Препораки за медиумското известување на теми поврзани со родовите прашања

Се чита за 2 мин.

Медиумите имаат клучна и општествено одговорна улога во промовирањето на родовата еднаквост, во деконструкцијата на родовите стереотипи, како и во идентификувањето и превенирањето на родово базираното насилство. Различни извештаи на релевантни граѓански организации и институции со години укажуваат на недостигот од урамнотежена родова застапеност во медиумското известување во Северна Македонија, што особено стана видливо во текот на пандемијата во 2020 година.

Гласовите на жените, како и на многу маргинализирани групи, се изгубија во напливот на информации и дезинформации поврзани со пандемијата и со политичките настани, кои доминираа на медиумската агенда. Така, истражувањето на Инстотутот „Преспа“, спроведено во 2020 година, покажува дека жените во улога на експертки сочинувале помалку од 20% од вкупниот број соговорници во дебатните емисии на седумте телевизии на национално ниво, а разликата особено била видлива на теми како што се домашна и надворешна политика, економија, образование и социјални прашања или здравство.

Анализата, пак, на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, спроведена во текот на изборната кампања во 2020 година, утврдила дека во дневно-информативните емисии на седумте национални телевизии во кои биле анализирани 1.378 прилози за изборната кампања, само три се однесувале на родовата тематика. Притоа, во вестите поврзани со изборната кампања, кандидатките биле застапени само со 10% наспроти кандидатите со 90%, претставничките на политичките партии со 4% наспроти партиските претставници со 96%, носителките на државни функции со 21% наспроти мажите на овие позиции со 79%, експертките со 16% наспроти експертите со 84% и аналитичарките со 18% наспроти аналитичарите со 82%.

Традиционалните стереотипи во однос на улогите на мажот и на жената во семејството и во општеството се рефлектираат врз содржините во медиумите, кои понекогаш пренесуваат дури и понижувачки слики за жените. Ова понатаму влијае и врз улогата на жената во различни општествени области, како што се политиката, економијата, па и во секојдневниот живот. Внатре во редакциите, можеби бројот на новинари и новинарки е речиси изедначен, но затоа на раководните места – од уреднички до менаџерски, како и во сопственичките структури, доминираат мажите. Затоа, особено е значајно да се подига свеста меѓу уредниците, новинарите и сите медиумски работници за родовите прашања, при што, унапредувањето на знаењата од оваа област, треба да биде континуиран и систематски процес во текот на целата нивна кариера. Тоа ќе придонесе кон промовирање на принципите на родова еднаквост во медиумските содржини, како и кон поголема видливост на темите, проблемите и предизвиците што се однесуваат на родовите прашања.

Целите кои се посочени во Истанбулската конвенција, која е најзначајниот документ за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство, како и законската рамка во оваа сфера во Република Северна Македонија, треба да претставуваат основа за унапредување и промовирање на родовата еднаквост меѓу сите чинители во општеството. Медиумите и медиумските професионалци, пак, почитувајќи ги етичките и професионалните принципи кон кои треба да се придржуваат во нивната работа, имаат клучна улога во борбата против родово базираното насилство и промоцијата на принципите на родова еднаквост.

Следните препораки може да послужат како насоки, првенствено за медиумските професионалци, но и за новинарските и медиумските здруженија при евентуални дополнувања на етичката рамка за медиумското известување со специфичен фокус на родовите прашања. Од друга страна, пак, овие препораки може да им бидат од корист и на сите релевантни чинители кои работат во областа на унапредување и интегрирање на принципите на родовата еднаквост во различни општествени сфери.

Препораките можете да ги погледнете тука.