста во работата на медиумите и во почитувањето на новинарските стандарди.
Автор: Сеад Џигал
------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Текстот е подготвен во рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).